Прејди на содржината

Том Хенкс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Том Хенкс
Хенкс во април 2009 година
Роден(а)Томас Џефри Хенкс
9 јули 1956(1956-07-09)(68 г.)
Конкорд, Калифорнија, САД
Занимањеглумец, продуцент, режисер, позајмувач на глас, сценарист, водител
Активен период1979–денес
СопружникСаманта Лус (1978–1987)(разведен);
Рита Вилсон (1988–денес);

Томас Џефри „Том“ Хенкс (роден на 9 јули 1956 година) е американски глумец, продуцент, сценарист и режисер. Хенкс глумел во телевизиски и семејни комедии, а беше видно забележан во филмот Голем од 1988 година, пред да стекне успех како драматичен глумец како во улогата на Ендру Бекет во Филаделфија, главната улога во Форест Гамп, командир Џејмс А. Ловел во Аполо 13, капетан Џон Х. Милер во Спасувањето на војникот Рајан, Џо Фокс во Имате пошта и Чак Ноланд во Отпадник. Хенкс доби последователни награди за најдобар глумец, во 1993 година за Филаделфија и во 1994 година за Форест Гамп. Заработувачката во бокс-офисот во САД надмина 3,9 милијарди долари. Тој е татко на глумецот Колин Хенкс.

Ран живот

[уреди | уреди извор]

Хенкс е роден во Конкорд, Калифорнија. Неговиот татко, Амос Мефорд Хенкс (роден во Глен Каунти, Калифорнија, на 9 март 1924 година – умре во Аламеда, Калифорнија, на 31 јануари 1992 година), беше далечен роднина на претседателот Абрахам Линколн, од страна на мајката на Линколн, Ненси Хенкс. Неговата мајка, Португалка-Американка Џенет Мерилин (моминско презиме Фрејџер; родена во Аламеда Каунти, Калифорнија, на 8 јануари 1932 година), работеше во болница. Родителите на Хенкс се развеле во 1960 година. Најстарите 3 деца од семејството, Сандра (сега Сандра Хенкс Беноатон, писателка), Лери (сега Лоренс М. Хенкс, професор д-р по ентомологија, вработен на Универзитетот во Илиноис во урбана-Шампањ) и Том, заминале со својот татко, додека најмалиот, Џим, сега глумец, останал со својата мајка во Ред Блаф, Калифорнија. По некое време, и двајцата родители се прежениле. Првата маќеа на Хенкс во бракот дошла со свои 5 деца. Хенкс еднаш изјави за Ролинг Стоун: „Сите во моето семејство се сакаме. Но секогаш имаше околу 50 луѓе во куќата. Не се чувствував тотално како туѓинец, но на некој начин бев оттуѓен.“ Тој брак заврши со развод за 2 години.

Амос Хенкс остана самохран родител, работејќи долги часови, често оставајќи ги децата да се снајдуваат самите, вежба за самостојност која добро им послужи на децата. Освен тоа што Хенкс има семејно минато поврзано со Католицизмот и Мормонизмот, тој беше и „ Библиски евангелист тинејџер“ неколку години. На училиште, Хенкс не беше омилен помеѓу учениците и наставниците, подоцна изјавувајќи за списанието Ролинг Стоун: „Јас бев бубалица и нестабилен. Бев страшно, болно, ужасно срамежлив.Но не запаѓав во неволји. Секогаш бев навистина добро дете и доста одговорен.“ Во 1965 година, Амос Хенкс се ожени со Френсис Вонг, жителка на Сан Франциско од кинеско потекло. Френсис имаше три деца, од кои две живееја со Том додека беше средношколец. Том глумеше во училишни драми, вклучувајќи го Јужниот Тихи Океан, додека го посетуваше училиштето Скајлајн Хајскул во Оукленд, Калифорнија.

Хенкс студираше драма на Шабот Колеџ во Хејвард, Калифорнија, а две години подоцна, се префрли во Државниот Универзитет на Калифорнија, во Сакраменто. Хенкс изјави за Њујорк Тајмс: „Часовите по глума изгледаа како најдобро место за некојшто сака да прави голема врева и да биде екстравагантен. Многу време потрошив одекќи на драми. Носев и девојќи со мене. Ќе отидев до театарот, ќе купев карта, ќе седнев на столчето, и ќе ја читав програмата, а потоа целосно ќе се внесев во драмата. Многу време поминав така, гледајќи ги Бертолт Брехт, Тенеси Вилијамс, Хенрик Ибзен, и сето тоа, а сега погледнете ме мене, глумењето е моја професија. На друг начин не би било.“

Додека студираше драма, Хенкс се запозна со Винсент Даулинг, прв човек на Драмскиот Фестивал на Големите Езера во Кливленд, Охајо. По предлог на Даулинг, Хенкс стана стажист на Фестивалот. Неговото стажирање се претвори во тригодишно искуство покривајќи ги повеќето полиња од драмската продукција, вклучувајќи осветлување, дизајн на сетот, раководење на сцената, а сите овие предизвикаа Хенкс да го напушти колеџот. Во исто време, Хенкс ја доби наградата за најдобар глумец од Кливленд Критикс Сиркл за неговата изведба во 1978 во улогата на Протеј во Двајцата господа од Верона, од Шекспир, еден од ретките улоги кога играл негативец.

Рана кариера

[уреди | уреди извор]

Во 1979 година, Хенкс се спакува и отиде во Њујорк, каде дебитираше во нискобуџетниот хорор филм Тој знае дека си сам, а доби и улога во телевизискиот филм Лавиринти и Чудовишта. Во почетокот на 1979 година, Хенкс ја имаше главната улога Калимачо во продукцијата на Риверсајд Шекспир Компани за Мендрејк од Николо Макијавели, во режија на Даниел Саутерн. Ова е единствениот настап на сцена во Њујорк на Хенкс до денес; како значајна изложбена витрина Оф Оф Бродвеј, продукцијата му помогна на Том да најде агент, Џо Ола од Џ. Мајкл Блум Агенцијата. Наредната година Том имаше главна улога во пилот програмата на Еј-Би-Си, Бусам Бадис, играјќи ја улогата на Кип Вилсон. Хенкс се пресели во Лос Анџелес, каде тој и Питер Сколари играа двајца млади луѓе кои мораат да се облекуваат како жени за да можат да живеат во евтин женски хотел. Хенкс претходно играше заедно со Сколари во шоуто од 70-тите години, Насмеј ме. Бусам Бадис се емитуваше две сезони, и, иако гледаноста никогаш не беше висока, телевизиските критичари дадоа високи оценки за програмата. „Првиот ден кога го видов на сцена,“ изјави Ијан Прејзер за Ролинг Стоун, „си помислив, „Штета што нема да биде на телевизија долго време“. Знаев дека ќе стане филмска за две години“ Но, ако Прејзер знаеше, не можеше да го убеди Хенкс. „Телевизиското шоу се појави одникаде,“ рече неговиот најдобар пријател Том Лизио за Ролинг Стоун. „Тогаш одненадеж се откажа. Сфати дека ќе треба да се врати да влече јажиња и да закачува светла во театар“.

Бусам Бадис и гостување во епизода во 1982 година во Среќни денови („Случај на одмазда“, каде играше намуртен поранешен соученик на Фонзи) го натера режисерот Рон Хауард да го контактира Хенкс. Хауард работеше на филмот Шлапкање (1984 година), романтично-комична фантазија за една сирена која се вљубува во човек. Најпрвин, Хауард размислувал на Хенкс да му ја додели улогата на досетливиот брат на главниот лик, улога која конечно ја доби Џон Кенди. Наместо тоа, Хенкс ја доби главната улога и стекна кариера од Шлапкање, кој потоа стана бокс-офис хит, заработувајќи повеќе од 69 милиони долари. Исто така тој имаше огромен хит со секс-комедијата Ергенска забава, исто така во 1984 година. Во 1983-1984 година, Хенкс трипати се појави како гостин во серијата Семејни Врски како братот алкохоличар на Елиз Китон, Нед Донели.

Период на успеси и падови

[уреди | уреди извор]
Хенкс на гувернерски бал по 61-вото издание на Оскарите, 29 март 1989 година

Со филмот Ништо заедничко (1986 година) – каде станува збор за млад човек оттуѓен од своите родители кој мора повторно да воспостави врска со својот татко, кој го игра Џеки Глисон – Хенкс започна да се етаблира себеси не само како комичен глумец, туку и како некој кој може да игра сериозна улога. „Ги промени моите желби за работење во филмови“, кажа Хенкс за Ролинг Стоун. „Дел од тоа беше природата на материјалот, она што се обидувавме да го кажеме. Но, освен тоа, се фокусираше на врските помеѓу луѓето.

Приказната беше за еден тип и неговиот татко, различен од, да речеме, Рудник за пари, каде што приказната е навистина за еден човек и неговата куќа.“ По уште неколку препнувања и умерен успех со Полициска мрежа, Хенкс успеа со филмот Голем (1988 година), на бокс-офисот и во индустријата. Филмот го прикажа Хенкс како огромен Холивудски талент. Подоцна таа година следуваше филмот Панчлајн, во кој тој и Сали Филд учествуваат како соло комичари. Ликот на Хенкс, Стивен Голд, неуспешен студент по медицина кој се обидува да се пробие како комичар, беше некако напнат и заплеткан.

Приказот на Голд од страна на Хенкс понуди краток поглед од далеку подраматичните улоги кои Хенкс ги усоврши во наредните филмови. Тогаш Хенкс се соочи со еден куп неуспеси на бокс-офисот: Предградијата (1989) , Џо против вулканот (1990), и Оган на суета (1990), како алчен тип од Вол Стрит кој станува замешан во блиц сообраќајна несреќа. Само филмот од 1989 година Тарнер и Хуч му донесе успех на Хенкс во тоа време. Во изданието од 1993 година на Авантурите на Дизни, Хенкс рече, „Го гледав Тарнер и Хуч пред некој ден во една продавница и не можев а да не се потсетам на минатото. Плачев како бебе.“

Напредување во драматични улоги

[уреди | уреди извор]

Хенкс повторно се најде на врвот со улогата на упропастена бејзбол ѕвезда која станува менаџер во филмот Сопствена Лига (1992 година). Хенкс признава дека неговата глума во претходните улоги не била добра и дека се подобрил. Во едно интервју за Венити Фер, Хенкс ја истакна својата „модерна ера на правење филмови...бидејќи се случило доволно самопронаоѓање...Мојата работа стана помалку претенциозно лажна и далеку од очекуваната“. Оваа „модерна ера“ за хенкс започна во 1993 година, најпрво со Бессони во Сиетл а потоа со Филаделфија. Првио филм беше блокбастер и се работеше за вдовец кој ја наоѓа својата вистинска љубов преку воздушни бранови. Ричард Шикел од Тајм за неговата изведба рече дека е „шармирачка“, а повеќе критичари се согласија дека изведбата на Хенкс му обезбедила место помеѓу примарните романтично-комични ѕвезди на неговата генерација.

Во Филаделфија, играше улога на хомосексуалец адвокат со СИДА кој ја тужи неговата фирма за дискриминација. Хенкс ослабе 17 килограми и ја проретчи својата коса со цел да изгледа болно за улогата. Во една критика за Пипол, Лиа Роузен изјави „Пред се, заслугата за успехот на Филаделфија му припаѓа на Хенкс, кој со сигурност го игра ликот, а не светец. Тој е неверојатен, дава длабоко чувствителна, внимателна до нијанса изведба која заслужува Оскар.“ Хенкс ја доби наградата на Академијата за најдобар глумец во 1993 година за филмот Филаделфија. За време на својот говор кога ја примаше наградата, тој откри дека неговиот учител по драма од средно училиште, Роули Фарнсворт и поранешниот соученик Џон Гилкерсон, двајца луѓе со кои бил близок, биле хомосексуалци. Ова откривање беше инспирација за филмот од 1997 година Внатре и Надвор, во кој учествуваше Кевин Клајн како наставник по Англиска Книжевност, кој е проврен од поранешен студент на сличен начин.

По Филаделфија, за Хенкс следуваше летниот хит од 1994 година Форест Гамп. За филмот, Хенкс забележа: „Кога го прочитав сценариото за Гамп, го видов како еден од оние видови на големи, надежни филмови на кои публиката може да оди и да ги почувствува...малку надеж за нивната позиција во животот...Јас тоа го почувствував од филмовите сто милиони пати кога бев дете. Сè уште го чувствувам.“ Хенкс ја доби втората награда од Академијата за најдобар глумец за својата улога во Форест Гамп, станувајќи само вториот глумец кој успеал да освои последователни Оскари за најдобар глумец. (Спенсер Трејси беше првиот, победувајќи во 1937-1938 година. Хенкс и Трејси беа на иста возраст кога ги добија наградите: 37 години за првата и 38 за втората награда).

Следната улога на Хенкс – астронаут и командант Џим Ловел, во филмот од 1995 година Аполо 13 – повторно го поврза со Рон Хауард. Критичарите општо аплаудираа на филмот и на изведбите на сите глумци, вклучувајќи ги глумците Кевин Бејкон, Бил Пакстон, Гери Синис, Ед Харис и Кејтлин Квинлан. Филмот исто така доби 9 номинации за Оскар, а доби два. Истата година, Хенкс учествуваше во анимираниот блокбастер Приказна за играчките како гласот на играчката Шерифот Вуди.

1996 година - сегашност: Режирање, продукција и глума

[уреди | уреди извор]

Хенкс се врати на режирање со својот филм во 1996 година, Тоа што го правиш! За еднма поп група од 60-тите години, исто така играјќи ја улогата на музички продуцент. Хенкс и продуцентот Гери Гецман подоцна го создадоа Плејтон, музичка и филмска продукциска компанија која името го доби според музичката компанија од филмот.

Хенкс беше извршен продуцент, ко-сценарист и ко-режисер на документарната драма на Ејч-Би-О, Од Земјата до Месечината. Во дванаесетте продолженија на серијата се прикажува вселенската програма од својот зачеток, преку познатите летови на Нил Армстронг и Џим Ловел, до личните чувства кои ја опкружуваат реалноста на слетувањата на Месечината. Проектот којшто доби Еми награда, со 68 милиони долари беше еден од најскапите потфати на телевизија.

Наредниот проект на Хенкс исто така не бил евтин. За Спасувањето на војникот Рајан тој се здружи со Стивен Спилберг за да направат филм за една потрага низ Франција која е уништена од војната по Денот Д, со цел да вратат војник кој има билет за дома. Доби пофалби и почит од филмската заедница, критичарите и од јавноста. Се здоби со назив Еден од најубавите воени филмови кои се направени, а Спилберг го доби својот втор Оскар за најдобра режија, а Хенкс доби уште една номинација за најдобар глумец. Подоцна, во 1998 година, Хенкс повторно се обедини со партнерката од Бессони во Сиетл, Мег Рајан за филмот Имате пошта, римејк на филмот од 1940 година Продавницата зад аголот.

Во 1999 година, Хенкс глумеше во адаптацијата на романот на Стивен Кинг, Зелената милја. Исто така се врати како гласот на Вуди во Приказна за играчките 2. Наредната година доби Златен Глобус за најдобар глумец за својата улога како изолиран системски аналитичар во ФедЕкс во филмот на Роберт Земекис, Отпадник. Во 2001 година, Хенкс помогна во режирањето и продукцијата за познатата мини-серија на Ејч-Би-О, Група браќа. Исто така се појави во специјалната емисија за 11 септември, Америка: Признание за хероите и во документарниот филм Спасен од орманот.

Потоа се здружи со режисерот на Американска убавина, Сем Мендес за адаптацијата на графичкиот роман на Макс Алан Колинс и Ричард Пирс Рајнер, Пат до пропаст, во кој глуми анти-херој како платен убиец во бегство со својот син. Истата година, Хенкс соработуваше повторно со режисерот Стивен Спилберг, глумејќи наспроти Леонардо ДиКаприо во хит крими-комедијата Фати ме ако можеш, заснована на вистинска приказна од Френк Абањејл помладиот. Истата година, Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон го продуцираа хит филмот Мојата голема дебела грчка свадба. Во август 2007 година, тој, заедно со ко-продуцентите Рита Вилсон и Гери Гецман, и сценаристот и ѕвезда Ниа Вардалос, започнаа правна постапка против продукциската компанија Голд Сиркл Филмс за нивниот дел од профитот од филмот. На 45 годишна возраст, тој стана најмладиот добитник на наградата од Американскиот филмски институт, за животно дело, на 12 јуни 2002 година.

Во 2004 година, тој се појави во три филма: Гангстерска петорка, на браќата Коен, уште еден филм на Спилберг, Терминал, и Поларен Експрес, семеен филм од Роберт Земекис. Во интервју за УСА Викенд, Хенкс зборуваше за тоа како одбира проекти: Сопствена Лига, може да биде уште само еден филм за мене. Мора да ме придобие некако... Мора да постои сеопфатна желба или чувство за да посакам да го направам тој одреден филм. Сакам да мислам дека сум подготвен да ги разгледам сите приоди со цел да го направам тоа исправно.“ Во август 2005 година, Хенкс беше изгласан за вице-претседател на Академијата за Филмска Уметност и Наука.

Хенкс во 2008 година

Хенкс потоа глумеше во долгоочекуваниот филм Кодот на Да Винчи, заснован на бестселерот на Ден Браун. Филмот излезе на 19 мај 2006 година во САД и заработи над 750 милиони долари низ целиот свет. По филмот следуваше проект со Кен Бурн во 2007 година, документарниот филм Војната. За документарниот филм, Хенкс го позајми гласот, читајќи извадоци од колумни на Ал Мекинтош од времето на Втората светска војна. Во 2006 година Хенкс се појави на врвот на листата од 1500 најдоверливи славни личности, составена од списанието Форбс. Хенкс потоа се појави со кратка улога во глумејќи се себеси во филмот Симпсонови, во кој се појави во реклама велејќи дека Владата на САД го загубила својот кредибилитет и оттука купува од неговиот. Исто така се појави во одјавната шпица, изразувајќи желба да го остават на мир кога е во јавност. Подоцна, во 2006 година, Хенкс го продуцираше британскиот филм Стартер за десет, комедија заснована на студенти од работничка класа кои се обидуваат да го освојат купот на Универзитетот. Во 2007 година, Хенкс глумеше во филмот на Мајк Николс, Војната на Чарли Вилсон. Филмот излезе на 21 декември 2007 година а Хенкс доби номинација за Златен Глобус.


Во 2008 година, во филмот Големиот Бак Хауард, Хенкс игра улога на татко на млад човек (вистинскиот син на Хенкс, Колин Хенкс) кој одбира да ги следи стапките на излитен магионичар (Џон Малкович). Ликот на Том Хенкс не беше многу возбуден за одлуката на својот син. Следниот обид на Хенкс, издаден на 15 мај 2009 година, беше филмска адаптација на Ангели и Демони, заснована на романот со исто име на Ден Браун. Најавата од 11 април 2007 година откри дека Хенкс повторно ќе ја игра улогата на Роберт Лангдон, и дека наводно ќе ја добие најголемата плата за некој глумец до денес. Наредниот ден по десетти пат гостуваше на шоуто Во живо во сабота навечер на Ен-Би-Си, позирајќи за цртеж за Селебрити Џепарди. Хенкс е продуцент на филмот на Спајк Џонс, Таму каде што живеат чудовишта, заснован на детската книга од Морис Сендак.

Во 2010 година, Хенкс повторно ја играше улогата на Шерифот Вуди во третиот филм од серијалот Приказна за играчките 3, по кој тој, тим Ален и Џон Раценбергер беа поканети во филмски театар да погледнат целосна приказна од филмот.

Врвна светска заработувачка

[уреди | уреди извор]

Хенкс е рангиран на највисокото место на бокс-офисот на сите времиња како глумец кој заработил најмногу, над 3,639 милијарди долари, просечно по 107 милиони од филм. Беше вклучен во седумнаесет филмови кои заработија над 100 милиони долари на светскиот бокс-офис. Најголема заработка досега имаше со филмот Приказна за играчките 3, во 2010 година.

Личен живот

[уреди | уреди извор]

Хенкс беше женет со американската глумица Саманта Лус (родена како Сузан Џејн Дилингем) од 1978 до 1987 година. Двојката имаше две деца, синот Колин Хенкс (исто така глумец) и ќерката Елизабет Ен. Во 1988 година, Хенкс се ожени со глумицата Рита Вилсон. Двајцата за првпат се запознаа на снимањето на телевизиското шоу на Хенкс, Бусам Бадис, но подоцна развија роматичен интерес додека работеа на филмот Доброволци. Тие исто така имаат два сина: Честер, или „Чет“ (кој има мала улога како студент во Индијана Џонс и кралството на кристалниот череп), и Труман. А од јануари 2001 година, Чет, сафомор на Нортвестерн Универзитетот, добива медиумско внимание за својот недамнешен рап сингл, „Вајт енд Парпл (Нортвестерн ремикс)“.

Што се однесува на неговите религиозни погледи, Хенкс рече, „Морам да кажам дека кога одам во црква – а одам во црква – размислувам за мистеријата. Медитирам во зборот „зошто?“ од „Зошто луѓето се такви какви што се“ и „Зошто лоши работи се случуваат на добрите луѓе“... Мистеријата е она што јас мислам дека е, скоро, големата обединувачка теорија на човештвото.“ Хенкс стана дедо кога неговиот син Колин и снаата добија ќерка Оливија Џејн Хенкс на 1 февруари. 2011 година.

Политика

[уреди | уреди извор]

Хенкс донираше за многу Демократски политичари и тој е отворен за поддршка за бракови од ист пол, акции за зачувување на животната средина и алтернативни извори на енергија. Хенкс јавно го искажа својот став во врска со изборот на нов претседател на САД на изборите во 2008 година кога прикачи видео запис на својата страна на Мај Спејс каде што најави дека ќе го поддржи Барак Обама. Како поборник за одржување на екологијата, хенкс инвестира во електрични возила и поседува Тојота РАВ4 ЕВ и АЦ Пропалшн иБокс од прво производство. Хенкс беше закупец на ЕВ1 пред да биде отповикана, како што е прикажано во документарецот Кој ја уби електричната кола? Тој е на списокот на чекање за серијата Аптера 2.

Хенкс беше најотворен во врска со неговото спротивставување на предлогот 8, амандман од уставот на Калифорнија кој го дефинира бракот како заедница единствено помеѓу маж и жена. Хенкс и други кои беа против предлогот собраа над 44 милиони долари наспроти поддржувачите кои собраа 39 милиони, но Предлогот 8 помина со 52% од гласовите. За време на премиерата на една ТВ серија во јануари 2009 година, Хенкс ги нарече поддржувачите на предлогот 8 „не-Американци“ и ги нападна членовите на црквата на Мормоните, кои беа главни поддржувачи на предлог законот. Околу една недела подоцна, Хенкс им се извини за забелешката, велејќи дека ништо не е поамерикански од тоа да се гласа за нечија совест.