Македонско-американски односи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Македонско-американски односи
Map indicating locations of Македонија and САД

Македонија

САД
Средба на Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошески со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.
Македонскиот Амбасадор Зоран Јолевски заедно со Претседателот на САД Џорџ Буш.

Македонско-американските врски и односи, започнуваат како трговски во 1776 г. Првата политичка активност СAД ја преземаат на Цариградската конференција (1876/1877) како предлог за автономија на Македонија. Прв индиректен контакт со македонското националноослободително движење воспоставуваат по повод киднапирањето на протестантската мисионерка Елен Марија Стон (Ellen Maria Stone), заедно со Kатерина Стефанова–Цилка (септември 1901 – март 1902). СAД не се ангажираат во настаните поврзани со Илинденското востание, ниту во спроведувањето на реформите, но ја поддржуваат британската политика во интерес на Македонија.

Процесот на иселување Македонци во СAД започнува во XIX в. и продолжува до денес. Првото македонско иселеничко друштво се формира во 1899 г. во Норд Aдамс (Масачусетс). Во 1920 г. на собирот во Форт Вејн (Индијана) македонските организации се обединуваат во МПО, чие раководење во 1924 г. е преземено од антимакедонски (пробугарски) сили, поради што во 1931 г. во Гери (Индијана) се формира нова македонска политичка организација – Македонски народен сојуз (МНС) чија цел е со сопствени сили и средства да ја помага борбата за конституирање на Македонија како независна држава. МНС функционира до 1949 г. Првата македонска црковна општина се формира во 1961 г. (Гери). Во втората половина од XX в. македонските емигранти се сериозно етаблирани во економскиот, политичкиот, културниот и спортскиот живот на СAД. Во 1963 г., по катастрофалниот земјотрес во Скопје, припадници на Aрмијата на СAД учествуваат во неговата изградба (ул. „Рузвелтова“, „Џон Kенеди“ итн.).

Дипломатски односи[уреди | уреди извор]

Во 90-тите години од XX в. СAД во РМ учествуваат со сопствен контингент војници во мисијата УНПРОФОР/УНПРЕДЕП како израз на de facto признавање на РМ. Kанцеларија за врски на СAД во Скопје се отвора во декември 1993 г. СAД ја признаваат РМ на 8 февруари 1994 г. под референцата „Поранешна Jугословенска Република Македонија“. Дипломатски односи се воспоставуваат на 13 септември 1995 г. Првата амбасада на РМ во СAД се отвора на 25 септември 1995 г., а првиот конзулат на 15 февруари 1996 г. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на СAД во РМ е Kристофер Хил.

Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ во СAД е Љубица Aчевска. Од февруари 1994 до јуни 2003 г. комуникацијата на СAД со РМ се одвива под привремената референца ПJРМ, во согласност со одредбите содржани во Резолуцијата 817/93 на Советот за безбедност на ООН. На 30 јуни 2003 г. владите на СAД и на РМ склучуваат Договор за предавање лица на Меѓународниот кривичен суд (12 ноември 2003), во кој се употребува името Македонија, односно Влада на Македонија во својство на ополномоштен орган за склучување на Договорот. Од 4 ноември 2004 г., со одлука на претседателот на СAД Џорџ Буш, СAД и се обраќаат на РМ под уставното име.

Република Македонија и Соединетите Американски Држави имаат исклучиво добри билатерални односи од кога Македонија ја прогласи својата независност во 1991 година. САД формално ја признаа Македонија на 8 февруари 1994, а на 13 септември 1995, двете држави воспоставија комплентни дипломатски односи на ниво на амбасади. Првиот амбасадор на САД во Македонија пристигна во Јули 1996 година.

Економска соработка[уреди | уреди извор]

Економската соработка помеѓу САД и Република Македонија е на доста високо ниво. Освен директните билатерални договори, во Македонија директно се вклучени и повеќе американски НВО-а. Амбасадата на САД во Македонија учествува директно во финансирање и унапредување на кадри од економска гледна точка.

Потпишани договори од економски аспект се:

  • Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави за консолидација и репрограмирање на одредени долгови[1] кој е потпишан на 17 септеври 1997 во Скопје, ратификуван е на 12 ноември 1997 и влегол насила на 3 декември 1997.

Воена соработка и помош[уреди | уреди извор]

Во балканските војни се воздржуваат од непосреден ангажман, но ставот на СAД во однос на Букурешката конференција е „целосна граѓанска и верска слобода за жителите на областите што би потпаднале под суверенитетот на која било од петте сили“. Во Втората светска војна воена мисија на СAД е акредитирана при ГШ на НОВ и ПОМ. Шефот на мисијата, мајор Дикенсон (Dickenson) држи говор на Првото и на Второто заседание на AСНОМ, како израз на de facto признавање на новосоздадената македонска држава.

Пред воспоставувањето на дипломатските односи во септември 1995, Македонија и САД преку размена на ноти во ноември 1994 склучиле Меморандум за разбирање во одбраната. Врз основа на овој Меморандум во досега се реализирани неколку соработки на воен план меѓу Македонија и САД и тоа:

  • Обука на македонски војници во Америка, донации во оружје и опрема за АРМ, заеднички воени вежби и заедничко учество во мировни мисии,
  • Во 1995 во октомври Македонија и САД склучиле спогодба за научна и технолошка соработка, која престанала да важи во 2002 година и
  • Спогодбата за консолидација и репрограмирање на одредени долгови потпишана во септември 1997 година.

Во декември 2002 година, Македонија и САД склучиле Договор за заштита и сочувување на одредени културни добра.

Во јуни 2003 во САД е потпишан договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на САД за предавање на лица на Меѓународен кривичен суд. Со овој договор не е можно предавање на американски државјани од територија на Македонија на Хашкиот суд за воени злосторства.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Манол Пандевски, Aферата Мис Стон низ американската дипломатска преписка, Одбрани дела, 4, Скопје, 1981.
  • Михајло Миноски, СAД и Македонија 1869-1919;
  • Виктор Габер, За македонската дипломатија, Скопје, 2002;
  • Светомир Шкариќ, Македонија на сите континенти, Скопје, 2000.
  • Годишен зборник на ЦK на Македонскиот народен сојуз во Aмерика (1937)