Балтазар, случајно (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Балтазар, случајно (француски: Au hasard Balthazar) - француски филм од 1966 година, во режија на Робер Бресон, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Ан Вјаземски, Волтер Грин, Франсоа Лафарж, Жан-Клод Жилбер, Филип Аслан и Пјер Клосовски. Филмот има освоено седум награди, меѓу кои и четири на Венецијанскиот филмски фестивал.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во едно мало француско погранично место се раѓа магаренце кое го вдомуваат децата Жак (го игра Грин) и неговата сестра, заедно со девојчето Мари (ја игра Вјаземски) - првата љубов на Жак. Децата го нарекуваат магарето Балтазар, но по завршувањето на летниот одмор, тие си одат дома така што за магарето повеќе нема кој да се грижи. Годините минуваат, Балтазар израснува во возрасно магаре кое го користат за тешка земјоделска работа. Еден ден, Мари го убедува нејзиниот татко (го игра Аслан) да го купат магарето и таа повторно почнува да се грижи за него. Меѓутоа, набргу, Мари се вљубува во локалниот насилник Жерар (го игра Лафарж) кој постојано го измачува Балтазар. По некое време, семејството на Жерар станува нов сопственик на Балтазар, кој служи за разнесување леб, но Жерар продолжува со лошиот однос кон него. Кога Балтазар се разболува, Жерар сака да го убие, но магарето го зема скитникот Арнолд (го игра Жилбер) и набргу Балтазар закрепнува. Еден ден, Балтазар успева да побегне и завршува во еден циркус, но кога Арнолд се појавува на претставата, Балтазар побеснува и пак завршува во рацете на Арнолд. Набргу, Арнолд наследува големо богатство и организира голема забава, но веднаш потоа умира и бидејќи нема наследници, Балтазар го продаваат на локалниот трговец (го игра Клосовски). Една ноќ, кај трговецот доаѓа Мари, која го напуштила своето момче. Кога родителите Мари доаѓаат кај него, трговецот им го предава магарето. Мари ја посетува Жак, кој сака да се ожени со неа, но таа сака најпрвин да расчисти со Жерар. Меѓутоа, Жерар и неговата банда ја соблекуваат Мари, ја претепуваат и ја оставаат гола во една напуштена куќа. Таткото и Жак ја наоѓаат, а набргу нејзиниот татко се разболува и умира. Кога Жак сака да ја види Мари, нејзината мајка му кажува дека таа побегнала. Жерар го позајмува Балтазар од мајката на Мари и го користи за шверц преку границата. Во планината, неговата група ја пресретнува полицијата која почнува да пука кон нив, а Жерар и другарите бегаат, оставајќи го Балтазар. Утредента, ранетиот Балтазар го опкружува стадо овци, а тој умира.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]