Предел насликан со чај

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Предел насликан со чај“ (српски: Предео сликан чајем) — роман на српскиот писател Милорад Павиќ од 1988 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Прва книга: Мал ноќен роман[уреди | уреди извор]

Во овој дел истовремено се прикажани две приказни. Едната се однесува на историјатот на христијанското монаштво и на поделбата на монасите на два реда — општежители и самци. Втората приказна се однесува на архитектот од Белград, Атанасије Свилар кој, иако бил многу ценет во струката, никогаш не добил можност да изгради ниту една градба. И покрај тоа, тој работи неуморно, а ноќе шета низ градот, посетувајќи ги местата каде се среќавал со своите поранешни девојки. Бидејќи страдал од поленска алергија, една пролет, по совет на лекарот, тој решава да замине на море, а со себе го поведува и синот Никола. Тие најпрвин пристигаат во родната куќа на Атанасије во Матарушка Бања каде, по мала расправа, синот го напушта, а тој заминува во Грција со намера да го пронајде својот татко, кој исчезнал во 1941 година, како офицер на југословенската кралска војска. Таму, случајно среќава еден гуслар, негов сонародник кој живее во Германија. Тие го продолжуваат патувањето заедно, а по наговор од гусларот, Атансије одлучува да го побара татко си во Света Гора. На границата пред Света Гора, тој и гусларот престојуваат во една гостилница каде Атанасије ја слуша приказната за неколку војници на југословенската кралска војска кои во 1941 година пребегале во Света Гора. Тогаш, Атанасије одлучува да го продолжи патот сам, но утредента утврдува дека неговиот сопатник веќе го напуштил. Кога пристигнува во српскиот манастир Хиландар, Атанасије го среќава гусларот таму. Од монасите, тој дознава дека татко му се скрил во манастирот, но германската војска дознала за тоа и набргу пристигнала во манастирот, а тогашниот настојник, за да го спаси манастирот од уништување, признал за скриените југословенски војници; сепак, во последен миг, војниците избегале во шумата, но монасите не знаат што се случило со нив; по тој настан, настојникот бил расчинет и оттогаш живеел како монах-самец надвор од Хиландар. Притоа, монасите му ја предаваат на Атанасије униформата на неговиот татко и тој ја напушта Света Гора. Кога пристигнува во родната куќа, таму го затекнува синот Никола и сфаќа дека тој веќе пораснал и се одделил од него. Тогаш, Атанасије се сеќава на настаните поврзани со ослободувањето на Белград, на доаѓањето на партизаните и на нивното владеење по војната и сфаќа дека тие биле еден вид „општежители“ исто како дел од калуѓерите на Света Гора. Така, Атанасије најпосле ја сфаќа причината за своето неснаоѓање во животот — фактот тој спаѓа во редот на „самците“, кои се осудени да бидат издвоени од светот. Во тој миг, тој се присетува на еден текст од областа на архитектурата, напишан на германски јазик.[1]

Втора книга: Роман за љубителите на крстозборки[уреди | уреди извор]

Хоризонтално 1[уреди | уреди извор]

Во една кафеана, раскажувачот го среќава својот поранешен школски другар, кој по 25 години поминати во странство се враќа во Белград. Раскажувачот не може да се сети на него, но дознава дека станува збор за Атанасије Свилар, кој во меѓувреме станал многу богат бизнисмен. Исто така, дознава дека вистинското презиме на Атанасије е Разин, а татко му бил познат руски математичар. Во чест на Разин е објавена спомен-книга која содржи податоци за неговиот живот, како и негови белешки и други материјали. Од нив се дознава дека, по напуштањето на родната земја, Атанасије најпрвин заминал во Виена, каде од еден свој поранешен школски другар добил пари и така никнала неговата фирма. Исто така, во спомен-книгата е опишана првата средба на Атанасије со неговата сопруга Витача Милут, која ја запознал на една забава во Белград. Понатаму следи описот на историјата на госпоѓата Амалија Ризниќ, една од предците на Витача: Амалија имала српско-полско потекло и била многу богата. Времето го минувала посетувајќи ги европските кафеани, зашто била голема љубителка на храната. Потоа се омажила за богат и убав маж од Виена и со него добила син, кој растел и стареел многу брзо и умрел на седумгодишна возраст. Тогаш, Амалија се развела и пак почнала да ги посетува кафеаните, а истовремено објавила оглас со намера да посвои некое дете кое личи на нејзиниот мртов син. На огласот се пријавил нејзиниот сопруг и таа го посвоила како свој син, а кога сакала да му најде жена, тој ја напуштил, не сакајќи да се ожени за друга жена. Потоа, Амалија се разболела, а еден лекар од Лондон ѝ кажал дека лекот ќе го најде во местото Мачје блато. Откако безуспешно го барала местото, таа го нашла случајно во Бачка и сфатила дека тоа е дел од нејзиниот имот. Влегувајќи во калта, Амалија успеала да оздрави. Витача Милут останала рано без мајка така што израснала со татко ѝ и баба ѝ Јоланта. Витача имала совршен слух и ичела пеење, но кога станала девојка наеднаш го изгубила гласот. Кога го запознала Атанасије Свилар, некое време се дружела со него, а потоа наеднаш се омажила за еден офицер, пријател на татко ѝ. Многу подоцна, еден ден, во нејзината куќа се појавил Атанасије, кој ја зел со себе, напрвин во Виена, а оттука во САД. овој дел завршува со приказната за посетата на Атанасије Разин на неговата познаничка Олга, со понуда да ѝ ги купи идните (неродени) потомци, зашто тој немал деца.[2]

Хоризонтално 2[уреди | уреди извор]

Споменицата за Атанасије содржи и информации за неговата мајка, по потекло од Панчево. Во една прилика, нејзиниот дом го посетил непознат Рус кој ја зел со себе и така таа се омажила за математичарот Разин. Подоцна, таа се вратила назад и се омажила со офицерот Коста Свилар. Уште кога бил малолетен, Атанасије се вљубил во Витача и сакал да се ожени со неа, но мајка му го натерала да играат покер, а како влог во играта била неговата одлука за женење. Служејќи се со измама, мајка му победила и така тој не се оженил со Витача. Дури подоцна, откако побегнал во странство, Атанасије побарал од мајка му да му го каже името на вистинскиот татко и тогаш го променил презимето од Свилар во Разин. Притоа, тој стекнал огромно богатство, работејќи за потребите на американската армија. Инаку, Атанасије и Витача најпрвин заминале во Виена, каде што живеела кај Вида, сестра и на Витача. Вида била преведувачка и живеела со еден српски писател, но не ги преведувала неговите дела. По неколку години, писателот ја напуштил и таа се омажила. Кога работите на Разин почнале да се подобруваат, тој и Витача се преселиле во Лос Анџелес, каде живееле раскошно, но немале деца. Во овој дел е наведено и едно искажување на Разин, поврзано со неговата посета на Азра, сестрата на Олга. При средбата, Атанасије и Азра најпрвин ја одиграле играта во која двајцата истовремено раскажуваат приказна на одредена тема (за Сината џамија), а потоа склучиле договор со кој Азра му ги продала потомците (иако таа немала деца) на Атанасије. Двете малолетни ќерки на Витача од нејзиниот прв брак со мајорот Похвалиќ биле убиени, а татко им самостојно водел истрага при што го пронашол пиштолот со кој било извршено убиството. Потоа, тој ги канел дома сите колеги од војската на кои им земал отпечатоци од прстите, со цел да го пронајде убиецот. Последен дошол неговиот претпоставен офицер, кој за време на посетата му раскажувал за природата на смртта на девојчињата, а потоа му ја оставил својата муниција. Утредента, мајорот Похвалиќ сфатил дека отпечатоците на пиштолот се, всушност, негови, т.е. дека тој си ги убил ќерките, а потоа извршил самоубиство.[3]

Хоризонтално 3[уреди | уреди извор]

Покрај Олга и Азра, Атанасије ја посетил и нивната сестра Цецилија, која однапред знаела за неговата намера и му укажала на страшните последици од неговиот план, но сепак се согласила да го потпише договорот за продажба на своите потомци. Во нејзината куќа, Атанасије сретнал две необични деца, од кои едното, Азередо, било ѓаволче. Притоа, Азередо го предупредил дека со неговата работа ќе го уништи човештовото, советувајќи го да ги поништи договорите за купување на потомците. Кога Витача разбрала за смртта на ќерките, таа и Разин пристигнале во Србија по погребот. На гробиштата, таа го загубила гласот, а подоцна ненадејно се стекнала со извонреден сопран и станала славна оперска пејачка. Во меѓувреме умрела сестра ѝ Вида. Витача и Разин отишле во Виена на погребот на Вида при што Витача останала таму, додека Разин се вратил во САД. Таму, тој почнал да се претвора во Вида, а истовремено станал љубоморен на жена си. Затоа, веднаш се вратил во Виена, каде престанал да личи на Вида, но љубомората му се зголемила, а покрај тоа, тој ја замразил својата сопруга, токму како што своевремено му претскажал Азередо. Во меѓувреме, свесна за својот грешен живот, Витача се заљубила во читателот на книгата во која таа е главната јунакиња. По некое време, Витача одненадеж го загубила убавиот глас и така завршила нејзината пејачка кариера. Истовремено, таа му станала љубовница на еден млад човек, но нејзиниот сопруг повеќе не ѝ давал пари и таа осиромашила. Последните вести за животот на Витача потекнуваат од Тоскана, каде во еден бунар ѝ се прикажал човечки лик, а нејзниот љубовник добил налог да ја убие ако ликот е машки, а да ја остави жива ако ликот е женски. По долгите подготовки, споменицата за Разин најпосле била објавена, а од речениците во неа Разин си ја составил својата омилена приказна за 14. апостол. Најпосле, овој дел од романот завршува со насоките кои авторот му ги дава на читателот за да дознае дали Витача била убиена или не.[4]

Хоризонтално 4[уреди | уреди извор]

Разин постепено се повлекол од бизнисот, си го вратил презимето Свилар и најпосле ја продал својата фирма. Потоа, во близината на Вашингтон, на брегот на реката Потомак, изградил вила — копија на одморалиштето на Јосип Броз Тито на брегот на Дунав. Исто така, тој купил брод — копија на Титовиот брод „Галеб“, а потоа купил и 14 острови кои ги уредил исто како малиот архипелаг Бриони. Најпосле, во Вашингтон изградил вила, потполно иста како Титовата вила на Дедиње во Белград. Еден ден, една соба од вилата била завеана со снег, а Атанасије започнал да го чисти снегот. Кога излегол на терасата, таму видел бебе во лулка и тоа му наредило да го ниша.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Milorad Pavić, Predeo slikan čajem. Beograd: Dereta i Prosveta, 1997, стр. 5-105.
  2. Milorad Pavić, Predeo slikan čajem. Beograd: Dereta i Prosveta, 1997, стр. 111-191.
  3. Milorad Pavić, Predeo slikan čajem. Beograd: Dereta i Prosveta, 1997, стр. 193-270.
  4. Milorad Pavić, Predeo slikan čajem. Beograd: Dereta i Prosveta, 1997, стр. 271-340.
  5. Milorad Pavić, Predeo slikan čajem. Beograd: Dereta i Prosveta, 1997, стр. 341-354.