Добре дојдовте, господине Ченс

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Добре дојдовте, господине Ченс“ или „Присутност“ (англиски: Being There) — филм на режисерот Хал Ешби од 1979 година. Филмот е снимен според романот „Присутност“ на Јежи Косински, кој е автор на сценариото. Главните улоги ги играат: Питер Селерс, Џек Ворден, Ширли Меклејн, Ричард Дисарт, Џејмс Ноубл, Дејвид Кленон, Мелвин Даглас итн. Филмот се смета за еден од најпровокативните филмови на преминот меѓу 1970-тите и 1980-тите, а критичарите го толкувале различно: како критика на телевизијата и масовните медиуми, како ироничен коментар на современото американско општество итн. Филмот освоил бројни награди, како: „Златна палма“ на Канскиот фестивал, Кошињски бил награден со БАФТА за најдобро сценарио, Питер Селерс бил номиниран за „Оскар“ и БАФТА за главна машка улога, а го освоил „Златниот глобус“, додека Мелвин Даглас ги освоил наградите „Оскар“ и „Златен глобус“ и главната награда на филмските критичари на Лос Анџелес за споредна машка улога.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Господинот Ченс (го игра Селерс) живее со својот господар во куќа со градина, која се наоѓа во Вашингтон. Тој никогаш не излегува надвор од дворот на куќата, а неговиот живот се сведува на уредување на градината и гледање телевизија. Притоа, тој воопшто не го познава надворешниот свет, но сепак е сосема задоволен од својот живот. Меѓутоа, неговиот господар умира и тој е принуден да ја напушти куќата, а сос ебе го зема само далечинскиот управувач за телевизорот. Набргу, него го напаѓа група деца и, бидејќи не ја разликува стварноста од телевизиската програма, тој мисли дека од нив ќе се ослободи со далечинскиот управувач. Бидејќи нема смисла за стварноста, тој користи само едноставни изрази, но луѓето сметаат дека неговите реченици имаат метафорично значење и го сметаат за мудрец. Така, тој станува гуру на припадниците на високите американски деловни, политички и медиумски кругови...

Наводи[уреди | уреди извор]