Господа Головлеви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Господа Головлеви (руски: Господа Головлевы) - роман на рускиот писател Михаил Салтиков-Шчедрин од 1876 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од седум делови:[1]

  • Семеен суд
  • По роднински
  • Семејни сметки
  • Роднина
  • Недозволени семејни радости
  • Изумирање
  • Пресметка

Семеен суд[уреди | уреди извор]

Арина Петровна Головлева е средовечна жена, сопственичка на голем посед со околу 4.000 кметови. Целиот живот го минува страсно посветувајќи се на зголемување на своето богатство и притоа целосно го запоставува своето семејство: уште од почетокот, со сопругот живее во лоши односи, а кон децата се однесува студено и отсутно. Подоцна, кога тие ќе пораснат, таа не може да ги поднесе, зашто сите тие се мрзеливи и неспособни. Еден ден, надзорникот на нејзинито имот ѝ соопштува дека нејзиниот најстар син, Степан, ја изгубил куќата во Москва, зашто бил заглавен во долгови. По извесно време, потполно осиромашениот Степан се враќа на имотот во Головлево, а мајка му му дозволува да остане, но тој е принуден постојано да живее затворен во една мала соба, се храни сосема оскудно, а мајка му воопшто не зборува со него. Еден ден, тој исчезнува, а потоа го наоѓаат во очајна состојба во другото село. По неколку дена, Степан умира.[2]

По роднински[уреди | уреди извор]

Десет години подоцна, Арина е веќе стара и живее во Дубровино, на имотот на својот син Павле, откако претходно синот Порфириј ја брка од имотот во Головлево. Пропаста на Арина започнува во времето кога се подготвувало укинувањето на кметството, кога таа станува вознемирена за својата иднина. По смртта на сопругот, таа го им го дели имотот на синовите Порфириј и Павле. Притоа, таа продолжува да живее во семејната куќа во Головлево и со уште поголем жар раководи со имотот во полза на Порфириј, кој останува да живее во Петроград. Сепак, откако таа уште повеќе го зголемува богатството, еден ден, Порфириј се враќа во Головлево и таа е принудена да се пресели во соседното село Дубровино, кај синот Павле. Павле, пак, е премногу апатичен, без енергија и мрзелив, така што неговиот имот пропаѓа, а тој го мрази својот брат, кој цело време крои планови како да му го земе имотот. Со текот на времето, Павле станува алкохоличар и умира, по што целиот негов имот му припаѓа на Порфириј. Така, Арина, не можејќи да го поднесе лукавиот и лицемерен Порфириј, присилена е да замине на имотот на својата покојна ќерка Ана, заедно со нејзините две внуки, близначките Анинка и Љубинка.[3]

Семејни сметки[уреди | уреди извор]

На имотот во Погорелка, Арина живее сиромашен, осамен и здодевен живот, а по некое време, внуките Анинка и Љубинка ја напуштаат и таа останува сама. Тогаш, таа се чувствува целосно изнемоштена и без волја, препуштајќи им се на спомените. Поради тоа, Арина ги обновува врските со синот Порфириј и започнува често да го посетува во Головлево. Во меѓувреме, едниот син на Порфириј (Волоѓа) извршил самоубиство, другиот син (Пеќенка) живее во Петербург, а Порфириј живее во вонбрачна врска со ќерката на свештеникот. Еден ден, во Головлево неочекувано пристигнува Пеќенка, кој проневерил пари од армиската каса поради што му се заканува затвор. Татко му одбива да му позајми пари и меѓу нив започнува тешка кавга во која Пеќенка го обвинува татко му за смртта на Волоѓа. Во тој миг, пред очите на Арина поминува целиот нејзин живот и таа го проколнува синот Порфириј.[4]

Роднина[уреди | уреди извор]

По заминувањето од Головлево, Петар (Пеќенка) е осуден на прогонство во Сибир, но умира во некој попатен град. По некое време, Арина умира и така Порфириј останува сам. Еден ден, во Головлево пристигнува Анинка која, заедно со сестра ѝ, работи како глумица. Порфириј упорно сака да ја задржи кај себе, но откако ги завршува административните работи околу наследството на имотот, таа си оди, згрозена од неговото лицемерно однесување. За време на престојот кај вујко ѝ, Анинка ја посетува родната куќа и гробот на бабата Арина и притоа се сеќава на минатото. Иако е незадоволна од својот живот на глумица, таа нема сили да се врати во родното место.[5]

Недозволени семејни радости[уреди | уреди извор]

Уште во времето кога Арина почесто го посетува Порфириј, таа забележува дека неговата вонбрачна жена, Евпраксејушка е бремена. Тогаш, Арина ја презема врз себе грижата за бремената жена, на задоволство на Порфириј, кој тајно се плаши од тој настан и никогаш не дава јавно признание дека тој е таткото на детето. Но, по смртта на Арина, Порфириј, кој врз сите сака да остави впечаток на голем верник, мора секојдневно да се соочува со сознанието дека направил грев. На денот на Еврпаксејушка почнува да се пораѓа, Порфириј цел ден останува скриен во својот кабинет, минувајќи го времето во постојани молитви. Евпраксејушка раѓа син кому му даваат име Владимир и дури тогаш Порфириј е принуден да донесе конкретна одлука: тој ѝ наредува на слугинката Уљитушка да го однесе неговиот вонбрачен син во домот за сираци во Москва.[6]

Изумирање[уреди | уреди извор]

Некое време по пораѓањето и губењето на синот, Евпраксејушка започнува да размислува за својата положба и за животот со здодевниот Порфириј. Наеднаш, таа започнува да му пркоси, а потоа и отворено му се спротивставува. Од страв да не остане сам, Порфириј не ѝ возвраќа, а Евпраксејушка го искористува тоа и продолжува да се однесува уште подрско: навечер се заклучува во собата и не му дозволува на Порфириј да влезе, често оди во посета на своите родители, сосема ги запоставува домашните обврски, а на крајот дури и отворено кокетира со слугите. Поразенито Порфириј потполно се повлекува во својата соба, ја губи врската со реалноста и живее заглавен во своите фантазии, правејќи фиктивни пресметки како да го зголеми своето богатство.[7]

Пресметка[уреди | уреди извор]

Еден ден, кон средината на декември, во Головлево неочекувано пристигнува една жена - слаба, веќе остарена, со пропаднат изглед. Тоа е Анинка која, по смртта на сестра ѝ Љубинка, одлучува да раскрсти со својот дотогашен живот. Претходно, двете сестри имале неуспешен обид да најдат работа во државниот театар во Москва, по што нивната театарска група се преселила во градот Самоварнов. Таму, Љубинка си нашла љубовник (капетанот Лулкин) и започнала да живее раскошен, но блуден живот. Анинка не го прифатила тој пат и поради тоа двете сестри ги прекинале односите. Истовремено, трговецот Кукишев започнал да ѝ се додворува на Анинка, но таа упорно го одбивала. Сепак, Кукишев и Љубинка започнале да прават разни сплетки поради кои страдала театарската кариера на Анинка, така што, најпосле, таа му станала љубовница на Кукишев. Во текот на една година, двете сестри живееле богато, но сето тоа завршило кога нивните љубовници биле уапсени поради проневера на државни пари. Притоа, Лулкин извршил самоубиство, а Кукишев бил осуден на прогонство во Сибир. Меѓутоа, двете сестри морале да поминат мачен период за време на судењето, кога биле понижени и осудени од целата јавност. Потоа, тие живееле во крајна сиромаштија, а Анинка станала алкохоличарка. Еден ден, Љубинка извршила самоубиство, а Анинка се вратила во Головлево.

За време на престојот во куќата на нејзиниот вујко, Анинка продолжува да се опива, а истовремено кај неа се забележуваат знаци на тешка болест. За тоа време, Порфириј и понатаму живее изолиран во својата соба, без контакт со околината и внесен во своите бесплодни фантазии. Неспособен да најде излез, тој ѝ се придружува на Анинка и двајцата ги минуваат деновите во пиење, придружено со меѓусебни кавги околу тоа кој е виновен за пропаста на членовите на семејството. За време на велигденските празници, Порфириј конечно се освестува и сфаќа дека целиот живот ги измачувал луѓето колу себе, но веќе е свесен дека пред него нема никаква иднина и дека е неспособен за никаква промена. Затоа, тој бара прошка од Анинка, во името на сите мртви роднини. Гризен од совеста, една студена ноќ, Порфириј заминува да го посети гробот на неговата мајка, а утрото го наоѓаат мртов крај патот. Кога гласникот пристигнува во куќата во Головлево, таму Анинка е веќе на умирање. Оттука, друг гласник заминува во блиското село Горјушкино, каде братучетката на Порфириј, која е единствената преостаната наследничка, веќе подолго време будно следи сè што се случува на имотот во Головлево.[8]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Големиот уметнички талент на Салтиков-Шчедрин дошол до целосен израз во „Господата Головлеви“. Романот се смета за негово најдобро дело во кое успеал на извонредно релјефен начин да го прикаже душевниот живот на членовите на семејството Головлеви, начин кој може да се спореди со најдобрите дела на светската книжевност. Особено се истакнува ликот на лицемерот Јудушка (Порфириј Головлев), кој стои рамо до рамо со ликовите од делата на Молиер, Шекспир и Достоевски. Атмосферата на овој роман е многу тешка и се граничи со трагизам, а сатирата на Салтиков-Шчедрин достигнува кулминација. Во опишувањето на процесот на постепеното згаснување на човечноста кај припадниците на ова семејство и во неговото неизбежно пропаѓање авторот се покажува не само како голем уметник, туку и како психолог.[9]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964.
  2. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-60.
  3. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 61-108.
  4. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 109-157.
  5. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 158-207.
  6. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 208-238.
  7. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 239-271.
  8. M. J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 272-312.
  9. P. Mitropan, „Satira M. Saltikova-Ščedrina“, во: M.J. Saltikov-Ščedrin, Gospoda Golovljovi. Beograd: Rad, 1964, стр. 317.