Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Момент после потпишувањето на декларацијата

Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија (англиски: - U.S.-Macedonia Declaration of Strategic Partnership and Cooperation) е четврти по ред стратегиски договор кој меѓусебно го потпишале Република Македонија и САД. Декларацијата е потпишана во Вашингтон на 7 мај 2008 од страна на македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошески и америкаскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Ова е најголемиот и најзначајниот документ во Македонско-американските односи.

Значење и обврски на декларацијата[уреди | уреди извор]

Потпишувањето на декларацијата уследи поради грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во Април 2008. Поради неуспехот на американскиот претседател Џорџ Буш да издејствува членство на Македонија во алијансата беше донесен предлог да се потпише декларација со која САД ја гарантира безбедноста на Македонија, но тоа да не може да биде замена за членство во НАТО[1]. Со Декларацијата се потенцира определбата за зајакнати трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите помеѓу Американците и Македонците, преку промоција на културна и образовна размена[2].



Текст на декларацијата[уреди | уреди извор]

Соединетите Американски Држави и Република Македонија се решени да го прошират и продлабочат блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности.

Двете земји сакаат да ги зацврстат своите стратешки односи преку интензивирање на консултации и соработка во областите на безбедност, врски помеѓу граѓаните, како и во трговијата.

Соединетите Држави и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постоечки граници.

Македонија и Соединетите Држави забележуваат дека Македонија, како демократска, безбедна и просперитетна земја, со пријателски и конструктивни односи со своите соседи, и како активен учесник во регионалните и меѓународните економски, политички и безбедносни форуми, е витална за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.

Во оваа смисла, Соединетите Држави продолжуваат да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија. Во интерес на едно уште поцврсто партнерство, Соединетите Држави имаат намера веднаш да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија за да се помогне во изградбата на просперитет, за да се зајакне безбедноста и за да се поттикнат уште подлабоки врски помеѓу нашите две земји.

Македонија изразува длабока благодарност на САД за досегашната помош на граѓаните на Македонија во нивните напори да го институционализираат и да го направат траен демократскиот процес преку кој се остваруваат нашите заеднички вредности за мир, слобода, владеење на правото, и слободна пазарна економија.

Македонија, исто така ја цени и потврдува поддршката на САД за реформирање и зајакнување на вооружените сили на Македонија.

Како надградба на нашето веќе силно партнерство во борбата против глобалниот тероризам и промовирањето на меѓународната стабилност, што се гледа преку нашите војници кои заедно служат во Ирак и Авганистан, нашите цивилни и воени офицери планираат да ги интензивираат своите билатерални контакти на високо ниво и да бараат можности за повеќе заеднички обуки и вежби за да ја зајакнат интероперабилноста на нашите сили и да го зацврстат нашето партнерство во промовирањето на меѓународната безбедност и борба против производството на оружје за масовно уништување.

Како одговор на заедничката желба за проширување на трговијата и инвестициите, Соединетите Држави и Македонија ќе бараат начини за зајакнување на економските врски и ќе преземат дополнителни мерки да ја зајакнат конкурентноста на македонската економија и да ги прошират можностите за американските и македонските бизниси.

Соединетите Држави ги поддржуваат континуираните напори на Македонија да изгради поволна клима за бизнис што е атрактивна за Соединетите Држави и за други странски инвестиции. Македонија изразува благодарност за можноста да го искористи Генерализираниот систем на преференци (ГСП) за да ја зајакне билатералната трговска размена. И двете земји го поддржуваат понатамошното проширување на трговските односи.

Македонија изразува задоволство од успешната имплементација на програмите за техничка помош на УСАИД во областите на демократија, економски раст и образование, и потврдува дека сака соработката во овие области да продолжи.

Двете земји исто така бараат можности да изградат поблиски и поцврсти врски помеѓу нивните граѓани и ќе преземат практични чекори за промовирање на размената во областите на образованието и културата.

Декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт јасно стави до знаење дека Република Македонија ги исполни демократските, економските и одбранбените стандарди на НАТО преку своето ригорозно учество во Акциониот план за членство.

Соединетите Држави продолжуваат да работат со нашите сојузници во НАТО за да ја одржат цврстата соработка на Македонија со НАТО во рамките на постоечките механизми додека земјата чека на покана за членство.

И двете земји очекуваат Македонија да се приклучи на НАТО што е можно побргу. Нашата интензивирана соработка во овој момент дополнително ќе ја зацврсти подготвеноста на Македонија во блиска иднина да ги преземе обврските и одговорностите во Алијансата.

Наводи[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]