Зигфрид (опера)
Зигфрид Siegfried | |
---|---|
Музичка драма од Рихард Вагнер | |
Жан де Реске како Зигфрид (околу 1896) | |
Либретист | Рихард Вагнер |
Јазик | Германски |
Засновано на | Нордиски и германски преданија |
Премиера | 16 август 1876 |
Зигфрид (германски: Siegfried) — трета опера во тетралогијата на епските опери Прстенот на Нибелунзите на германскиот композитор Рихард Вагнер. Вагнер првично немал намера да создаде тетралогија, туку само херојска опера во три чина, Смртта на Зигфрид, од која на крајот произлегле четири опери.[1] Премиерата на Зигфрид била изведена во Бајројт на 6 август 1876 година. Останатите три опери во циклусот се Рајнско злато, Валкира и Самрак на боговите.
Лица
[уреди | уреди извор]- Зигфрид, тенор.
- Брунхилда, сопран.
- Патник (Вотан), бас.
- Миме, тенор.
- Алберих, бас.
- Фафнер, бас.
- Ерда, алт.
- Шумска птица, сопран.
Синопсис
[уреди | уреди извор]Прв чин
[уреди | уреди извор]Џуџето Миме, братот на Алберих, кова меч во својата шумска пештера. Кова меч за младиот Зигфрид, момче кое го одгледал за да го убие џинот Фафнер за него, кој претходно се претворил во змеј користејќи го волшебниот Тарнхелм. Но, Зигфрид успевал да го скрши секој меч што Миме би го исковал за него. Младиот човек се враќа од шумата и бара Миме да му каже кои се неговите родители, па Миме е принуден да му каже како ја пречекал Зиглинда, мајката на Зигфрид, во неговиот дом, која потоа умрела на породување. Кога умрела, на Миме му ги оставила остатоците од скршениот меч на Нотунг, за кој Зигфрид му наредил на Миме повторно да го искова.
Кога Зигфрид повторно заминал, Миме бил очаен бидејќи знаел дека не е способен повторно да го искова волшебниот меч. Тогаш ненадејно се појавува Вотан преправен во залутан старец и, разговарајќи со Миме, му нуди да му постави три загатки, а ако Вотан не одговори точно, ќе ја изгуби главата. Миме се согласува и му ги поставува следните загатки: кои раси живеат во подземјето, на површината и на небото. Вотан точно одговорил дека тоа се Нибелунзите, џиновите и боговите. Сега Миме мора да одговори на гатанките на Вотан: која раса му е најдрага на Вотан, а во исто време најмногу патела од него; кое сечило може да го убие Фафнер; кој може да го искова тоа сечило. Миме успешно одговори на првите две прашања (Велзунзи и Нотунг), но на последното не знае да одговори. Вотан го поштедува и му вели дека тој е само оној кој не го познава стравот. Потоа го остава Миме и си оди, откако му кажа на Миме дека неговата глава му ја остава на тој човек.
Зигфрид се враќа, изнервиран од неуспехот на Миме. Џуџето сфаќа дека единственото нешто што Зигфрид сè уште не го научил е стравот, па се нуди да го научи. Овој ентузијастички прифаќа, љубопитен, а потоа успешно го кова самиот Нотунг. Миме се сети како Вотан, поштедувајќи го, неговата глава му ја остави на оној кој не знае за страв, па тајно подготви отров за Зигфрид, кој ќе му го даде откако змејот ќе биде убиен.
Втор чин
[уреди | уреди извор]Алберих е пред пештерата на Фафнер и размислува за волшебниот прстен. Пристигнува Вотан и двајцата веднаш се препознаваат. Кога Алберих вели дека има намера да му го земе прстенот на Фафнер и да владее со светот, Вотан одговара дека нема намера да му го земе прстенот на змејот. Потоа го буди змејот и го предупредува дека доаѓа херој кој сака да се бори со него; Фафнер е рамнодушен. Алберих ја искористил приликата да му го побара прстенот, но тој го одбил неговото барање и повторно заспал во пештерата. Заминуваат и Алберих и Вотан.
Пристигнуваат Миме и Зигфрид. Миме го остава Зигфрид да се бори со Фафнер и заминува додека не заврши борбата. Зигфрид веќе некое време размислува за своите родители. Кога ќе ја слушне песната на шумската птица, се обидува да направи флејта од трска и да одговори, но не успева. Потоа го зема својот ловечки рог и дува, повикувајќи го Фафнер. Се појавува змеј и двајцата се борат; Зигфрид победува. Пред да умре, Фафнер, откако го дознал името на Зигфрид, го предупредува да се чува од предавство. Извлекувајќи го мечот од трупот, Зигфрид се заплискува со крвта на змејот, која го гори, па инстинктивно го става прстот во устата. Тој со чудење сфатил дека со лижење на крвта на змејот стекнал способност да ја разбере песната на шумската птица. Таа му вели да ги земе волшебниот прстен и Тарнхелм од богатството на Фафнер. Зигфрид оди во пештерата.
Миме пристигнува за да се увери во смртта на Фафнер. Во исто време пристигнува и Алберих. Браќата џуџиња се караат кој ќе ги добие прстенот и богатството. Гледајќи дека Зигфрид се враќа, Алберих заминува, а Миме се крие. Зигфрид ги зема со себе Тарнхелм и прстенот; птицата му пее дека Миме подготвува предавство.
Џуџето повторно се појавува. Тој му нуди отров на Зигфрид, но Зигфрид го убива.
Сега птицата му пее на Зигфрид за преубавата Брунхилда која спие на карпа опкружена со пламен. Зигфрид е опчинет и почнува да ја следи птицата, која го води до карпата на Брунхилда.
Трет чин
[уреди | уреди извор]Вотан се појавува во подножјето на Карпата на Брунхилда. Таму ја повикува божицата на земјата и мудроста, Ерда. Ерда изгледа збунето и не успева да го посоветува. Вотан ѝ кажува дека повеќе не се плаши од крајот на боговите, туку го посакува, за да му ја остави својата моќ како наследство на Зигфрид. Зигфрид е отпорен на клетвата на прстенот, бидејќи не знае за страв. Тој вели и дека Брунхилда, неговата и ќерката на Ерда, ќе изврши дело што ќе го искупи светот.
Доаѓа Зигфрид, а Вотан почнува да го испрашува. Зигфрид не знае дека Вотан, всушност, е негов дедо, па арогантно одговара на неговите прашања и се обидува да продолжи по патот до карпата на Брунхилда. Вотан му го попречува патот, велејќи му дека ќе му се скрши моќта ако помине низ огнот. Меѓутоа, Зигфрид побрза да помине и со својот Нотунг му го скрши копјето на Вотан, кое го користеше за да му го попречи патот. Вотан мирно ги зеде парчињата од копјето, го пушти Зигфрид да помине во пораз и исчезна. Зигфрид продолжи по патот кон карпата.
Поминувајќи низ огнот и качувајќи се на карпата, Зигфрид го гледа заспаното тело на Брунхилда, но бидејќи таа носи оклоп, тој мисли дека е машко. Полека и го извадил оклопот и сфатил дека е жена - нешто што досега не го видел. Не знаејќи што да прави, Зигфрид за прв пат почувствува страв и опиен од нејзината убавина и во исто време опчинет ја бакна. Брунхилда се буди. Таа на почетокот е несигурна, но набрзо ја плени љубовта на Зигфрид и му возвраќа на чувствата. Брунхилда се откажува од светот на боговите и двајцата заедно пеат на „светлата љубов и радосната смрт“.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Kovačević, Krešimir, уред. (1977). MUZIČKA enciklopedija. 3, Or-Ž (2. изд.). стр. 703.
|