Ако се родат некакви чувства : зборник за љубовта на Гоце и Јанка (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ако се родат некакви чувства : зборник за љубовта на Гоце и Јанка
АвторБлаже Миневски
ЗемјаМакедонија Македонија
ЈазикМакедонија македонски
Жанрроман
ИздавачМатица македонска
Издадена
2023
Медиумпечатено издание
Страници328 стр.; 21 см
ISBN978-608-10-0978-1

Ако се родат некакви чувства : зборник за љубовта на Гоце и Јанкароман на македонскиот писател Блаже Миневски, објавен во 2023 година од издавачката куќа Матица македонска во тираж од 1000 примероци[1].

За книгата[уреди | уреди извор]

Ова најново дело на познатиот писател го отвора прашањето за тоа дали може да се биде среќен без чувства, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Големата љубовна одисеја на Гоце Делчев и Јанка Каневче почнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Гоце планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Михаил Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само ако се родат некакви чувства. Дали се родиле такви чувства? Во својот осврт за романот д-р Марина Мијаковска подвлекува дека „Ако се родат некакви чувства“ е ремек-дело на македонската книжевност, фасцинантна метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка.

- Врз фонот на историските факти како предлошка, преку љубовта на Гоце и Јанка, Миневски создава приказна во чиј центар се чувствата. Пајажината на нарацијата се плете меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивидуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста. Пред нас е книга што секој човек со вистински чувства мора да ја прочита и да ја има во својата колекција на врвни дела, вели Мијаковска.

Режисерот Бранко Ставрев, констатира дека романот „Ако се родат некакви чувства“ е исклучително книжевно дело родено во име на љубовта: Гоцевата, Јанкината, но и Џојсовата, Толстојевата, Пушкиновата, Балзаковата, Бајроновата, Есениновата, Гарибалдовата и други, чии сенки сноват низ лавиринтите на, како што вели, големиот мајстор на зборот Блаже Миневски.

– Романот на Блаже Миневски за љубовната одисеја на Гоце Делчев и неговата љубена Јанка Каневче од Охрид има значење на тектонски удар во историјата на македонската проза. Тоа е дело за невозможната љубов во време кога „Македонија е спрострена како пациент на болничка маса“, пишува Јордан Плевнеш во својот есеј за романот.[2].

Претчувствувајќи го сопствениот крај, истакнува Плевнеш, Гоце одлучува да му каже на својот најверен пријател Михаил: Ако се родат некакви чувства, вие со Јанка изградете љубовно гнездо, бидејќи јас сум пред венчавање со Македонија во бескрајните предели на Подземната република.

- Евангелистот Јован Богослов вели дека Бог е Љубов и Македонија е Љубов, ако не биде прифатена како Љубов, Балканот никогаш нема да биде цивилизација. Приказната за љубовта на Гоце и Јанка, подвлекува Плевнеш, е астероид од типот „Амор“ со кој возвишената љубов ќе остане вечно во планетарниот систем и ќе потсетува на таа единствена и неповторлива одисеја.

Од издавачката куќа посочуваат дека во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски е чудесна и комплексна историографска метафикција за тоа што е љубовта и кои се најприсутните чувства кај човекот. Магистрална тема на приказната е историјата на чувствата, дефинирање на емоциите како процес на радост, гнев, бес, тагата, чувство на вина и отфрленост, опсесивна љубов, срам, копнеж итн. Станува збор за повеќеслоен роман-река со комплексна структура и наративна постапка, ремек-дело што жанровски може да се дефинира како историографска метафикција. Врз фонот на историските факти како предлошка, Миневски преку љубовта меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче, создава фикционална приказна во чиј центар е палетата на човековите чувства низ историјата на човештвото. Писателот истовремено е вистински и имплицитен автор, а пајажината на приказната се распостила во светот меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста.

Преку призмата на трите женски ликови: Бадема како хигиеничарката на историјата, Мамаја или Маја како колекционерката на историјата и Фила како анулирана историја, авторот создава исклучителен роман за сублимираните емоции и чувства во човештвото. Историјата ја создавале мажите, а жените биле исчистени од историјата. Женската отсутност во историјата Блаже Миневски ја деконструира преку правење приказна пренесена од три женски лика со кои постигнува комплетна вистинитост. Писателот пишува, а Бадема чисти и паралелно интервенира во историјата на напишаниот контекст. Писателот е и сезнаечки лик, наратор, но и лик на фељтонист што собира податоци за Гоце преку информантот Мамаја. Преку Бадема, Маја и Фила се создава тројна структура на роман-триаголник. Еден пишува, друг ја чисти историјата, а третиот зборува за вистината. Триаголникот е парергон и може да се чита спротивно на неговиот симбол за рамнотежа. Приказната-триаголник покажува три агли на гледање, три влезови во куќата што не постои и не е единствен дом. Се покажуваат нескладноста во животот и векот, односно дека субјективни се и вистината и историјата.

Романот започнува со историскиот факт дека седум и пол децении по враќањето на моштите на Гоце во Mакедонија се бара да се отвори саркофагот, да се видат коските, да се види дали има своерачен потпис на скулпторот и дали во саркофагот е сликата на Јанка. И тука, меѓу парчињата со историски факти, изникнува новинарот како сезнаечки наратор што сака да ја оправда фикцијата во „вистината“, соопштувајќи дека на една конференција во Охрид на средба со правнуката на Герџиков именувана како Мамаја или Маја договара прибирање на архивска граѓа за Делчев и Јанка. Гоце почнал да се гледа со Јанка кога таа имала дваесет и две години, а Гоце имал дваесет и шест. Гоце му рекол на Михаил: „Ако се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени.“ Пет години по убиството на Гоце, Михаил се жени со Јанка и го исполнува аманетот. Дали една љубов може да замени друга љубов? Се работи за повеќеслојност: приказна во приказна, жанр во жанр, структура во структура. Аналогна на приказната на Гоце и Јанка е приказната за љубовта на Никола Карев и Коца Тасева-Хаџова. Коските на Карев фрлени под Македониумот и бришењето на Карев од химната е метафора за самоунишувањето и братоубиството на Македонецот. Љубовта на Гоце и Јанка е аналогна и на љубовта на Гарибалди и Анита. Во тој круг историјата се запомнува преку љубовта. Делото има кружна, мозаична и структурна игра. Иманентната хронологија на приказната се составува преку трите еднакви агли на женските ликови. Мамаја е лик на психоаналитичарка преку која на чувствата им се дава медицинско објаснување. На крајот на романот се наоѓаат прилози со фотографии и факсимили кои новинарот ги собрал како реален факт. Фељтонот почнува со разделбата на Гоце и Јанка, а токму тоа ги зголемува чувствата да прераснат во роман-река, но и идеја за филмско сценарио „Вива Гоце, Вива Гарибалди“. Секој дел од фељтонот е изделен со наслов што е затемнет, и така тој е изделен од останатите гласови и дејствија на ликовите. Има раскршена структура, монтажа на парчиња текст преку повеќе наративни точки и фокализатори. На тој начин хрониката за една љубов прераснува во роман, а романот на крај преминува во зборник од чувства, факти, распрсната вистина. Љубовта може да се докаже; историјата не може да се утврди. Во романот има електронски писма, вистински писма кои се фотокопии, вистински глас на Гоце и Јанка, глас на фељтонот и глас на писателот на фељтонот. Читателот е на крстопат меѓу фељтонот и романот за Гоце. Маја праќа писма од љубовта на познатите писатели, и на платформа од пациентите бара да ги подвлечат чувствата. Има дел во кој на платформата на Маја се опишани големите љубови на светските познати писатели класици како: Флобер, Есенин, Мајаковски, Достоевски, Елијар, Лермонтов, Кафка итн. Во минатото љубовта се изразувала со пишување писма, а денес со електронски пораки. Низ сето тоа пајакот во постанарската соба плете мрежа како што новинарот плете фељтон за љубовта. Пајаците се присутни фокализатори и сведоци на приказните за чувствата. Токму големите писатели кои живееле во 19 и почетокот на 20 век, односно нивните љубовни приказни, се сврзното ткиво и клучот на романот. Посебно е интересна метафикционалната сцена кога Јанка патувајќи кон санаториумот Бергхов во воз го среќава Јан Касторп, од романот „Волшебниот брег на Томас Ман“. Ренгенските слики на Ханс и коските од саркофагот се испреплетуваат. Ова е само една сцена на цитатно поврзување со романите и авторите од минатите времиња. Течењето на Вардар е течење на приказните и историјата и фикцијата што се слеваат како притоки. Тука се поврзуваат парчињата од пајажината. Прстенот како замислено крукче фрлен во Вардар е метафора за прстенот што Гоце не ѝ го дал на Јанка, односно како симбол за неисполнетата љубов.

Вториот женски лик, Бадема, која според речникот на симболи ја претставува чистотата, скриената вистина и бесмртноста, постојано ги чисти вратите, прозорците и ходникот како „историска куќа“ врамена во времето. Таа е чистачка на историјата, го следи новинарот како го пишува фељтон, а истовремено е и коректор на вистината и историските факти. Таа е санитарниот закон на моќта на посилните кои ги бришат фактите, историјата, вистината. Бадема е фиктивен лик, алтер-его на нараторот, коректор на потсвеста на тој што е фељтонист, но и на историската предлошка. Таа е толкувачка на соништа, имагинарен глас како од соновите, затоа фактички ги толкува и ги разбира значењата.

Фила Кадир е стара неколку векови. Таа е фокализатор што постои само во јазикот на Бадема. Таа е сосетка што не се гледа но слуша како отсутен лик, односно во приказната учествува само преку гласот на Бадема. Едниот глас е повремено во другиот, а другиот во првиот како подмножество од гласови. Токму Фила Кадир е составувачка на зборникот. Книгата завршува со пишаната порака на Фила со која изразува „благодарност за Марија Атламан Герџикова за видливата и невидливата помош во врска со љубовта на Гоце и Јанка“ - на тој начин се затвора кругот со првата средба со неа во Охрид.

Миневски романот го подготвувал и го пишувал полни дваесет години. „Во тој период истражував во архиви, собирав документи, разговарав со потомци на Јанка Каневче, вереницата или, поточно, љубовницата на Гоце, документарно и авторски ги реконструирав нивните средби, интимните чувства, нивните планови, копнежи и соништа. Во романот како прилог се објавуваат ексклузивни, интимни записи, непознати документи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега необјавени фотографии од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков“, додава тој.

Најдобрите романи се романите за љубовта, оти само љубовта се памти. Според Фила: „љубовта се раѓа во срамот, а умира во стравот; сите се раѓаат со љубов, никој со омраза; чувствата се нешто стабилно, вкоренето“[3].

Наводи[уреди | уреди извор]