Палеж на Скопје
Палеж на Скопје | |
---|---|
Скопје, Јакобус Хаверин, 1594 год | |
Други имиња | Катастрофата во Смирна |
Место | Скопје, Отоманско Царство (денес Македонија) |
Датум | 25 октомври 1689 |
Исход | повлекување на австриската војска |
Палежот на Скопје — настан кој се случил за време на Големата турска војна, во кој скоро цело Скопје било опожарено од страна на хабсбуршките сили. Палежот на градот траел од 25 до 27 октомври 1689 година.
Заднина
[уреди | уреди извор]По битката кај Ниш поразената отоманска војска започнала да се повлекува кон Софија[1], Косово и Скопје. Во Скопје се прибрале до 40.000 души-бегалци, но градот послужил и како пункт за собирање на војници. Од друга страна, австриската страна покажала големаактивност во зацврстувањето на заземените позиции, и во зајакнувањето на воениот потенцијал. Набргу по победата кај Ниш австриската војска се поделила на два дела. Главниот дел на војската на чело со Лудвиг Вилхелм Баденски се упатила кон Видин. Вториот дел на војската што бил под команда на Силвио Пиколомини започнал да напредува кон Ново Брдо, Качаник и над патот што од Врање водел кон Скопје[2]. Целта на Пиколомини била да го расчисти теренот околу Скопје, пред да го освои. По судирот кој се случил кај Качанак, отоманскиот гарнизон се повлекол кон Скопје, а тоа дополнително го охрабрил на царскиот корпус да го продолжи маршот кон Скопје[2].
Појавата на австриската војска во близината на Скопје како и дејствувањето на австриската артилерија предизвикале паника во редовите на отоманската војска која пред тоа излегла надвор од градот за да го пресретне непријателот. Тогаш, во тој решителен момент турскиот командант пашата Мамуд Беговиќ останал скоро без војска, бидејќи голем дел од неговите сили дезертирале.
Во хаосот кој следувал, Отоманците имале околу 100 мртви и околу 200 заробени војници. Скопските жители не го дочекале исходот од битката, туку започнале да бегаат од градот уште пред да попушти османлиската одбрана на градот[3].
Причини
[уреди | уреди извор]Во тоа време Скопје го зафатила епидемија на колера. Пиколомини наредил градот да се запали за да се сопре епидемијата. На 25 октомври 1689 Скопје било запалено и горело два дена. До темел изгореле голем број куќи и дуќани, но епидемијата не сопрела. Дури и самиот генерал Пиколомини се заразил од колера и набрзо умрел.
Иако повеќе извори тврдат дека причината за палежот на Скопје била епидемијата на колера, други сметаат дека тоа било одмазда за Опсадата на Виена во 1683 година. Покрај тоа, Пиколомини се разлутил што го нашол градот целосно евакуиран и напуштен, дури и мислел дека се работи за некаква заседа.
Еве што напишал Пиколомини непосредно пред да го запали градот:
„ |
Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со производи. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот. |
“ |
Последици
[уреди | уреди извор]Стравотниот пожар што на 25 октомври 1689 година го предизвикала австриската војска под водство на генерал Пиколомини, насилно го прекинал молскавичниот процут на градот. Останале само градбите од камен, Калето, неколку џамии, црквите „Свети Димитрија“ и „Свети Спас“ и големиот Карван-Сарај. Во тоа време Скопје бил развиен град и најголем трговски центар на Балканот:
„ |
Пропатував низ цела Румелија сиве овие години, видов многу прекрасни градови благословени од Бога, но ниту еден од нив не ме импресионираше со својата убавина како рајскиот град Усќуп низ кој тече реката Вардар. |
“ |
Со овие зборови, напишани пред 350 години, турскиот писател Дулгар Деде го опишал Скопје, воодушевен од неговиот изглед во средината на 17 век. Во патописите на познатите светски патници од тој период, Скопје е претставен како голем град со развиено занаетчиство и индустрија, крстосница на трговските патишта од Белград до Солун, омилено место за пазар на богатите трговци од Дубровник, град во кој имало дури 700 кожарници.
Цели два века Скопје не можело да се опорави од трагедијата. Од 60.000 жители, бројот на населението по пожарот се намалил на 10.000.[4] Градот се обновувал мошне бавно и не можел да го врати стариот сјај и значењето од 17 век. Во следните 200 години бил мал и непознат град, се' до средината на 19 век кога повторно се вратила трговијата, занаетчиството и почнале да се градат нови објекти. Во обновата и развојот многу помогнала и изградбата на пругата Белград-Солун во 1873 година, која поминувала низ Скопје.
Палежот на Скопје 1689 како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Пиколомини огнодарител“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[5]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Рајко Веселиновиќ мисли дека Турците по битката кај Ниш побегнале кон Софија. R. V., Vojvodina, Srbija i Makedonija pod turskom vlašću u drugoj polovini XVII veka. N ovi Sad 1960, str. 111;
- ↑ 2,0 2,1 Томо Томоски, „Еден изгубен документ за австриската војна во Македонија во 1689 година“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет 15, 121–132, 1963.
- ↑ „In Scopia waren 6Q.000 Einwohner, nebst 40.000 dahin geflüchteten und 400 udische Familie n, welche acht und vierzig Stunden vor meiner Ankunft die Stadt ver-liessen”. Streifzug.. . стр. 245; Според податоците што ги дава A n n o ta tio n es... В. 34 бројот на Евреите во Скопје изнесувал 3000 души. — Д. Б. — Лукал во наведеното дело на стр. 152 пишува спртоивно на она што го кажува изворот. Според Д . Б. — Лукаќ: „Oni su javili d aje Skoplje ispražnjeno i da se njegovo stanovništvo zajedno sa Mahmud pašom i vojnim snagama povuklo u jednu dolinu”
- ↑ „Дневник, 25.10.2008: „317 години од пожарот што го збриша градот"“. Архивирано од изворникот на 2020-07-23. Посетено на 2008-10-25.
- ↑ Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 35-36.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- „Денот што го турна Скопје во двовековен мрак“, „Нова Македонија“, 24.10.2009 Архивирано на 19 декември 2014 г.