Никола Пандески

Од Википедија — слободната енциклопедија
Никола Пандески
Роден 27 ноември 1948
Охрид, СФРЈ
Починал 18 август 2006
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Занимање математичар
професор

Никола Пандески (роден на 27 ноември 1948 година во Охрид - починал на 18 август 2006 година во Охрид) — македонски математичар и редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Образование[уреди | уреди извор]

Никола Пандески е роден во 1948 година во Охрид, а починал во Охрид во 2006 година. Основно и средно образование завршил во Охрид. Во 1971 година дипломирал на Групата за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1972 година бил избран за асистент на Институтот за математика при ПМФ во Скопје, а во 1971 година се запишал на постдипломски студии на Институтот. Магистерскиот труд „Лиеви групи и петтиот проблем на Хилберт" го одбранил во јануари 1977 година. Во 1984 година ја одбранил докторската дисертација „Максимални идеали на алгебрата Н∞ од ограничени аналитички функции во единичната топка од Sp.“

Работен век[уреди | уреди извор]

Во 1984 година бил избран во звањето доцент по математичка ана­лиза, во 1993 година за избран за вонреден професор, а во 1998 година за редовен професор по математичка анализа на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Изведувал настава по комплексни функции, бројчена анализа за групата математика математика I и II за физичари, математика I за групата математика-физика, диференцијално и интегрално сметање за информатика. Изведувал настава и по математика I на Шумарскиот факултет, а учествувал и во спроведувањето на наставата по математика на Педагошкиот факултет во Штип. На постдипломските студии по математичко образование одржувал настава по споредбено образование и современи образовани системи, а на постдипломците по теориска математика им одржувал стручни семинари од областа дистрибуции, конформни пресликувања, Hp простори. Бил ментор на осум магистерски трудови и на две докторски дисертации, а бил член на комисија на уште неколку магистерски трудови и седум докторски дисертации. Бил ментор и на повеќе од 100 дипломски работи.

Научен интерес на Пандески биле проблемите од аналитички функции, теоријата на дистрибуции-обопштени функции, интерполациони проблеми. Учествувал со свои соопштенија на меѓународни конференции во Аранѓеловац, Белград, Будва, Херцег Нови, Петровац, Ниш, Нови Сад, Пловдив, Софија и Варна (Бугарија) и во Охрид. Во 1973 година бил на студиски престој во Загреб (Хрватска), а во 1977-78 година бил на студиски престој на Универзитетот Беркли - Калифорнија, САД. Во периодот 2002-2005 година бил продекан за меѓународна соработка на ПМФ, кога биле остварени голем број контакти со реномирани научни институции од странство. Бил и претседател на организациониот комитет на Третиот конгрес на математичарите на Македонија, како и уредник и рецензент во повќе списанија. Раководител беше на два научни проекти „Апроксимации во реална и комплексна област и НP простори“ и учесник во проект раководен од проф. д-р Драган Димитровски. Има објавено учебник по математичка анализа за физичари, како и 32 научни труда во домашни и во странски списанија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Пандески“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1112. Text "series " ignored (help)