Индокинески тигар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Индокинески тигар
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Felidae
Род: Panthera
Вид: P. tigris
Подвид: P. tigris corbetti
Триномен назив
Panthera tigris corbetti
Mazák, 1968

Индокинескиот тигар (Panthera tigris corbetti) е подвид на тигар кој го среќаваме во Камбоџа, Кина, Лаос, Бурма, Тајланд и Виетнам. Тигрите кои живеат на полуостровот Малаја порано класифицирани како индокинески тигри, неодамна се преместени во посебен подвид – малајски тигар (Panthera tigris jacksoni). Индокинескиот тигар е познат и како Корбетов тигар, добиено од научното име corbetti дадено во чест на Џим Корбет.

Особености[уреди | уреди извор]

Мажјаците индокинески тигри се долги од 2,55 до 2,85 метри и тежат од 150 до195 килограми. Нивниот череп е со должина од 319-365 милиметри. Просечен мажјак е со должина од 2,74 метри и тежи околу 180 килограми. Големите единки можат да тежат и преку 250 килограми.

Женките индонезиски тигри се долги од 2,30 до 2,55 метри, тежат од 100 до 130 килограми и нивниот череп е со должина од 275-311 милиметри. Просечната женка е долга 2,44 метри и тежи околу 115 килограми. Мајките раѓаат 2 до 3 младенчиња.

Индокинеските тигри се доста моќни и издржливи животни. На границата помеѓу Виетнам и Лаос во 1984 година бил уловен мажјак кој бил долг 2,8 метри и тежок 250 килограми. Пред да биде убиен, тигарот бил забележан како прескокнал ѕид висок 3 метри, носејќи го во устата својот плен кој тежел околу 60 килограми.

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Индокинеските тигри живеат во изолирани шуми во ридести и планински предели. Повеќето од овие прдели се наоѓаат на границите помеѓу државите. Влегувањето во овие региони најчесто е ограничено, но во последно време се дозволуваат лимитирани посети на биолозите со цел проучување на овој подвид. Поради овие причини, многу малку се знае за статусот на овие тигри во дивината во споредба со останатите големи мачки.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Индокинескиот тигар најчесто лови средни и големи копитари. Елен самбар, дива свиња, планински антилопи и големи говеда како бантенг и гаур го сочинуваат поголемиот дел од исхраната на тигрите. Сепак во голем дел од југоисточна Азија, популациите на големи животни се драстично намалени, и како резултат се јавува таканаречениот „синдром на празна шума“ – наизглед недопрена шума, но во која поголемиот дел од животнискиот свет е истребен[1][2]. Во вакви живеалишта, тигрите се приморани да ловат помал плен како мунтџак елен, бодликави прасиња, макаки и свински јазовец. Малиот плен е едвај доволен за да ја задоволи енергетската потреба на голем месојад како тигарот, но е недоволен за нивно размножување. Овој фактор, во комбинација со нелегалниот лов на тигри порадите традиционалната кинеска медицина е главниот причинител на големото намалување на популацијата на индокинески тигри низ југоисточна Азија[3].

Популација и закани[уреди | уреди извор]

Индокинески тигри во зоолошката градина во Синсинати

Се проценува дека популацијата на индокинески тигри брои помеѓу 1227 и 1785 единки, но најверојатно оваа бројка се однесува на долниот дел од териториите на нивната распространетост. Порано се сметало дека најголемата популација живее во Малезија, каде ловокрадството е строго контролирано. Сепак, од 2004 година, тигрите од овој регион се класифицирани како посебен подвидмалајски тигар. Ова значи дека вистинскиот број на единки индокинески тигар е помал од половина од претходно споменатите бројки. Сите постоечки популации се во екстремна опасност од ловокрадство, недостаток на соодветен плен, фрагментирање на популациите и живеалиштата и роднинско размножување поради малиот број.

Во Виетнам, скоро три четвртини од убиените тигри се користат за обезбедување залики во традиционалните кинески аптеки.

Бројноста на тигрите тешко дека ќе се зголеми, сè додека месното население смета дека мртвиот тигар е многу повреден од живиот. Веќе се работи на подигање на свеста, и се смета дека со заштита на тигрите ќе се развие екотуризмот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (англиски)„Asia's biodiversity vanishing into the marketplace“. Архивирано од изворникот на 2012-04-06. Посетено на 2009-10-06.
  2. (англиски)„Wildlife trade creating "empty forest syndrome" across the globe“.
  3. (англиски)Karanth, K.U., Stith, B.M. 1999: Prey depletion as a critical determinant of tiger population viability. In: Seidensticker/ Christie/ Jackson: Riding The Tiger: Tiger Conservation in human-dominated landscapes. Cambridge University Press, 1999 ISBN 0-521-64835-1

Надворешни врски[уреди | уреди извор]