Гоце Николовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гоце Николовски
Роден Гоце Николовски
1947
Скопје, НР Македонија, ФНРЈ
Починал 16 декември 2006(2006-12-16) (возр. 58–59)
Скопје, Македонија
самоубиство
Познат музичар, пејач
Занимање естраден уметник
Сопружник Весна Николовска
Деца Александар Николовски, Катарина Николовска

Гоце Николовски (Скопје, 1947 - Скопје, 19 декември 2006) — познат македонски пејач на народна музика. Познат е по својот голем хит „Бисер балкански“.

Животопис[уреди | уреди извор]

Гоце Николовски е роден во 1947 година во Скопје, НР Македонија. Музичката кариера ја започнува со шеснаесет години во градот Ниш, каде што живее. Победник е во тогаш популарната емисија „Максиметар“ и уште тогаш ја навестува својата музичка кариера. Почнува во групата „Рубинси“, но многу брзо преминува во тогаш најпопуларната нишка поп-рок група „Далтони“. Славата на оваа група се шири по Југославија, а нивната песна „Рука од сна“, и денес често може да се чуе на нишките радио станици. Својата популарност како музичар и пејач во Македонија ја достигнува во 1990 година кога на Фолк Фест Валандово за прва пат ја изведува легендарната македонска песна „Бисер балкански“. Песната ја добила првата награда на фестивалот во конкуренција од повеќе изведувачи од Југославија. Песната наскоро станала многу позната, голем хит и широко прифатена од македонската публика и од македонскиот народ воопшто. Бидејќи песната се испеа на самиот распад на Југославија, Македонците си ја прифатија како симбол на својата долгочекана независност и сувереност и симбол на македонштината, а во дијаспората честопати била изведувана како македонска химна. Гоце Николовски често бил нарекуван и како бисер балкански, по името на својата песна. Низ текот на годините, Гоце Николовски издал и неколку други песни како „Серенада', „Приказна за Ангелина“, „Запејте сите ангели“, „Бисера“, „Песна од земја далечна“, но никоја од нив не ја достигнала популарноста на песната „Бисер Балкански“. Во 1992 година, Николовски учествувал на фестивал во Канбера, фестивал сличен на Фолк фест Валандово со песната „Од мајка нема помила“. Во Австралија и Канада, Николовски уживал многу поголема популарност отколку во татковината, факт кој го докажуваат големиот број продадени дискови, кои се популарни и продавани и неколку години по неговата смрт. Поради неговиот придонес за македонската заедница во Австралија, Николовски бил прогласен за почесен граѓанин на Аделаида, а градоначалникот на овој град му доделил на Гоце почесен „клуч на градот“. Повеќе тв и радио станици од Македонија и дијаспората на македонскиот музички бисер посмртно му доделија награди за животно дело. Неговиот голем хит „Бисер балкански“ во 2000 е прогласен за песна на векот во Македонија. Поради своите музички квалитети и придонес за македонската народна музика, Гоце Николовски спаѓа во редот на најголемите музички имиња во македонската историја, а неговите песни остануваат да не потсетат на нашето тешко минато и тешкотиите кои не смеат да бидат заборавени.

Трагична смрт[уреди | уреди извор]

На 16 декември 2006 година, соседството на Николовски слушнало истрел од пиштол околу 22:00 часот. Околу два часот ноќта, во домот се враќа неговиот син Александар, кој го пронаоѓа безживотното тело на татка си и ја повикува полицијата. Во 03:00 часот, полицијата пристигнала во станот на Николовски пронаоѓајќи го мртвото тело на македонскиот пејач. Гоце Николовски извршил самоубиство, испукувајќи куршум во својата глава. Николовски бил сам дома. Телото на покојниот било во неговиот стан, покрај него пиштолот и порака до своето семејство.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]