Џорџ Гордон Бајрон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Џорџ Гордон Бајрон
Џорџ Гордон Бајрон.

Џорџ Гордон Бајрон, шестиот барон Бајрон (Лондон, (22 јануари 1788 - 19 април 1824 Мисолонги) бил англо-шкотски поет и водечка фигура во романтизмот. Тој бил олицетворение на слободен човечки дух во бунтот против поредокот и рамките на тогашното општество, па оттука и неговата голема популарност кај европските народи, кои биле под јаремот на туѓинскиот и на домашниот деспотизам.

Меѓу неговите најпознати дела се Странствувањето на Чајлд Харолд и Дон Жуан. Последново дело останало недовршено по неговата смрт. Тој бил сметан за еден од најголемите европски поети кој сè уште се чита.

Бајроновата слава се потпира не само на неговото пишување, но и на неговиот живот, кој вклучувал екстравагантно живеење, бројни љубовни афери, сомнежи, разделувања, обвинувања за инцест и содомија и евентуална смрт од треска по неговото патување да се бори на грчка страна во Грчката војна за независност; за што тој е грчки национален херој.

Тој е опишан од Каролин Ламб како "луд, лош и опасен да се познава". Познат е и по неговата ќерка Ада Ловлејс.

Биографија и дело[уреди]

Својот најзнаковит претставник англискиот романтизам го наоѓа во бујната, нескротлива и поетична личност на Џорџ Гордон Бајрон. Неговите стихови се израз на длабоко проживеаното искуство на непомирлив бунтовник пред конформизмот на сопствената средина, прогнаник, романенпоет задоен со чувството на светската тага и пламен поборник против ропството и тиранијата.

Потомок на осиромашено благородништво, сепак, на десетгодишна возраст се стекнува со титулата лорд и живее во замокот на своите предци, а по завршените студии во Кембриџ станува член на Домот на лордовите. Меѓутоа, никогаш слободарскиот дух на "куциот Аполон" (како што го нарекувале; со едната нога куцал) не се вклопувал во калапот на својата средина. На негативниот прием на неговата прва стихозбирка Часови на бездејство (1807), Бајрон одговара со остра сатира - Англиските барди и шкотските критичари (1809), во која ги напаѓа неприкосновените авторитети на англиската критика, но и поетите. Во младешка резигнација ја напушта земјата. Во текот на неговото патување по средоземјето (Шпанија, Албанија, Грција, Турција) ќе ја напише поемата Странствувањето на Чајлд Харолд (1812-1818), која по враќањето дома му носи неочекувана и мигновена слава. Меѓутоа, неговиот настап во Горниот дом во одбрана на лудистите, разгневените англиски работници, ќе му донесе многу нови непријатели меѓу конзервативното англиско благородништво и конечно и по скандалот околу неговиот развод, ќе биде принуден засекогаш да ја напушти Англија. Извесен период живее во Швајцарија, а последната година од животот ја минува во Грција, воодушевен од грчката борба за национално ослободување.

Како плод на двегодишното патување по средоземјето ги создава и поемите Ѓаур (1813), Абидоската свршеница (1813), Гусар (1814), Лара (1814). Во Швајцарија, меѓу другите, ги создава и драмите Манфред (1817), Каин (1821), Визија на небесното судење (1822). Неговото најобемно дело, хумористично-сатиричната поема Дон Жуан, која претставува духовита, пикарска, бурлескна и разновидно распослана слика на современоста, која во најголемиот дел е сатира на англиските манири на убаво и прифатливо општествено однесување, останува недовршена.