Гистав Флобер
Гистав Флобер Gustave Flaubert | |
---|---|
Гистав Флобер | |
Роден/а | 12 декември 1821 Rouen, France |
Починат/а | 8 мај 1880 Rouen, France | (возр. 58)
Занимање | Novelist, playwright |
Националност | Французин |
Жанр | проза |
Книжевно движење | реализам, романтизам |
Гистав Флобер (12 декември 1821 - 8 мај 1880), француски писател, еден од основачите на реализмот во француската литература. Како противник на граѓанското лицемерие, верно ги сликал секојдневниот живот и личностите од провинцијата. Напишал две театарски дела, неколку романи и остави многу значајни и обемни дела. Негови најзначајни дела се романите „Сентиментално воспитување“, „Госпоѓа Бовари“, „Саламбо“ и „Искушението на св. Антон“.
Животопис
[уреди | уреди извор]Гистав Флобер е роден во Руан, на 12 декември 1821 година. Татко му бил главен хирург во Главната болница во Руан и помошник на славниот француски лекар Дипитрен, додека мајка му била ќерка на лекар. Детството го поминал во болницата во која живеело неговото семејство, а омилена забава му била, заедно со сестра му, да се качува на оградата од болницата и низ прозорецот да ѕирка што работи татко му. Флобер бил деликатно дете и многу страдал во училиштето, а единствената утеха му биле неколку верни пријатели. Гистав Флобер имал брат, кој бил лекар, и сестра која умрела на возраст од 21 година. Средното образование го завршил во родниот град, а матурирал со мало задоцнување во 1840 година, а веднаш потоа заминал на своето прво патување (Пиринеите и Корзика). Според возраста, следната година требало да служи во војската, но на лотаријата извлекол добар број (тогаш не постоела задолжителна воена обрвска) и така останал дома. Во тој период, Флобер често го посетувал морското летувалиште Трувеј (Trouville). Родителите го испратиле во Париз за да студира право, меѓутоа не го интересирале студиите, а истовремено тешко се снаоѓал во големиот град, т.е. се чувствувал осамен и несреќен. По две години, тој ги напуштил студиите бидејќи му се појавиле првите знаци на нервната болест. Кога Флобер имал 23 години, умрел татко му, кој бил сакан и славен човек, па пристанишните работници во Руан, во знак на голема почит, барале да го носат неговиот ковчег. Истата година, во Париз, Флобер ја запознал привлечната поетеса Луиз Коле (Louise Colet) со која бил во врска во текот на десет години, меѓутоа не живееле заедно, туку само повремено се среќавале. Сепак, тие често се допишувале и таа кореспонденција претставува важен извор на информации за животот на Флобер. Во 1848 година, заедно со неговиот пријател Максим Ди Кам (Maxim Du Camp) кој, исто така, бил син на славен лекар, Флобер пешачел низ Нормандија и Бретања, а своите доживувања ги запишал во патописите, кои не го објавил.[1]
Во 1850 година, заедно со пријателот Ди Кам, преку Марсеј и Малта, пристигнал во Александрија, а оттука во Каиро и по долината на Нил. Оттаму, Флобер и Ди Кам заминале во Бејрут, а потоа се упатиле кон Родос, Истанбул и Грција, каде што ги посетиле Атина, Спарта и Пелопонез, по што отпатувале во Италија, каде што ги посетил: Бриндизи, Неапол, Рим и Фиренца, а оттаму се вратиле дома. По дваесетмесечното патување, кон средината на 1851 година, Флобер се вратил во Руан и се населил во Кроасе. Истовремено, тој ја обновил врската со Коле (со која претходно се скарал) и започнал интензивно да пишува. Кога наполнил 50 години, Флобер се повлекол од јавниот живот. Во 1872 година умрела мајка му, која цело време го третирала како дете, а Флобер целата своја љубов ја пренесол на внуката Каролина чија мајка (која умрела при породувањето на Каролина) ја сакал најмногу од сите браќа.[2] Последните години од животот Флобер ги поминал во немаштија, бидејќи целиот имот ѝ го поклонил на внуката Каролина за да спаси нејзиниот сопруг од стечај, како и во осаменост и сè поголеми телесни болки. Умрел на 8 мај 1880 година, на семејниот имот во Кроасе (Croisset), во близината на Руан.[3]
Болеста и смртта на Флобер
[уреди | уреди извор]Флобер бил опседнат од стравот од староста и од смртта. Според неговото сопствено признание, секој ден морал да напише неколку страници за да го ублажи таквиот страв.[4] Веројатно, тоа се должи на фактот дека уште во младоста тој се разболел и долго време се борел со болеста за која се напишани многу студии, а првите непотполни и неверодостојни записи се појавиле непосредно по неговата смрт, и тоа од страна на неговиот пријател Ди Кам, внуката Каролина и Мопасан. На почетокот на 20 век на ова прашање се навратиле неколку лекари, кои своите записи ги објавиле во списанието Chronique médicale, додека пред и по Првата светска војна се појавиле и психоаналитички и психопатолошки студии. Во монографијата за Флобер од 1905 година, Р. Димеснил ги проучува наследството и околината во која работел Флобер; во својата докторска дисертација од 1909 година, Дешарм го анализира карактерот на Флобер; а во 1912 година Т. Рајк ја објавува психоаналитичката студија за Флобер. Во 1921 година, Луј Бетран го објавува делото „Флобер во Париз или живиот мртовец“, а една година подоцна се појавува првата медицинска теза за Флобер, дело на А. Г. А. Нил, кој пишува за Флоберовата „нервна болест“. Подоцна, во 1920-тите и во 1930-тите се појавуваат и други дела кои се занимаваат со болеста на Флобер. Подоцна, во 1941 година, А. Колинг ја разгледува медицинско-книжевната страна на творештвото на Флобер, а во 1956 година е објавен и зборник со документи за Флобер. Сепак, во бројните дела посветени на болеста на Флобер се искажани различни ставови, така што расправата не е заклучена. Врз основа на тврдењето на Ди Кам, во 19 век и во првата половина на 20 век се верувало дека Флобер страдал од епилепсија, но некои Флоберови патографи ја отфрлиле оваа теза, додека други застапувале мешани ставови, како Грасе кој ја поставил дилемата дали Флобер страдал од епилепсија или хистероепилепсија. Исто така, некои автори тврделе дека Флобер страдал од афективна епилепсија, од хистерија, од хистеро-неурастенија, од крварење на желудникот и од рана артериосклероза и од леус. Во својата психоаналитичка студија, Рајк тврди дека Флобер страдал од силно изразен инцестен комплекс, повикувајќи се на неговиот однос кон мајка му и кон мажените жени со деца. Американскиот окултист Гоулд тврди дека Флобер бил жртва на непозната очна болест, Т. Лике го прогласил Флобер за мизантроп и нихилист.[5]
Ниту околностите поврзани со смртта на Флобер не се расчистени, така што и за ова прашање постојат повеќе верзии. Познато е дека Флобер умрел на масата за пишување од мозочен удар (arteritis cerebralis specifica), предизвикан од тумор како последица на луетичка зараза. Тој ден, Флобер станал во вообичаеното време, околу 10-11 часот, а по излегувањето од кадата почувствувал тешкотии. Претчувствувајќи ја појавата на криза, тој ја повикал слугинката, барајќи да донесе лекар. Потоа, се облекол, седнал на масата за пишување и го запалил лулето, а тогаш веројатно повторно му се слошило, па се испружил на креветот во собата со личната библиотека. Легнувајќи на креветот, Флобер ја изгубил свеста и така го пронашол д-р Турно, кој стигнал само површно да го прегледа и набргу Флобер починал без воопшто да се освести. Приказната за смртта на Флобер дополнително ја украсила неговата внука Каролина, која не била присутна во мигот на смртта и според неа, слугинката го нашла Флобер во несвест при што во десната рака тој држел шишенце со миризлива сол; потоа, тој накратко ја повратил свеста и нешто промрморил, а според толкувањето на Каролина, тој го викал на помош Виктор Иго за кого таа му раскажувала претходната ноќ. Меѓутоа, Максим Ди Кам го негира сето тоа, тврдејќи дека Флобер го повикувал својот близок пријател, лекарот Ело. Сепак, Ди Кам не е во право кога тврди дека Флобер умрел од епилептичен напад.[6]
Творештво
[уреди | уреди извор]Флобер почнал да пишува уште на десетгодишна возраст. Покрај дневникот, во младоста напишал и неколку новели и драмски дела, а потоа неколку години работел на поетско-философската рапсодија „Искушението на св. Антон“ (La tentation de saint Antoine). Кога го завршил, Флобер им го прочитал делото на двајца пријатели — Ди Кам и Луј Бује (Louis Bouihet), кои му препорачале да го изгори ракописот и да се зафати со друга, посовремена тема. Притоа, тие му го посочиле случајот на госпоѓата Деламар, која го изневерувала сопругот и потоа, разочарана од своите љубовници, доброволно умрела. Флобер го прифатил советот и ги започнал подготовките. За време на крсторувањето по Нил во 1850 година, го избрал името на главниот лик во романот — Ема Бовари. Кон средината на 1851 година, по враќањето дома, Флобер започнал интензивно да работи на романот „Госпоѓа Бовари“, на кој потрошил пет години, и на 1 септември 1856 година, романот почнал да излегува во списанието „Париска ревија“ (Revue de Paris) во кое важна улога имал неговиот пријател Ди Кам. Меѓутоа, Флобер морал да попушти кога Пеша (Pichat), еден од уредниците на списанието побарал од авторот некои места да ги ублажи, а други да ги исфрли од романот. Истовремено, и месниот весник „Руански новости“ (Nouvelliste de Rouen) започнал да го објавува романот со позитивна критика, но и тој морал да го запре објавувањето. На почетокот од 1857 година, романот се појавил како посебна книга, во издание на Мишел Леви (Michel Lévy), по што државното обвинителство поднело обвинение против Флобер за навреда на моралот и на религијата. Сепак, судскиот процес завршил со ослободителна пресуда, благодарение на одличната одбрана на адвокатот Сенар, кој бил пријател на семејството Флобер. Романот постигнал голем успех, така што, Леви, кој за делото платил 500 франци, од продажбата на книгата остварил значителна добивка. Наспроти тоа, книжевната критика го нападнала романот, меѓутоа, познатиот критичар Сент-Бев (Sainte-Beuve) објавил пофална рецензија во службеното списание „Монитор“ (Moniteur), пишувајќи дека „господинот Гистав Флобер ракува со перото како што лекарите ракуваат со скалперот...“, заклучувајќи со зборовите: „О анатоми и философи, насекаде наидувам на вашата трага!“[7]
По успехот на „Госпоѓа Бовари“, во 1862 година Флобер го објавил историско-археолошкиот роман „Саламбо“ за чија подготовка во 1858 година отпатувал во Тунис, откако претходно проучил бројни стручни дела посветени на Картагина. И тоа дело постигнало голем успех кај публиката, но книжевната критика (овојпат, вклучувајќи го и Сент-Бев) повторно не покажала никакво разбирање за него. Но, и покрај тоа, Флобер веќе уживал углед на ценет писател, а младите го сметале за свој водач. Книжевниот успех му овозможил да стекне врски во високото општество, па така бил посетител на принцезата Матилда и на принцот Жером Наполеон, кои зборувале пофално за неговите дела. Исто така, Флобер се дружел со угледни странски писатели, како што е Иван Тургенев, а бил чест учесник на книжевно-монденски приредби. Во меѓувреме, тој ја почнал работата на следниот роман, кој многумина го сметаат за неговото најдобро остварување, „Сентиментално воспитување“ (L'éducation sentimentale). Станува збор за автобиографски роман во кој е прикажан сентиментално-физиолошкото и општествено-политичкото воспитување на француската младина во периодот пред револуционерната 1848 година. За ова дело, Флобер се двоумел меѓу неколку наслови од кои еден бил „Осушени плодови“ (Fruits secs). Истовремено, во него ја овековечил својата голема љубов, Елиза Фуко (во романот — Арно), која ја запознал уште кога бил младо момче, но никогаш не ја заборавил. Критиката ниту ова дело не го прифатила, а целосно признание романот добил многу подоцна, па дури пред Првата светска војна во Париз било основано Друштвото на пријателите на „Сентименталното воспитување“. Откако не постигнал успех во драмската уметност, Флобер повторно се навратил на „Искушениот на св. Антон“ чија конечна верзија се појавила во 1874 година. И ова дело не било прифатено од книжевната критика, но овојпат Флобер немал успех ниту кај публиката. Последното дело кое го објавил Флобер било „Три приказни“ (Trois contes) од 1877 година кое содржи три новели од различни историски периоди: „Иродијада“ (Hérodias) од антиката, „Легенда за св. Јулијан Гостопримачот“ (La légende de saint Julien l'Hospitalier) од средниот век и „Просто срце“ (Un couer simple) од модерната епоха. Делото постигнало голем успех и доживеало бројни изданија, преводи и илустрации. Последните години од животот Флобер ги поминал работејќи на едно големо дело, кое може да се нарече енциклопедија на човечката глупост, но и бревијар на 19 век, сатира на граѓанската цивилизација, позитивизмот и сциентизмот. Делото останало недовршено, а напишаните листови Флобер ги покривал со свилена марама. Сепак, една година по смртта на Флобер бил објавен неговиот недовршен роман „Бувар и Пекуше“ (Bouvard et Pécuchet), како и мемоарите на неговиот пријател Максим Ди Кам, а во 1884 година започнало објавувањето на Флоберовата богата преписка.[8]
Во своето излагање за време на судскиот процес против Флобер по повод романот „Госпоѓа Бовари“, неговиот бранител, адвокатот Мари-Антоан-Жил Сенар, истакнал дека Флобер не припаѓа на ниедна книжевна школа: тој му припаѓа на реализмот со тоа што се држи до стварноста; на психолошката школа ѝ припаѓа со тоа ги проучува човечките чувства; а со романтизмот нема ништо заедничко. Предметот на своето истражување Флобер го црпи од стварниот живот, да создаде вистинити ликови и да дојде до корисен зкалучок.[9]
Значење и влијание
[уреди | уреди извор]Во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс на нарекува прозата на Флобер „восхитувачка“.[10]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 419.
- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 420-421.
- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 419-422.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 247.
- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 422-426.
- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 426-427.
- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 419-421.
- ↑ Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 421-422.
- ↑ Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 306.
- ↑ Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 151.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Викиизвор има оригинални дела од или за: Gustave Flaubert |
„Гистав Флобер“ на Ризницата ? |
- Дела од Gustave Flaubert на проектот „Гутенберг“ (plain text and HTML)
- Дела за Гистав Флобер на Семрежниот архив (отсликани изворни изданија)
- Flaubert's works: text, concordances and frequency list
- (француски) Gustave Flaubert, his work in audio version Архивирано на 27 март 2011 г.
- Audio: "Speech on Madame Bovary" Архивирано на 11 јуни 2011 г. at the Center for the Art of Translation
- Overview Архивирано на 5 декември 2006 г. from kirjasto.sci.fi
- Site of the Centre Flaubert at Rouen
- Multilingual research links Архивирано на 13 јуни 2006 г. from fjvenezia.com
- Flaubert entry Архивирано на 31 октомври 2005 г. at the Johns Hopkins University Guide to Literary Theory and Criticism
- Bibliomania page
- A comprehensive site in French at perso.wanadoo.fr
- Flaubert 'Bookweb' on literary website The Ledge, with suggestions for further reading Архивирано на 26 септември 2007 г.
- Flaubert works (HTML/PDF), media & interactive timeline from mootnotes.com
- An exhibition on Flaubert's journey to Egypt Архивирано на 21 јануари 2010 г.
- 'The Martyr of Letters', essay on The Letters of Gustave Flaubert, F. L. Lucas, Studies French and English (1934), pp. 242-266
Оваа биографска статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |