Франкенштајн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Франкенштајн;
или современиот Прометеј
АвторМери Шели
ЗемјаОбединето Кралство
ЈазикАнглиски
ЖанрГотски роман, Книжевна фантастика, Хорор, Научна фантастика[1]
Дејството се
одвива во
Англија, Ирска, Италија, Франција, Шкотска, Швајцарија, Русија, Германија; крај на 18-ти век
Објавена1 јануари 1818; пред 206 години (1818-01-01)
ИздавачЛекингтон, Хјуз, Хардинг, Мавор и Џонс
Страници280
823.7
Клас. КБPR5397 .F7
ТекстФранкенштајн;
или современиот Прометеј
на Викиизвор

Франкенштајн или современиот Прометеј е роман од англиската писателка Мери Шели напишан во 1818 година. Шели почнала да го пишува романот на свои 18 години, а за прв пат бил анонимно објавен на 1 јануари 1818 г. во Лондон. На второто издание, објавено во Париз во 1821 година стои името на авторката.

Франкенштајн е приказна за Виктор Франкенштајн, млад научник кој во научен експеримент создава чудовиште. Шели во 1815 година патувала низ Европа и стигнала во Гернсхајм, место одалечено 17 км од замокот Франкенштајн, во кој, два века претходно, некој алхемичар правел експерименти.[2][3][4] [note 1] Потоа отпатувала во околината на Женева, каде што се одвива голем дел од романот. Во 1816 година, Мери, нејзиниот иден сопруг Перси Б. Шели и Лорд Бајрон имале натпревар за тоа кој може да ја напише најдобрата хорор приказна.[5] Откако размислувала со денови, Шели добила инспирација да го напише Франкенштајн кој го замислила како научник кој создал живот и бил ужаснат од тоа што го направил.[6]

Иако Франкенштајн содржи многу елементи на готски роман и романтизам, Брајан Алдис вели дека треба да се смета за прва научно-фантастична приказна во вистинска смисла. За разлика од претходните приказни со фантастични елементи што личат на оние од подоцнежната научна фантастика, вели Алдис, централниот лик „донесува намерна одлука“ и „се свртува кон современите експерименти во лабораторија“ за да постигне фантастични резултати.[7] Романот има исклучително влијание врз литературата и врз популарната култура; создаде целосен жанр на хорор приказни, филмови и драми.

По објавувањето на романот, името „Франкенштајн“ честопати погрешно се користи како име за чудовиштето, наместо за неговиот творец/татко.[8][9][10]

Содржина[уреди | уреди извор]

Воведно раскажување на капетан Волтон[уреди | уреди извор]

Франкенштајн е роман напишан во епистоларна форма. Авторката нé воведува во романот преку писмата кои капетан Роберт Волтон ѝ ги праќа на сестра си Маргарет Волтон Савил. Дејството е сместено во осумнаесеттиот век. Роберт Волтон е неуспешен писател кој тргнува да го истражува Северниот Пол. За време на патувањето, екипажот забележува санка влечена од кучиња и управувана од огромна фигура. По неколку часа, екипажот успева да спаси еден речиси премрзнат и целосно изнемоштен човек по име Виктор Франкенштајн. Франкенштајн го бркал џиновскиот човек забележан претходно од екипажот. Откако Франкенштајн закрепнал му ја раскажува на Волтон приказната за неволјите во својот живот.

Приказната на Виктор Франкенштајн[уреди | уреди извор]

Виктор започнува раскажувајќи за своето детство. Роден во Неапол, во богато женевско семејство, Виктор и неговите помлади браќа, Ернест и Вилијам, се синови на Алфонс Франкенштајн и Каролин Бофор. Виктор уште од мали нозе имал силна желба да го сфати светот. Опседнат бил со проучување на теориите на алхемичарите. Кога Виктор имал пет години, неговите родители ја посвојувоиле Елизабет Лавенца (ќерка сираче на италијански благородник) со која Виктор подоцна се оженил. Родителите на Виктор подоцна посвојуваат уште едно дете, Џастин Мориц, која му станува дадилка на Вилијам.

Неколку недели пред да замине на Универзитетот во Инголштат во Германија, мајка му умира од шарлах; Виктор се задлабочил во своите експерименти за да не мисли на тагата. На универзитетот, се истакнува во хемија и развил техника за вдахнување живот во нежива материја. Успева да создаде хуманоид, но Виктор Суштеството го прави високо (2,4 м) и крупен. Тој сватил дека создал грозно чудовиште, со крупни бели очи и жолта кожа која едвај ги сокрива мускулите и крвните садови под неа. Исплашен од својата креација, Виктор бега. Додека следниот ден талка по улиците, се среќава со својот пријател од детството, Хенри Клервал, и заедно одат во станот на Виктор. Виктор се плаши од реакцијата на Клервал кога ќе го види чудовиштето. Меѓутоа, кога Виктор се враќа во својата лабораторија, Суштеството го нема.

Виктор се разболува, а Клервал му помага да закрепне. По четиримесечно закрепнување, Виктор добива писмо од татко му во кое се вели дека неговиот брат Вилијам е убиен. Откако се вратил во Женева, Виктор го гледа Суштеството во близина на местото на злосторството и е убеден дека тоа го убило брат му. Џастин Мориц, дадилката на Вилијам, е обвинета за убиството и е осудена на смрт со бесење. Уништен од тага и вина, Виктор се повлекува во планините. Додека е на Мон Блан, Суштеството ненадејно му приоѓа и го моли да ја слушне неговата приказна.

Приказната на Суштеството[уреди | уреди извор]

Суштеството раскажува за своите први денови од животот, живеејќи сам во дивината. Сватил дека луѓето се плашат од него и го мразат поради изгледот и затоа се крие од нив. Додека живеел во напуштена шупа до една куќа, го засакал сиромашното семејство што живеело таму и дискретно собирал дрва за нив, го чистел снегот од патот и со други задачи се обидувал да им помогне. Живеел така со месеци, научил да зборува слушајќи ги и научил да чита. Сè повеќе се приврзувал за семејството и на крајот собрал храброст и им пришол со надеж да им стане пријател. Влегол во куќата додека присутен бил само слепиот татко. Двајцата разговарале, но откако се вратиле другите членови од семејството биле преплашени. Синот го нападнал и Суштеството побегнало од куќата. Суштеството се налутило од начинот на кој луѓето се однесуваат кон него и се откажал од надежта дека некогаш луѓето ќе го прифатат. Иако чувствувал омраза кон својот творец затоа што го напуштил, решил да отпатува во Женева и да го најде. За време на патувањето, спасил дете кое паднало во река, но татко му, мислејќи дека Суштеството сака да им наштети, го застрелал во рамото. Суштеството во тој момент се заколнало на одмазда против сите луѓе. Стигнал во Женева, го убил Вилијам и ја наместил Џастин да биде виновна за злосторството.

Суштеството бара од Виктор да создаде женка слична на него. Тој ветува дека доколку Виктор го исполни неговото барање, со неговиот партнер ќе исчезнат во јужноамериканската дивина и никогаш нема да се појават повторно. Ако Виктор одбие, Суштеството се заканува дека ќе ги убие преостанатите пријатели и сакани на Виктор и нема да запре додека целосно не го уништи. Плашејќи се за своето семејство, Виктор неволно се согласува. Суштеството вели дека ќе внимава на напредокот на Виктор.

Приказната на Виктор Франкенштајн продолжува[уреди | уреди извор]

За да направи уште едно суштество Виктор заедно со Клервал оди во Англија, но во Перт, Шкотска на инсистирање на Виктор се разделуваат. Виктор се сомнева дека Суштеството го следи. Додека работи на создавање на женското суштество на Оркниските Острови, го измачуваат мисли за катастрофата што би можела да следи. Се плаши дека женката ќе го мрази Суштеството или дека ќе стане полоша од него. Најзагрижувачка за него е идејата дека создавањето на второ суштество може да доведе до размножување на раса што може да го загрози човештвото. Го распарува недовршеното женско суштество и во истиот момент на прозорот го гледа Суштеството, кое го следело Виктор. Суштеството се соочува со Виктор и му вика да почне од почеток, но Виктор одбива. Суштеството заминува, но пред тоа му се заканува: „Ќе бидам со тебе на твојата прва брачна ноќ“. Виктор запловува во морето за да ги фрли инструментите, заспива во чамецот и потоа не може да се врати на брегот поради силни ветришта, кои на крајот ќе го однесат на ирскиот брег. Кога Виктор стигнува во Ирска, уапсен е за убиството на Клервал; Суштеството го задавил Клервал и го оставил трупот на местото каде што пристигнал неговиот творец. Виктор доживува уште еден нервен слом и се буди во затвор. Откако ќе се докаже неговата невиност, се враќа дома.

Во Женева, Виктор ќе се ожени со Елизабета и се подготвува до смрт да се бори со Суштеството, и на првата брачна ноќ се вооружува со пиштоли и кама. Вечерта по венчавката, Виктор ја моли Елизабет да остане во соба додека тој го бара „демонот“. Додека Виктор ја пребарува куќата, суштеството ја дави Елизабета. Од прозорецот, Виктор го гледа Суштеството, кое со потсмев покажува кон трупот на Елизабета; Виктор се обидува да го застрела, но Суштеството бега. Таткото на Виктор, изнемоштен од возраста и од смртта на Елизабета, умира по неколку дена. За да се одмазди, Виктор го брка Суштеството низ Европа, а потоа на север во Русија, но тоа е цело време еден чекор пред него. Конечно, потерата го води до Северноледениот Океан и кон Северниот Пол. Виктор успева да се приближи на само една милја од Суштеството, но колабира од исцрпеност и хипотермија, дозволувајќи му на суштеството да побегне. Мразот околу санката на Виктор се одделува, и доаѓа во близина на бродот од Волтон.

Заклучокот на капетанот Волтон[уреди | уреди извор]

Кога Виктор ќе заврши со својата приказна, капетанот Волтон продолжува да раскажува. Неколку дена по исчезнувањето на Суштеството, бродот е заробен во мраз, а неколку членови од екипажот умираат од студ. Откако ќе го ослободат бродот од мразот остатокот од екипажот одлучува да се врати назад. Виктор е лут на тоа, па и покрај изнемоштеноста им држи моќен говор. Тој ги потсетува се приклучиле на експедицијата и дека тешкотијата и опасноста, а не удобноста, ја определуваат славата на потфатот. Ги повикува да бидат мажи, а не кукавици. Сепак, говорот на Виктор иако му остава впечаток на екипажот, одлучуваат да се вратат назад кога ќе се ослободи бродот, Волтон со жалење одлучува да се врати на југ. Виктор, иако изнемоштен, изјавува дека ќе продолжи сам. Категоричен е дека Суштеството мора да умре.

Виктор набргу потоа умира, и на Волтон во неговите последни зборови му вели, да ја бара „среќата во спокојството и да ја избегне амбицијата“. Волтон на својот брод, го гледа Суштеството како тагува врз телото на Виктор. Суштеството на Волтон му вели дека не се смирил по смртта на Виктор; а неговите злосторства го направиле уште помизерен од Виктор. Суштеството дава завет дека ќе се самоубие за никој да не знае за неговото постоење. Волтон гледа како Суштеството се оддалечува на ледник и оттогаш никој повеќе не го видел.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Stableford, Brian (1995). „Frankenstein and the Origins of Science Fiction“. Во Seed, David (уред.). Anticipations: Essays on Early Science Fiction and its Precursors (англиски). Syracuse University Press. стр. 47–49. ISBN 978-0815626404. Посетено на July 19, 2018.
  2. Hobbler, Dorthy and Thomas.
  3. Garrett, Martin.
  4. Seymour, Miranda.
  5. McGasko, Joe. „Her 'Midnight Pillow': Mary Shelley and the Creation of Frankenstein“. Biography. Архивирано од изворникот на 19 February 2019. Посетено на 2019-02-18.
  6. Shelley, Mary.
  7. The Detached Retina: Aspects of SF and Fantasy by Brian Aldiss (1995), p. 78.
  8. Bergen Evans, Comfortable Words, New York: Random House, 1957
  9. Bryan Garner, A Dictionary of Modern American Usage, New York, Oxford: Oxford University Press, 1998.
  10. Merriam-Webster's Dictionary of American English, Merriam-Webster: 2002.

Извори[уреди | уреди извор]

 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „note“, но нема соодветна ознака <references group="note"/>.