Форсирање на романот-река

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Форсирање на романот-река“ (хрватски: Forsiranje romana-reke) — роман на хрватската писателка Дубравка Угрешиќ од 1988 година. За него, авторката ја добила престижната НИН-ова награда за роман на годината.

Содржина[уреди | уреди извор]

  • I: Во 1983 година, авторката учествува на книжевна работилница во Ајова, а потоа патува низ САД, но не може да напише ништо. По враќањето во Загреб, таа оди на неколку книжевни патувања низ Европа каде се дружи со бројни странски писатели, а со некои продолжува да се допишува. Истовремено, во целиот тој период, таа чувствува големи болки предизвикани од ишијас.[1]
  • Lundi, 5 Mai: Во хотелот „Интерконтинентал“ во Загреб се одржува меѓународна конференција на која учествуваат голем број писатели и критичари од повеќе земји. Еден од учесниците е шпанскито поет Хосе Рамон Еспесо, кој штотуку пристигнува во хотелот. По појадокот, тој оди на капење во базенот, но по излегувањето се лизга, паѓа и од ударот умира. Поради трагичниот настан, организаторите на конгресот итно го повикуваат министерот, кој тогаш се наоѓа кај својата љубовница Ванда.[2]
  • Mardi, 6 Mai: Освен смртта на шпанскиот писател, во хотелот се случува уште еден непријатен настан: на говорницата истапува чешкиот писател Јан Здржазил, кој панично соопштува дека некој му го украл романот што го пишувал повеќе години. На конгресот присуствува и младиот писател Пипо Финк, кој не остварил книжевен успех и поради се чувствува фрустрации. Таму, тој се спријателува со американскиот писател Марк. Исто така, на конгресот учествува и рускиот писател Трошин, кој се запознава со австриската студентка Сабине со која набргу има полов однос.[3]
  • Mergredi, 7 Mai: Во собата на Јан влегува Ена, која го затекнува во очај при што тој ѝ ја раскажува својата животна приказна: запознавањето со сопругата, уредниот брак, пишувањето на романот и незадоволството од мирниот живот. Ена го советува да ја пријават кражбата и двајцата одат во полициската станица, каде Јан поднесува писмена пријава во која опишува дека романот го напишал за да ја спаси својата чест, бидејќи долго време цензурурал многу писатели од кои еден дури извршил самоубиство. За тоа време, учесниците на конгресот посетуваат една фабрика за месни производи, каде писателот Прша на работниците им дели примероци од својот најнов роман. Кога се враќаат во хотелот, организаторите дознаваат за нов скандал: три девојки, Дуња, Тања и Цецилија во хотелската соба го силуваат книжевниот критичар Иван Љуштина, откако претходно го врзуваат за креветот. По совет на Ена, Јан предвреме заминува дома. Сабине и Трошин повторно имаат полов однос и тогаш таа му предлага за пребега во Австрија со лажен пасош. Трошин размислува за предлогот и сфаќа дека животот му е исцрпен.[4]
  • Jeudi, 8 Mai: Трошин се сеќава на патувањето во Њујорк, кога немал храброст да остане во САД, туку се вратил во родната земја. Францускиот учесник, Жан Пол Флагус, кој се претставува како далечен роднина на Гистав Флобер, му нуди на Прша книжевна слава и му ја изложува својата визија за масовно книжевно производство и за тотална контрола на книжевноста. Поттикнат од разговорот, кај Прша се буди нагонот за моќ и за успех. Во меѓувреме, министерот ненадејно умира од срцев удар токму во мигот кога на телевизија ја слуша веста за својата ненадејна смрт. Пред да го напушти хотелот, од разговорот меѓу Флагус и неговиот помошник се дознава дека тие му го украле романот на Јан за да му се одмаздат за самоубиството на писателот. Исто така, тие му подметнале документи со антидржавна содржина со намера Јан да биде уапсен при влезот во Чехословачка. Најпосле, тие двајца ја предизвикале и смртта на министерот. Трошин успешно ја минува границата и влегува во Австрија, задоволно очекувајќи ја средбата со Сабине, но кога легнува да спие, еден непознат човек го прободува во срцето и така Трошин умира. Флагус телефонски ја известува Сабине за убиството на Трошин, кое се случило по грешка зашто требало да биде убиен другиот советски писател, но ја известува дека таа ќе биде платена за помошта при убиството. Пипо го повикува Марк во својот дом, а утредента, кога се буди, Марк веќе си заминал, оставајќи му порака дека тој му го украл на Флагус Јановиот роман и дека отпатувал за Амстердам за да учествува на книжевен конгрес.[5]
  • II: Во текот на 1986 и 1987 година, авторката повторно оди на повеќе книжевни патувања во Минхен, Хавана, Мадрид итн., а истовремено продолжуваат нејзините болки поради ишијасот. Тогаш, таа планира да почне да пишува роман.[6]

За делото[уреди | уреди извор]

Романот го враќа читателот во последните години од 1980-тите, т.е. во последната епизода на комунизмот на чии дотраени темели авторката го сместува дејствието. На меѓународниот собир на писателите паѓаат маските на книжевниот естаблишмент, составен од самозаљубани критичари, „државотворни“ писатели, неостварени таленти и многу други смешно-тажни ликови од тогашната општествена сцена. Притоа, на романескната сцена авторката изложува цела галерија ликови и приказни, а богатото сиже е разработено во најрепрезентативниот постмодернистички манир — од автотематизацијата на книжевноста и пишувањето, преку мешањето на жанровите, пародиското соочување на високите и тривијалните облици до укинувањето на границата меѓу фиктивното и стварното, а сето тоа проследено со беспоштедна иронија. За романот Угрешиќ ја освоила престижната НИН-ова награда како првата писателка која го постигнала тој успех, а романот бил преведен и на повеќе странски јазици: англиски, дански, германски итн.[7]

Во поговорот кон американското издание од 1993 година, Дубравка Угрешиќ истакнува дека поради многубројните настани кои се случиле од првичното објавување на романот, некои од епизодите опишани во него денес се читаат како далечно, едвај разбирливо минато. Но, исто така, некои реченици звучат како најблиска иднина, како што е идејата на Флагус за тотална книжевна контрола, која потсетува на она што се нарекува publishing industry. Исто така, неговата изјава дека некои земји, култури и јазици нема да постојат во меѓувреме стана вистина. Понатаму, многу од ликовите опишани во романот и понатаму имаат свои живи двојници: разни министри и нивните слуги. По нејзиното признание, кога повторно би го напишала романот, тој би бил помалку ведар.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 5-13.
  2. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 17-69.
  3. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 71-113.
  4. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 115-163.
  5. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 165-234.
  6. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 235-241.
  7. Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018.
  8. „Autorski pogovor“, во: Dubravka Ugrešić, Forsiranje romana-reke. Beograd: Booka, 2018, стр. 243-246.