Бразилска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Бразилската книжевност ја сочинуваат книжевните дела создадени во Бразил.

Историјат[уреди | уреди извор]

Бразилската книжевност може да се подели на два периода: колонијален и национален. Колонијалната книжевност во Бразил, преку епски наративи, главно обработува историски и географски теми, најчесто поврзани со освојувањето на земјата од страна на Португалците, борбите со домородното население и истражувањата на внатрешноста на Бразил. Во 16 и во 17 век, настанале епови поврзани со војната со Шпанците и со натамошните освојувања на Португалците. Овие колонијални теми продолжиле да го заземаат централното место во бразилската книжевност и во 18 и во 19 век. Дури кон крајот на 19 век, со појавата на Жорже де Лима, Карлос Друмонд де Андраде и Хоаким Мари Мачадо де Асис, вниманието на бразилската книжевност се поместило кон локалните и кон националните теми, а некои автори почнале да пишуваат и за индијанските теми. Подоцна, со делата на Марио де Андраде, бразилската книжевност започнала да се поместува од романтизмот и натурализмот кон социјални и реалистични теми, како и кон експерименти со јазикот и со фолклорот.

Националниот идентитет е една од најприсутните теми во бразилската книжевност. Според бразилскиот критичар Роберто Шварц, бразилските писатели биле вешти во имитирањето на европските стилови, особено на реализмот и натурализмот, но се соочувале со сериозни проблеми во сликањето на бразилската реалност. Следната голема промена во бразилската книжевност се случила во 1930-тите, кога тогашните интелектуалци ја истакнале силната врска меѓу книжевноста и политичката клима во земјата. Во тој период, бразилската книжевност била под силно влијание на судирот меѓу колонијалното и европското минато со новото национално чувство, борбата меѓу традицијата и технологијата и модернизмот, како и социјалната нерамнотежа во земјата. Во тој период, бразилските модернисти започнале да ги напуштаат традиционалните форми на пишување и да ги одразуваат космополитизмот и културната и националната свест по револуцијата од 1930 година.

Особено значаен настан за развојот на бразилската книжевност било одржувањето на Неделата на модерната уметност во Сао Паоло, во 1922 година, која претставувала првото вистинско одвојување на бразилските писатели од сенката на европската книжевност и создавање на првите генерации независни автори. Како најзначајни автори од овој период се истакнуваат: Мануел Бандеира, Карлос Друмонд де Андраде, Жоао Гимараеш Роза, Жорже Амадо, Кларис Лиспектор и Сесилија Меирелес. Инспирирани од експерименталните техники на француските и на американските писатели, многу бразилски автори започнале да го истакнуваат латиноамериканското гледиште кон прашањата со универзален карактер.

Во текот на 20 век, во бразилската книжевност започнуваат да се наметнуваат и жените и Црнците, кои претходно немале големи можности за објавување на своите дела. Притоа, во прозата била присутна потрагата по интимната, ретроспективната и психолошката книжевност, а регионализмот добил нова димензија во преобликувањето на обичаите и на говорот. Во текот на 1960-тите и 1970-тите, книжевните дела ја одразувале суровата реалност поврзана со воената диктатура во која владеела строга цензура. Проучувањето и збогатувањето на јазикот претставува уште една одлика на бразилската книжевност во 20 век, а во прозата започнале да се наметнуваат кратките форми (расказите и хрониките).[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Огнена Никуљски, „Вовед“, во: Антологија на бразилскиот расказ. Скопје: Три, 2012, стр. 5-11.