Егзит — музички фестивал кој се одржува еднаш годишно на Петроварадинска тврдина во Нови Сад, почнувајќи од 2000 година, и обично трае четири дена. Важи за еден од најголемите музички фестивали во југоисточна Европа.
Покрај титулата „најдобар европски фестивал“ освоена на Европските фестивалски награди во Холандија, 2014 година со 620.000 гласови од целиот свет, Егзит во 2007 година е прогласен за најдобар европски фестивал и на Британските фестивалски награди.
Фестивалот добивал признанија и за него било пишувано од медијските магнати како Си-ен-ен, Би-би-си, Тајм, Гардијан, Сан, Дејли мејл, Индепендент.
Околу три милиони луѓе од над 60 држави во светот го посетиле фестивалот кој бил домаќин на најголемите музички ѕвезди на денешницата како и многубројни домашни и регионални ѕвезди.
Иако секоја година фестивалот има различен број и распоред на сцените, некои од нив посебно се издвојуваат:
Главна сцена (англиски: Main Stage) - има капацитет од 35.000 луѓе. Таа е најголемата сцена на Егзит на која настапуваат најзвучните имиња на конкретната фестивалска година.
Денс арена (англиски: Dance Arena) е една од најголемите арени во Европа со капацитет од 25.000 луѓе. Смештена е помеѓу ѕидините на тврдината и во неа се изведуваат сите типови на електронска музика
Експлозив сцена (англиски: Explosive Stage) има капацитет од 5.000 луѓе. На неа воглавно се изведува метал и панк музика.
Фјужн сцена (англиски: Fusion Stage) - е резервирана за домашните и регионални рок, поп и други бендови.