Прејди на содржината

Инхибитор на плазминоген активатор

Од Википедија — слободната енциклопедија

Со поимот инхибитор на плазминоген активатор (англиски: plasminogen activator inhibitor) се означуваат белковини во крвта, кои имаат улога во коагулацијата на крвта. Тие делуваат како инхибитори на фибринолизата. До денес се познати четири типови на инхибитори на плазминоген активаторот, од кои тип 1 има најзначајна улога.

Инхибиторот на активаторот на плазминоген тип 1 (PAI-1) е главниот инхибитор на ткивниот специфичен плазминоген активатор ( t-PA) и урокиназата, кои го претвораат неактивен плазминоген во плазмин. Задачата на плазминот е да ги разложи фибринските полимери, кои како производи на коагулација го запираат крварењето со тоа што го разградуваат фибринот и фибриногенот. Со тоа, плазминот има спротивно дејство од тромбинот, кој има улога да доведува до брза хемостаза преку формирање на тромб, со тоа што го претвора фибриногенот во леплив и нерастворлив фибрин кој потоа полимеризира. PAI-1 припаѓа на суперфамилијата белковини наречени серпини. Документиран е (редок) наследен дефицит на PAI-1 предизвикан од мутација на генот SERPINE1.

Инхибиторот на активаторот на плазминоген тип 1 се синтетизира од ендотелијалните клетки, мегакариоцитите, како и во адипоцитите на висцералната маст, во зависност од нивната состојба на полнење. 80% од активноста на PAI-1 во крвта е присутна во тромбоцитите. Во примарното на дефектот на васкуларниот ѕид, активираните тромбоцити лачат PAI-1 и со тоа спречуваат предвремена лиза (разложување) на фибринот на местото на раната.

Кај адипозитас (дебелина), со зголемувањето на висцералното масно ткиво, присуството на дијабетес мелитус тип 2 или на метаболички синдром, постои зголемување на секрецијата на PAI-1 од страна на масните клетки (адипоцити), а со тоа и зголемување на ризикот од формирање на периферни тромби со можност за емболија и срцев или мозочен инфаркт.

Наводи[уреди | уреди извор]