Дамата со куче

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Дамата со куче“
од Антон Чехов
Изворен насловДама с собачкой
ДржаваРусија
ЈазикРуски
Жанр(ови)Расказ
Издаден воРуска мисла
Датум на издавањеДекември 1899
Споменик на „Дамата со куче“ во Јалта

Дамата со куче (руски: Дама с собачкой) — расказ на рускиот писател Антон Павлович Чехов, објавен во декемвриското издание на списанието „Руска мисла“ во 1899 година.[1] [2] Се смета за еден од најдобрите и најпознатите раскази од неговиот опус. Заплетот започнува со доаѓањето на несреќно омажената Ана Сергеевна на Јалта, каде што другите гости и го даваат името „Дамата со куче“. Наскоро Ана го запознава оженетиот банкар Дмитриј Гуров, со кого влегува во вонбрачна врска.

Расказот е напишан во 1898 година, за време на престојот на писателот на Јалта, каде што престојувал по совет на лекар, за да види дали топлата клима ќе му помогне да престане со напредната туберкулоза. Внимателниот стил, меланхоличен тон и отсуството на пресврти во заплетот, ниту разрешувањето на судбината на јунакот на крајот, го направија „Дамата со куче“ еден од највлијателните раскази во светската книжевност и миленик на книжевната критика. Владимир Набоков го сметал за еден од најдобрите раскази на сите времиња.[3]

„Дамата со куче“ послужил како предлошка за неколку театарски претстави. Успешно бил адаптиран во истоимениот филм во режија на Јосиф Хајфиц во 1960 година. Исто така, заедно со уште три раскази на Чехов, на Никита Михалков му послужил да го напише сценариото за филмот „Црни очи“ од 1987 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Оженетиот средовечен банкар Дмитри Гуров ја запознава Ана Сергеевна, мажена млада жена, додека е на одмор во Јалта. И двајцата се длабоко несреќни во нивните бракови. Една недела по средбата, тие започнуваат прељубничка врска. Гуров е голем женкар, а прељубата не му е непозната, додека ова е прва врска на Ана. Кога ќе заврши одморот, Дмитриј се враќа во Москва, а Ана се враќа кај сопругот во гратчето С. Јунакот не може да ја заборави својата љубовница и не може повторно да влезе во секојдневниот живот на Москва. Тој решава да оди во С. и да ја посети Ана. По неколку обиди да ја сретне, тој успева да ја сретне во локалниот театар, каде што ѝ изјавува љубов. Ана му ветува дека ќе дојде во Москва да го посети. Раскажувањето се забрзува и читателот се запознава со тоа дека Ана и Дмитриј редовно се среќаваат во хотели, со голема надеж, но без многу изгледи, дека ќе можат да ја остварат својата љубов надвор од тајните средби меѓу четирите ѕида на хотелските соби.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Surprised by love: Chekhov and "The Lady with the Dog".(Critical Essay)
  2. Дама с собачкой (руски)
  3. From Vladimir Nabokov's Lectures on Russian Literature, quoted by Francine Prose in Learning from Chekhov, 231.