Џејмс Блант

Од Википедија — слободната енциклопедија
James Blunt Џејмс Блант
Џејмс Блант изведува во Reading 2008
Животописни податоци
Родено имеЏејмс Хилиер Блант
Роден(а)22 февруари 1974(1974-02-22)(50 г.)
Тидворт, Вајлтчир, Англија, Обединетото Кралство
ЖанровиПоп рок, фолк рок
ЗанимањаПејач-текстописец, музичар
ИнструментиВокал, гитара, пијано, орган, виолина
Период на активност2004 – сега
ИздавачиWarner Bros. Records, Атлантик Рекордс, Custard
Мреж. местоjamesblunt.com
Значајни инструменти
Seagull Acoustic Guitars

Џејмс Хилиер Блант (роден 22 февруари, 1974 година),[1][2] или попознат во јавноста само како Џејмс Блант е англиски пејач, текстописец, музичар и поранешен припадник на воените сили, чиј дебитантен албум „Повторно лудило“ (Back to bedlam), заедно со песните „You ‘re beautiful“ и „Goodbye my lover“, го одведе во светот на славата во 2005 година. Неговиот репертоар најдобро може да се опише како мешавина на поп со акустичен призвук на рок и фолк. По соработката со американскиот музички независен бренд Кастард Рекордс (Custard Records), Блант започнал да добива признанија за своите остварувања. Освоил две британски награди, две награди за најдобар видео запис на MTV музичките награди, две „Ајвор Новело“ награди за текстописец и композитор и во 2006 година бил номиниран за пет Греми награди. Следната година го издал својот втор албум „Сите изгубени души“ (All the lost souls). Неговиот трет студиски албум, „Некој вид неволја“ (Some kind of trouble), бил издаден во ноември, 2010 година. Блант, до сега има продадено повеќе од 15 милиони албуми ширум светот, а неговиот деби албум „Back to bedlam“, бил прогласен за најпродаван во Англија за 2000 година.[3]

Блант бил офицер во спасувачката гарда, полк кој функционира како дел од коњаницата во Британските воени сили и бил дел од екипажот на НАТО во Косово, за време на конфликтот во 1999 година. За време на неговиот воен ангажман во Косово, имал можност да се запознае со работата на MSF или „Лекари без граници“. Оттогаш, Блант станал поддржувач на нивната идеја и често нивните аукции се дел од неговите концерти.[4] На 4 октомври, 2009 година, го купува својот прв дом на Ибица.[5]

Младост[уреди | уреди извор]

Џејмс е роден во воената болница во Тидворт, Велтшир во Англија,[6] како прво дете на Џејн А.Ф. и Чарлс Блант. Детството го поминал живеејќи во Англија, Кипар и Германија, каде неговиот татко бил испраќан на воена служба. Тој бил полковник во воздухопловните трупи на Британските воени сили[7] и пилот на воени хеликоптери.[8]

После Џејмс, семејството добило уште двајца помлади членови. Нивната фамилија имала голема поврзаност со воените сили, која датира уште од десетти век.[6] Неговиот татко ја всадил во Џејмс желбата за летање, па како резултат на посветеноста добил дозвола за летање уште на 16 години.[8] Откако научил да вози мотор на 16 години, станал доста заинтересиран и за мотоциклизмот.[9]

Образование[уреди | уреди извор]

Блант бил запишан на Елстри школата, во Велемптон во Беркшир и пред да го продолжи своето образование на Хароу, во северозападен Лондон, добил воена стипендија. Наместо Хароу, добива место на Универзитетот Бристол, обезбедено од восјката. Најпрво студирал воздухопловно машинско инжинерство, а подоцна се префрлил на Социологија.[8] Дипломирал во 1996 година како лауреат на науки.[10]

Воена служба[уреди | уреди извор]

Со оглед на тоа што британската војска го спонзорирала неговото универзитетско образование, Блант бил обврзан да помине минумум четири години во служба на вооружените сили. На едно од неговите интервјуа за време на турнејата, по неговиот прв албум, Џејмс изјавил дека избрал да биде дел од воените сили под притисок на татко му, чија желба била Блант да си обезбеди сигурно вработување и високи приходи. Блант бил обучуван на Кралската воена Академија „Санхрст“ (Sandhurst). Бил именуван како втор подофицер на спасувачката гарда, која е единица на државната коњаница, каде достигнал ниво на капетан. Една од првите задачи, во 1998 година, му бил ангажманот во Британската воена единица за обука во Алберта, Канада, каде што неговиот баталјон бил задолжен, шест месеци да игра улога на непријателски воени единици во вежбите за борба.

Во 1999 година, служел како извиднички офицер на тешка артилерија во служба на НАТО силите во Косово. Во почетоко, добил наредба да врши дојави за ситуацијата на Македонско – Југословенската граница, па така неговата единица била изведена во првите борбени линии, насочувајќи ги другите воени сили и обележувајќи мети на српска територија на кои требало да се упатат бомбите на НАТО. Неговата единица имала задача да го обезбедува меѓунардниот аеродром во Приштина заедно со 30.000 припадници на мировните сили, меѓутоа руската армија веќе претходно ја презела контролата над приштинскиот аеродром. Според сопствена проценка, Блант за целиот инцидент, одбил да ги послуша наредбите кои доаѓале од командата на НАТО, за да ги нападне Русите. За среќа, периодот во кој Блант престојувал на Косово бил прилично мирен. Со себеси ја понесол и својата гитара, па ги забавувал месните жители и припадниците на мировните сили на некои безбедни локации. Кратко време откако бил дел од воените сили ја напишал неговата „Нема храброст“ (No bravery).

Како вешт скијач, Блант го предводел скијачкиот тим на коњаницата во Вербие, во Швајцарија, за на крајот да стане и шампион на сите кралски артилериски трупи. Ја продолжил неговата служба во војската и во 2000 година, и после интензивен шест месечен курс за јавање, бил преместен во главниот државен полк на коњаницата, во Лондон, во Англија. За време на оваа должност, Блант јавно говорел за неговите одговорности и обврски во телевизиско шоу „Девојките на врвот“, серијал за необичен избор на кариера. Бил еден од чуварите на ковчегот на Кралицата Елизабета во деновите кога нејзиното тело било изложено пред народот и бил дел од погребните церемонии на 9 април, 2002 година. Џејмс ја напуштил војската на 1 октомври 2002, откако отслужил цели шест години.

Музичка кариера[уреди | уреди извор]

Почетоци[уреди | уреди извор]

Блант, уште како дете посетувал часови по пијано и виолина, меѓутоа неговиот прв значаен пристап кон музиката се случил на Хароу. Таму, негов соученик го запознал со мелодијата на гитарата, па Џејмс започнал да свири и да пишува музика уште на 14 годишна возраст. На универзитетот Бристол, негова омилена тема како студент била комодификацискиот одраз-производ на поп идолот, а негов главен ментор Симон Фрит, социолог, рок критичар и сегашен претседател на музичките награди Меркур.

Блант ја напуштил британската војска во 2002 година за да може комплетно да и се посвети на музиката. По кракток период, откако ги напуштил воените сили, потпишал со издавачката куќа EMI („Електрична и музичка индустрија“) и агенцијата за менаџирање TFA (Twenty first Artist). Договорот за плоча, сепак останал неисполнет, наведувајќи го како причина специфичниот изговор на Блант како пречка за промовирање во класно-расцепканата Британија. Линда Пери, која само што го лансирала сопствениот музички бренд Кастард Рекордс, во почетокот на 2003 година, ја слушнала промотивната лента на Блант при посета на Лондон. Набрзо после тоа имала прилика да го слушне во живо на фестивал во Тексас (South by South West Music festival), па му понудила соработка уште истата вечер. По само неколку денови Џејмс го потпишал договорот со Пери и еден месец подоцна веќе започнал да работи со продуценти како Том Ретрок.

„Повторно лудило“ – 2003/2006 (Back to bedlam)[уреди | уреди извор]

Блант го снимил албумот „Повторно лудило“ (Back to bedlam) во 2003 година со продуцентот Том Ретрок во неговото домашно студио, со многу студиски музичари, и самиот Џејмс, свирејќи на различни видови инструменти. Додека бил во Лос Анџелес, престојувал кај Кери Фишер, глумица која ја запознал преку семејството на неговата поранешна девојка. Фишер била огромна поддршка на неговите стремежи, давајќи му идеја дури и за името на албумот и отстапувајќи му простории од нејзиниот дом за да може да пишува. Всушност, во тоалетот од нејзината куќа, Џејмс го создал легендарниот хитот „Goodbye my lover“.

„Back to bedlam“, конечно доживува своја реализација во Англија, во текот на окмтомври, 2004 година. Дебитантна песна со која се пробил на англиската музичка сцена е „High“, напишана во соработка со Рики Рос од „Дикон Блу“. Оваа песна во почетокот успева да влезе во англиската листа со Топ 100 песни, потоа следува успехот со „You’re beautiful“ која успева да се рангира меѓу првите 75 песни, пред да биде одново преработена. Како таква, била избрана да се појави во реклама за Водафон во Италија и така го достигнала врвот, рангирајќи се меѓу првите десет во оваа земја.

Дебитантниот албум од анонимниот Блант, во почетокот не привлекол многу внимание на критичарите и поради тоа не се појавиле многу изјави кои би го оцениле албумот низ музичките списанија. Неговите настапи во живо, најчесто биле посетувани од попознати музичари и генерално биле позитивно критикувани. Неговата леснотија на изведување на сцена и искуството заедно со променливиот и непостојан пристап кон публиката биле предмет на многуте коментари кои доаѓале од сите страни. Неговата музика најчесто ја поврзувале со онаа на Демијен Рајс и Дејвид Греј. Во март, 2004 година, додека Блант настапувал како гостин на Кејти Мелуа во Манчестер, пратејќи го сето тоа Алекс Мекеј за магазинот „Дизајнер“ напишал: „дека доминантноста на Блант е загарантиран пат до успехот, па така во ова време идната година неговиот албум ќе биде број 1 во светот, а многу од британските награди и други признанија ќе чекаат да бидат негови, многу поскоро отколку што можеме да замислиме“. По издавањето на албумот, кон крајот на 2004 и почетокот на 2005 година следувало гостување на концертите на Елтон Џон и Лојд Кол и „Комоушнс“, а основал и бенд, со кој биле постојани гости во лондонскиот клуб "93 чекори источно" (93 feet East). Во март, 2005 година, неговата втора песна, „Wiseman“, била објавена.

Неговиот трет сингл „You’re beautiful“ била негова одскочна даска. Веднаш по пуштањето во етер го достигнала дванаесеттото место на англиските топ листи, за само шест недели подоцна да го достигне врвот и да се најде на првата позиција. Песната исто така била премногу вртена низ сите области од медиумите, што придонело целиот албум „Back to bedlam“ да се најде на врвот на англиската список на најуспешни албуми. Застапеноста по медиумите, несомнено ја довела во рацете на Блант наградата „Ајвор Новело“, за најизведувана песна. После успехот со „You’re beautiful“ на англиската сцена, песната допира до публиката во Европа, станувајќи еден од најголемите хитови за летото, 2005 година ширум целиот континент. Во Америка, песната за првпат се пушта во етер во летото, 2005 година на WPLJ, едно од најпознатите и најреномирани радија во Њујорк. Веднаш по нејзиното објавување, во есента, 2005 година, песната се искачила на топ 10 листите на три радија од комплетно различни видови. (Adult Contemporary music, Hot adult top 40 tracks и Adult Album Alternative). Блант станал првиот англиски изведувач кој го достигнал врвот на сите американските топ листи, а неговата „You’ re beautiful“ ја добила водечката позиција на листата „Билборд Хот 100“, во 2006 година. Пред Блант, истото го сторил и Елтон Џон пред околу цели десет години со неговата „Candle in the wind“, во 1997 година.

„Goodbye my lover“ била објавена во Англија како четврта нумера на албумот во декември, 2005 година, за подоцна да ја достигне втората позиција на американските топ листи. Нумерите „High“, заедно со „Wiseman“, биле одново издадени во 2006 година. Оваа, 2006 година, Блант започнал со славење на неговите успеси. Најпрво стигнале петте номинации за британските награди, потоа, победата за најдобар британски машки солист и најдобар поп изведувач. Започнал и единаесет месечна турнеја која го одвела насекаде ширум светот. На 31 август,2006 година Блант добил две награди од MTV музичките и видео награди, со неговата „You’ re beautiful“ освојувајќи ја наградата за најдобар видео запис од машки изведувач.

Турнејата низ Америка довела до уште поуспешна промоција, па така есента, 2005 година, Блант се појавил во „Шоуто на Опра Винфри“ и како музички гостин во „Саботното вечерно шоу“ (Saturday night live). Во текот на 2005 и 2006 година, осум од песните од дебитантниот албум биле изведени во телевиски шоуа (како „Округот Оринџ“ – The O.C., „Вовед во Анатомија“ – Grey’s Anatomy итн..), филмови („Неоткриени“ - Undiscovered) и рекламни кампањи (за Хилтон хотелите, Спринт телекомуникации итн..)

Блант ја изведува „You’re beautiful“ на 49те по ред, Греми награди во февруари 2007 година, посветувајќи ја песната на неодамна починатиот, Ахмет Ертегун, претседател на Атлантик Рекордс, меѓутоа не осовјува ниту една од петте категории во кои е номиниран (вклучувајќи ја и онаа за најдобар дебитант).

Според последните податоци албумот е продаден во 11 милиони копии, освојувајќи ги врвовите на топ листите во 16 земји ширум светот. Во Америка пак, биле продадени 2.6 милиони копии и двапати бил прогласен за платински албум. Во Британија бил прогласен десет пати за платина и се продал во повеќе од 3 милиони копии, влегувајќи во Гинисовата книга на светски рекорди за најбрзо распродаден албум во период од една година. Во 2005 година, Блант се појавува во, над деведесет јавни настапи во живо, најчесто низ Америка и Европа, затворајќи ја годината со гостувањето на северно американската турнеја на Џејсон Мраз. Неговата турнеја „Back to bedlam“, започнала во јануари, 2006 година, покривајќи ги градовите во Европа, Америка, Австралија, Нов Зеланд и Јапонија. Други три одделни турнеи насочил кон Северна Америка, завршувајќи со сите ангажмани во текот на ноември, истата година. Со исклучок на оние настапи каде промовирал некоја песна или видео запис, Блант, во текот на 2006 година, извел над 140 настапи во живо. Тој изјавува дека ужива во искуството кое го нудат турнеите. Вели дека токму за време на претходната турнеја, во текот на јули, 2006 година, тој и неговиот бенд ги проживеале најдобрите денови од животот, будејќи се на различно место секој ден.

Видео записите за песните од албумот „Back to bedlam“, изобилуваат со симболизам, создавајќи мрачни ликови. Во првиот запис за нумерата „High“, Џејмс е закопан во пустина. Во записот за „Wiseman“, пак е киднапиран и држен во заложништво. Во записот за „You’ re beautiful“, најавува дека планира да се самоубие скокајќи од гребен во морето. Во драмата за „Goodbye my lover“, Џејмс е заробен во љубовен триаголник, замислувајќи го „соперникот“ со неговата девојка (ликови толкувани од Мет Далас од „Кајл XY“ и Миша Бартон од „Округот Оринџ“). Преснимувањето на записот за „High“ го покажува Блант како гори во шума, а новиот запис за „Wiseman“, пак, го покажува како пали и уништува лични документи, а потоа како и самиот, целиот во оган се движи низ шума.

Блант имал епизодна улога во една од епизодите на серијалот „Sesame Street“, премиерно прикажана на 14 ноември, 2007 година, каде ја извел „You’ re beautiful“.

Пародија на „You’ re beautiful“, насловена како „You’re pitiful“, била снимена од Откачениот Ал Јанковиќ. Блант, лично дал дозвола за оваа пародија да се најде на албумот на Јанковиќ, меѓутоа неговата продукциска куќа Атлантик Рекордс, се изјаснила против оваа идеја и го забраниле комерцијализирањето на песната. За жал, Јанковиќ, веќе направил МП3 снимки на пародијата и таа станала достапна за симнување на мрежните места. Тој повторно се обидел да стапи во контакт со продуцентите и да ги убеди оваа песна да се најде на неговиот албум, но менаџерот на Блант му одговорил преку маил, заблагодарувајќи му се за барањето, одново давајќу му до знаење дека ниту тој, ниту Џејмс нема никогаш да го одобрат објавувањето на песната.

На 28 декември, 2009 година, радиото на БиБиСи, објавило дека албумот „Back to bedlam“ е најпродаван албум за последните 10 години во Англија.

„Сите загубени души“ – 2007/2008 (All the lost souls)[уреди | уреди извор]

Вториот студиски албум на Блант, бил издаден на 17 септември, 2007 година, во Англија, а само еден ден подоцна, реализација доживеал и во Северна Америка. Се продал во 65.000 копии во текот на првата седмица по издавањето, а бил прогласен за платиски албум само по четири дена. Кон крајот на јануари, 2008 година, албумот се продал во 600.000 примероци во Англија и 4.5 милиони насекаде ширум светот. Блант го завршил албумот во текот на зимата, 2006-2007 година, во својот дом на Ибица. Извел пет од десет нумери од овој албум уште во текот на неговата турнеја во 2005 година. Оттогаш текстот, мелодијата и хармонијата на песните биле променети за студиска намена, преработени заедно со Том Ретрок кој повторно се појавува како продуцент.

За разлика од првиот албум кој не бил предмет на многу критики, вториот и тоа како бил центар на внимание кај сите музички критичари, магазини, списанија итн.. 53 од 100 критики во „Метакритик“, биле насочени токму кон овој албум. Тоа е мрежно место која обработува критики, мислење, гледишта итн, за албуми, песни, видео записи и друго, а овие критиките наменети за „All the lost souls“ ги дефинирале како „збунувачки и просечни“. Ерик Дантон за магазините „Милвејк Сеншнел“ и „Хартфорд Курант“, напишал дека албумот е „толку благ и учтив, што дури и скромноста ја прави раскошна“, додека пак од магазинот „Ролинг Стоун“ велат дека „албумот има толку здодевни балади што прават, Колдплеј да изгледаат како Арктик Манкис“. Во нејзината критика за албумот, Кери Мејсон за „Билборд“, пишува дека „Блант покажува безгрижност и самодоверба на голем изведувач, што говори дека сите негови песни ќе го пронајдат патот до успехот“. А, пак на самиот албумот, Мејсон напишала „без ниту еден погрешен потег“. Подеднакво занесена од звуците на албумот, Лиз Хогард за „Обзервер“ напишала дека „е невозможно да му се одолее на поетичниот копнеж на Блант“.

Прв сингл од овој албум е „1973“, песна инспирирана од вечерите кои Блант ги поминал во „Пача“, клуб на Ибица кој бил отворен токму оваа година. Оваа песна станува нов хит со кој Блант го достигнува врвот на европските листи на „Билборд Хот 100“. Диџејот Пит Тонг направил ремикс на оваа песна, која ја промовирал во текот на неговиот летен престој токму во „Пача“ клубот, во 2007 година. Втора песна која се нашла на овој албум е „Same mistake“, објавена во почетокот на декември, 2007 година, која не ги исполнила претходните очекувања, заглавувајќи на 57то место од англиските топ листи. Врвот го достигнува само во Бразил и некои други јужно американски земји. Следна песна од албумот е „Carry you home“, издадена во март, 2008 година, која се нашла на дваесеттото место на англиските топ листи, враќајќи го сјајот на албумот кој повторно котирал меѓу првите десет, само шест месеци по неговото издавање. Четврт и последен сингл е „I really want you“. Џејмс се впуштил во соработка со други уметници двапати, додека овој албум сè уште бил актуелен. Кон крајот на 2007 година, работел со францускиот рапер Синик. Ја објавиле нумерата „Je realize“, која била преработка на култната „I’ll take everything“, која се наоѓала меѓу првите три на француските топ листи. На 14 ноември, 2008 година, новиот албум на Лаура Паусини, „Primavera in anticipo“, бил издаден. Токму оваа насловна нумера е направена во соработка со Блант, а албумот го достигнал врвот на италијанските топ листи.

Во текот на 2007 и 2008 година, Блант ја започнал својата втора светска турнеја, која вклучувала и спектакуларен настап на Лондонската О2 арена.

На 24 ноември, 2008 година, „All the last souls“ доживува полуксузна преработка со нови илустрации, нова песна, „Love, love, love“ и документарецот „Џејмс Блунт, Враќањето на Косово“.

„Некој вид неволја“ – 2010 (Some kind of trouble)[уреди | уреди извор]

Третиот студиски албум на Џејмс, насловен како „Some kind of trouble“, e издаден на 8 ноември, 2008 година. Албумот се искачил на четвртото место на англиските топ листи, продавајќи над 100.000 копии во текот на првата седмица. Првата нумера на албумот „Stay the night“ е објавена на 27 октомври, 2008 година. Го достигнала 37то место во англискиот топ 40 и се задржала на втората позиција, на европските топ листи, цели пет седмици. Вториот сингл од овој албум, „So far gone“, во Англија требало да се појави на 3 јануари, 2011 година, меѓутоа поради критичкиот пристап, песната била преработена и во февруари, 2011 година, се распродала во над еден милион примероци, што претставува 9% од продажбата на првиот албум. Трета нумера од овој албум е „If time is all I have“, во Англија пуштена во етер на 4 април, 2001 година.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Блант изјавува дека по неговите музички успеси, станал поблизок со семејстовто од кога и да е. Неговиот татко управувал со неговите финансии, а мајка му е главен виновник за инвестирањето во домот на Ибица, место каде Џејмс го поминувал целото слободно време уште од кога бил тинејџер. Блант исто така поседувал и вила во швајцарското гратче Вербие, која ја купил во февруари, 2007 година. Во ова гратче еден од новите ски лифтови го носи неговото име.

Блант, сосема случајно одиграл важна улога во животот на неговата сестра. Имено ја понудил на „продажба“ на eВay. Се работи за тоа што неговата сестра требало хитно да стигне на погреб во Ирска, меѓутоа поради неспособноста на траспортните центри била спречена, па така Блант го објавил ова на интернет нарекувајќи ја „дама во неволја“. Еден човек се понудил да помогне велејќи дека неговиот пријател има хеликоптер кој може да ги реши проблемите со транспортот. За жал подоцна се испоставило дека тоа е невозможно бидејќи оној кој го поседувал хеликоптерот во моментот се наоѓал во Шведска. На крајот, сестра му на Џејмс сепак остварила средба со сопственикот на хеликоптерот, Харисон, со кој започнале врска и на крајот завршиле со брак.

Приватниот живот на Џејмс честопати претставувал предмет на значајни дискусии, особено во жолтиот печат. Блант лично се обидува да не привлекува многу внимание бидејќи мисли дека неговиот живот не е до толку интересен, ниту бизарен. Вели дека „славата и ѕвездите се нешто што другите луѓе го создаваат и од тоа воопшто не сака да биде дел“.

Хуманитарни и еколошки придонес[уреди | уреди извор]

Блант собирал парични средства за медицинската хуманитарна организација „Лекари без граници“, преку организирање на хуманитарни концерти и нудејќи на аукција средба со себе на некое од неговите шоуа. Неговата прво соочување со оваа организација било за време на војната во Косово каде бил воодушевен од нивната работа која ја извршуваат во прескромни услови, минимална поддршка, без ни малку себичност.

Исто така, поддржувач е и на идејата за здрава животна средина. На неколку од неговите концерти се прикажале кратки инсерти од документарецот „Суровата вистина“ (An inconvenient truth) за последиците од гобалното затоплување. А пак, билети во претпордажба, за неговите концерти можат да се најдат и на неговото мрежно место посветена на засадувањето на дрвата.

На 7 јули, 2007 година, Блант бил дел од концертот „Live Earth“, на стадионот Вембли во Лондон и сопственик е на едно од двете прототипи на електрични автомобили, направени од „Хибрид технолоџи“, во законска соработка со НАСА.

Како поранешен припадник на воените сили, покровител е на организацијата „Помош за хероите“, чија цел е да собере парични средства кои ќе му го олеснат животот на повредените британски војници. Блант одржувал хуманитарни концерти и за оваа организација. Исто така го дал својот гласовен и музички придонес за создавање на „Everybody hurts“, сингл направен да ја побуди хуманоста за помош на жртвите од земјотресот на Хаити.

Дискографија[уреди | уреди извор]

  • „Повторно лудило“ (Back to bedlam- 2004)
  • „Сите загубени души“ (All the lost souls-2007)
  • „Некој вид неволја“ (Some kind of trouble-2010)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „James Blunt: Biography“. Allmusic.com. Посетено на 28 April 2009.
  2. National Archives, England & Wales, Birth Index: 1916-2005 volume 6b, page 446 confirms birth as Q1, 1974
  3. The 20 Biggest Selling Albums of the 21st century Архивирано на 3 март 2016 г. Music Week. Retrieved 19 August 2011
  4. „James Blunt wraps up 'Beautiful' year“. Atlantic Records. 12 December 2006. Посетено на 4 October 2009.
  5. „James Blunt set to pen new album in his hideaway“. Hello!. Посетено на 4 October 2009.
  6. 6,0 6,1 Thomas, David (1 August 2005). „To be blunt, James, you are a trooper“. The Sunday Telegraph. London. Посетено на 29 December 2007.
  7. „No. 56261“. The London Gazette (invalid |supp= (help)). 3 July 2001. London Gazette uses unsupported parameters (help)
  8. 8,0 8,1 8,2 „The Blunt Life“. Rolling Stone Magazine. Wenner Media LLC (Jann S. Wenner). 4 October 2007. стр. 56–58, 88.
  9. [1] The Sunday Times February 2006
  10. „In Touch. (newsletter)“ (PDF). University of Bristol Alumni Association. Autumn 2005. стр. 2. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-07-21. Посетено на 31 May 2009.