Ристо Кирјазовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ристо Кирјазовски
Роден/а6 јануари 1927
Граче, Костурско, Егејска Македонија
Починат/а3 октомври 2002
Скопје, Македонија
Сопруг/аХристина Кирјазовска
ДецаНики Кирјазовска, Нада Кирјазовска

Ристо Кирјазовски (6 јануари 1927 - 3 октомври 2002) — македонски револуционер, научник и публицист. Партизан е во Народно Ослободителниот Фронт на Македонците од Егејска Македонија и учесник во Граѓанската војна во Грција. По 1949 година преминува во СР Македонија и целиот живот го посветува на научната работа во Архивот на Македонија и Институтот за национална историја во Скопје.[1][2]

Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

Ристо Кирјазовски е роден на 6 јануари 1927 година во костурското село Граче, Егејска Македонија. Основното образование го завршува во родното село, непосредно пред започнувањето на Втората светска војна.

Уште на неполни 16 години, Кирјазовски станува учесник во Народноослободителната војна во Грција. На февруари 1943 година се вклучува како доброволец во ЕЛАС (Грчката народноослободителна војска), а по Договорот од Варкиза за разоружување на ЕЛАС, се вклучува во Македонската организација НОФ (Народно-Ослободителен Фронт на Македонците од Егејска Македонија). Учествува во првите вооружени судири на НОФ против грчките монархофашистички банди, а од 1946, кога се создава Демократската армија на Грција, станува нејзин член и учествува во важни битки во Граѓанската војна во Грција.[3]

Неговото учество како партизан на ДАГ не се ограничува само во битки на територијата на Егејска Македонија (Северна Грција), Кирјазовски учествува и воените дејствија во внатрешноста на Тесалија.[4][5]

Ристо Кирјазовски покажува особена храброст во битката на Вич планина, кога партизаните на ДАГ (составена 60% од Македонци) водат крвави битки за секоја педа земја од живописните предели на Костурската корија. Рануван е неколкупати. Партизан е од 1943 сè до септември 1949 година кога ДАГ се повлекува во Албанија.

Научна и творечка дејност[уреди | уреди извор]

По поразот на Демократската Армија, Кирјазовски преминува во Социјалистичка Република Македонија, каде завршува средно, а во 1958 и факултетското образование. Неколку години работи како учител во Скопје и Ресен, а од 1962 е вработен во Архивот на Македонија, а од 1 јуни 1974 година е вработен во Институтот за Национална Историја со звање виш стручен соработник. Во 1978 е избран за научен советник, а во 1982 за доктор на науки.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Интересот на д-р Кирјазовски е свртен во прв ред кон проучувањето на најновата историја на Егејскиот дел на Македонија (1912-1949), но исто така има трудови што се однесуваат за крајот на XIX век. Има објавено над 150 статии во научни списанија, зборници и весници; има направено рецензии на десетици книги; од непроценлива важност е неговата улога во средување на архивската граѓа од необработени материјали и документи; речи, предавања и др.

Интересни се неговите статии, целосно изработени врз основа на дотогаш непозната богата архивска документација што денес се наоѓа во Архивот на Македонија. Неговите статии и научни трудови ги обработуваат темите: политиката на КПГ по македонското прашање, учеството на Македонците во ДАГ, борбата на Македонците од Егејска Македонија за употреба на македонскиот јазик во училиштата, за целите на НОФ во Егејска Македонија и др.[6]

Делата на д-р Ристо Кирјазовски се од непроценлива вредност за историја на Македонија, и поконкретно за историјата на Егејскиот дел на Македонија.

Како негови поважни дела се сметаат книгите:

и други книги, како и 9-томната архивска граѓа собрана и издадена од него која содржи над 2000 документи.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Ристовски, Блаже (2009). Македонска енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 692. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958.CS1-одржување: датум и година (link)
  2. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 143. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. „КИРЈАЗОВСКИ, Ристо“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-23.
  4. Виктор Цветаноски (Брoj 2731 вторник, 8 јули 2008). „Утрински весник“. www.utrinski.com.mk. Недостасува |author1= (help); Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. Виктор Цветановски (2008). „Утрински Весник - Фељтон "ДРАМАТА НА ЕГЕЈСКИТЕ МАКЕДОНЦИ". mhrmi.org. Недостасува |author1= (help)
  6. д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ. „ИСТОРИЈА“. makedonskosonce.com. Недостасува |author1= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]