Социолингвистика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Социолингвистиката е гранка од лингвистиката која ги проучува пред сѐ разликите и промените на јазикот кои се манифестираат во однос на разликите (културни, општествени, економски) на поединците и во однос на ситуациите во кои се одвива комуникацијата. Накусо, може да се каже дека социолингвистиката го проучува начинот на кој одредени апстрактни јазични структури (кои од своја страна ги проучува општата лингвистика) се однесуваат кога се составен дел од некоја општествена стварност.

Улога на социолингвистиката[уреди]

Денес е општо познато дека секој јазик е производ на општеството во кое се зборува и дека истиот е во состојба да влијае врз општеството кое го раѓа. Ова тврдење, видно банално, во себе крие низа импликации кои се однесуваат на голем број научни дисциплини како што се антропологијата, етнологијата и етнографијата, социјалната психологија, социологијата итн. Но секоја од овие дисциплини го смета јазичниот феномен како секундарен во однос на сопствените дескриптивни цели и задачи т.е. како функционален во објаснувањето на другите феномени кои се составен дел на сложеното човеково општество како што е односот меѓу различните генерации, врските меѓу половите, обичаите и традициите. Дури и литературата која во одредени аспекти е многу блиска до лингвистиката, го набљудува јазикот во однос на содржините кои тој ги искажува и во оваа перспектива, само како средство на вреднување на општествениот контекст кој е „мајката“ на јазикот. Огледало на овие односи кон врската меѓу јазикот и општеството е токму социолингвистиката: таа всушност ги проучува врските кои постојат меѓу јазикот и ситуацискиот контекст, односно меѓу општеството, во поширока смисла во кој јазикот се зборува, нагласувајќи го самиот феномен јазик.

Целта на социолингвистиката е значи да развие модели, теории, методологии кои ќе бидат строги, но сепак нема да се фосилни средства за истражување, кои ќе му овозможат на истражувачот да ја опише стварноста со која се занимава на начин што е можно поверодостоен, на начин на кој ќе се води грижа за динамиката на јазикот и давајќи меѓу другото, и објаснување за опишаните феномени, преку една причинско-последична врска, или пак давајќи претпоставки доколку не е можно утврдувањето на таквата врска. Проучувањето на јазичните феномени, во најширока смила на зборот, ќе може да претставува клуч за пристап и толкување на општеството и обратно, анализата на општеството ќе доведе до поголемо разбирање на самите јазични феномени.

Од теориска лингвистика до социолингвистика[уреди]

Развивајќи се како научна дисциплина од педесеттите години на 20 век и пред сѐ темелејќи се на проучувањата на Вилијам Лабов за варијациите на англискиот јазик во Њујорк, социолингвистиката (терминот за прв пат бил употребен во 1952 год. од страна на Х.К.Кари) имала голема заслуга во истакнувањето на фактот дека јазикот не е исклучиво апстрактен феномен (како што понекојпат се сметало од страна на генеративната лингвистика), туку дека тој претставува еден вид огледало на општеството кое го произведува и истиот го употребува.

Преминот од теориска лингвистика кон лингвистика која води сметка за контекстот во кој јазикот наоѓа практична примена, може приближно да се изедначи со преминот од фокализирањето на структурата кон фокалицирањето на функцијата, од јазичната форма како апстрактност кон јазичната форма како практичност во човековиот контекст. Со други зборови, јазикот се набљудува и проучува поради она што тој е, општествен феномен, а не повеќе само како чиста концептуална апстракција.

Можеме да заклучиме дека секоја говорна интеракција е општествен процес во кој речениците се избираат согласно нормите и општествено прифатените очекувања, јазичните феномени можат да бидат анализирани како во рамките на јазичниот контекст (теориска лингвистика), така и во рамките на еден многу поширок контекст на општествено однесување ( функционална лингвистика, социолингвистика).


Литература[уреди]

  • Fasold, R. (1984) The Sociolinguistics of Society, Oxford, Blackwell
  • Fasold, R (1990) The Sociolinguistics of Language, Oxford, Blackwell
  • Halliday, M.A.K. (1978) Language as Social Semiotics. The Social Interpretation of Language and Meaning, London, Arnold.
  • Hymes, D (1974), Foundations in Sociolinguistics. An Ethnographic Approach, London, Tavistock.
  • Labov, W. (1966) The Social Stratification of Ehglish in New York City, Washington D.C., Center for Applied Linguistics.
  • Romaine, S. (1994) Language in Society, Oxford, Oxford University Press

Видете уште[уреди]

Надворешни врски[уреди]