Афера ТАТ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Аферата ТАТ е најголемата пирамидална финансиска измама во историјата на Македонија, во која биле оштетени околу 13.000 граѓани за иснос од над 60 милиони евра. Иако постојат основани сомневања, истакнати и од тогашниот премиер на Македонија Бранко Црвенковски дека позади аферата стојат лица од тогашната власт, виновниците за аферата досега не се пронајдени и казнети, освен директорката и сопственичка на штедилницата ТАТ Соња Николовска, која била осудена на затвор во траење од 3,5 години за даночно затајување.

Аферата оставила длабоки траги во економијата на Македонија, особено во регионот на Битола кајшто било седиштето на ТАТ. Штедачите на ТАТ останале без своите заштеди. Се смета дека над 100 самоубиства на поранешни штедачи на ТАТ се директна последица на аферата, а покрај тоа и наталитетот во Битола во годините по ТАТ опаднал. Граѓаните ја загубиле довербата во банкарскиот систем и ги повлекле своите заштеди од банките, што ја нарушило стабилноста на банкарскиот систем на Македонија, и ја зголемило цената на кредитите на подолг рок.

Штедилницата ТАТ[уреди | уреди извор]

Штедилницата ТАТ започнала со работа во хххх година. Директор на штедилницата била Соња Николовска, и штедилницата била сметана за економско чудо во Битола и во цела Македонија, бидејќи успевала да обезбеди невообичаено високи камати на штедните влогови (30% годишно), кои се исплаќале секој месец. Поради големата популарност на штедилницата, во 1996. година Николовска била прогласена за најдобра жена-бизнисмен во Македонија и признанието ѝ го врачил претседателот на Републиката Киро Глигоров.[1]

Голем број граѓани се сомневале во можна пирамидална измама, но исто така голем број биле привлечени од високиот и брз поврат на средствата.

Избивање на аферата[уреди | уреди извор]

Аферата избила на 7 март 1997. година, кога најпрво инспектори од Народната банка, а потоа и од Министерството за внатрешни работи, упаднале во седиштето на штедилницата и ги проверувале документите. Се зборувало дека доцна во ноќта, претходниот ден, некој висок владин функционер, тнр. министерот во тренерки бил виден како излегува од штедилницата со полни црни вреќи.[2]

Полицијата наводно изнела неколку црни вреќи со документи од штедилницата, кои не биле попишани и со што се нарушила понатамошната истрага.

Штедачите се собирале пред експозитурите на ТАТ за да си ги подигнат вложените пари, но тие по овој упад на властите останале засекогаш затворени.

Истрага и судења[уреди | уреди извор]

Уште од самиот почеток на аферата, постоеле сомневања за организиран криминал кој допирал до највисоките нивоа на власта. Тие сомневања ги потврдил и премиерот Бранко Црвенковски, кој во својот говор пред Собранието рекол дека објавува војна против „октоподот“ (алудирајќи на организиран криминал) и дека сторителите ќе бидат откриени и осудени.[3] Подоцна и други високи државни функционери го изјавиле истото, на пример, Томе Неновски, тогашниот вицегувернер на Народната банка изјавил дека „ТАТ е државен организиран криминал“ и дека „На 11 март 1997 година комисија во состав од 4 члена [од МВР] ги отворила ќесите и тоа без присуство на лица од штедилницата. Притоа документите [од штедилницата] биле извадени, разгледувани, проучувани, селектирани и дел од нив бил земен. За сето тоа комисијата не направила записник, а со тоа ниту опис и попис на документацијата“.[4]

Сепак, обвиненија за измама, проневера и даночно затајување биле подигнати само против директорката на ТАТ Соња Николовска, од кои само она за даночно затајување завршило со пресуда и казна затвор од 3,5 години. Покрај тоа, била обвинета и за измама на 12.500 илјади штедачи преку организирање на пирамидална измама, но ова обвинение не резултирало со казнена пресуда.[5]

Судска постапка се водела и против Вицегувернерот на Народната банка Томе Неновски за злоупотреба на службената положба и уништување на документи, но таа не резултирала со никаква пресуда или казна. Според наводите во обвинението, Неновски не ги исполнувал задачите така што не дал наредба за целосно контроли на работењето на штедилницата ТАТ од Битола. Неновски знаел дека во штедилницата бројот на штедачите бил поголем од евидентираниот и дека имало неевидентирани договори и кредити. Тој во отсуство на Гувернерот, потпишал документи и давал инструкции како да се менува званичната eвиденција во Штедилницата. На тој начин ги прикривал своите наводни штедни влогови и се стекнал со противправна имотна корист од 1.776.000 денари. Неновски склучил фиктивни договори за орочување на денарски и наменски средства, а во 1997 дал усни налози на сопственичката на ТАТ, Соња Николовска да исплати пари на Алмако банка, за отплата на кредит за два стана на улицата Железничка во Скопје. Истата година кога штедилницата била под засилен надзор на Народната банка, Неновски испратил писмо до Соња Николовска со инструкции за тоа што треба официјално да објави за неговите штедни влогови.[6]

Сомневањата за организиран криминал се поврзуваат и со тогашниот претседател на Основниот суд во Битола, Александар Прчевски, кој наводно ја спречил истрагата, а за возврат подоцна бил избран за Јавен обвинител.[7] Се претпоставува дека во аферата биле вклучени стотина функционери, министри, судии, полицајци, владици.[1]

Обесштетување на штедачите[уреди | уреди извор]

Пред изборите во 1998, владата на премиерот Бранко Црвенковски донела закон со кој се обврзала на обесштетување на штедачите на ТАТ, но само по неколку исплатени рати тој престанал да се спроведува поради немање средства и поради промената на власта. [8]

Пред изборите во 2002, Владата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски им понудила на штедачите модел на обесштетување преку издавање на обврзници за основните влогови (без каматите) кои можат да се употребат за купување на акции од државни компании, плаќања кон државата, но и слободно да се тргуваат на берзата. Иако без многу воодушевување, штедачите го прифатиле овој модел.[9]

Од 13.000 оштетени штедачи, по големи притисоци од јавноста, државата успеала да обесштети околу половина од нив, и тоа со конвертибилни сертификати и со пари од стечајната маса.[1]

Во 2008 сè уште не биле обесштетени шест илјади штедачи.[10]

Во 2009, 12 години по аферата, за ТАТ сѐ уште се воделе над 500 судски постапки околу стечајниот имот, поради намерно продолжување на постапките, а делумно поради недостиг на документација.[11] Парите од продажбата на стечајниот имот би требало да се искористат за обесштетување на штедачите

Последици од аферата[уреди | уреди извор]

Повеќе од сто битолчани банкротирани во пирамидалната афера со штедилницата ТАТ се самоубиле во изминативе десет години. Во аферата ТАТ биле оштетени околу 13.000 граѓани за повеќе од 120 милиони германски марки или 60 милиони евра.[1] Покрај тоа, и наталитетот во регионот на Битола опаднал по аферата ТАТ.[12]

Партијата на тогашниот премиер, СДСМ, претрпе тежок пораз на изборите во 1998, а дел од причината за тоа се припишува токму на аферата ТАТ.[13]

Организаторот на пирамидалната штедилница, Соња Николовска, по 3,5 години затвор е на слобода, и наводно повторно се занимава со измами.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Време, број 1007, 09.03.2007: Стотина самоубиени очајници се под земја, а криминалците на слобода
  2. Глобус, 12.8.2008.: ГОЛЕМИТЕ МИСТЕРИИ НА МАКЕДОНСКАТА ТРАНЗИЦИЈА
  3. Глобус, 19.8.2008: Зошто Црвенковски не го фати октоподот што го „откри“ во 1997 година по избувнувањето на аферата ТАТ?
  4. Дневник: "ТАТ" е државен организиран криминал
  5. 5,0 5,1 Дневник, 19.12.2008.: Соња повторно татни низ Битола
  6. Вест, 23.01.2004: Две години затвор за Томе Неновски
  7. А1, 28.01.2003:Собранието го именува Прчевски за Јавен обвинител
  8. Дневник, 18 март 2006: Пирамидите мртви - фараоните оживеаја
  9. A1, 25.4.2002: Штедачите на ТАТ поделени околу предлогот за обештетување
  10. Шпиц: Штедачите заглавени и по 11 години од пропаѓањето на ТАТ
  11. Радио Слободна Европа, 26.04.2009: За ТАТ сѐ уште се водат 500 судски спорови
  12. Радио Слободна Европа, 26.05.2009: „Бела чума“ во Битола
  13. Форум, 01.08.2008.: Б.Ц. си оди како губитник