Имеличар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Имеличар
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Дрозодови
Род: Turdus
Вид: Имеличар
Биномен назив
Turdus viscivorus
Linnaeus, 1758
       Лето - размножување
       Преку цела година
       Зимување
Родител (десно) со две младенчиња во Англија
Имела
Turdus viscivorus

Имеличарот или имелов дрозд (науч. Turdus viscivorus) е птица од фамилијата дроздови (Turdidae). Распространета е низ отворените шуми и култувирани земјишта во цела Европа и голем дел од Азија. Многу птици од северните краишта се преселници кои при миграцијата формираат мали јата. Во Македонија оваа птица е постојан жител и ја има преку целата година.

Таксономија[уреди]

Видот за првпат е опишан од Карл Лине во неговата Systema naturae во 1758 под сегашното научно име.[2] Името на птицата потекнува од имелата, паразитското растение (и на англиски - „mistletoe“, и на латински - „viscivorus“ значи имела), чии бобинки птицата многу ги сака.[3][4][5]

Се предлагаат 8 подвида, но засега се прифатени само 3:[6]

  • Turdus viscivorus viscivorus, номинираниот подвид, кој се размножува во Европа и Азија, источно од реката Об до Финска и централна Полска, западна Унгарија и Босна;
  • T. v. bonapartei (Cabanis, 1860), се размножува во Сибир источно од реката Об.
  • T. v. deichleri (Erlanger, 1897), се размножува во северна Африка, Корзика и Сардинија.

Опис[уреди]

Имеличарот е најдолем дрозд во Европа, подолем од сличниот дрозд пејач, па и од обичниот кос. Долг е 25-30 см, има распон на крилјата 42-50 см и тежи од 93 до 176 грама.[7] Половите се слични, со бледо сивкавокафеави грбови и со елегантни округли точки на долните делови на кремава основа.

Овој дрозд е многу поголем, посветол и со подолга опашка од дроздот пејач, со кој ја делат истата животна средина.

Однесување[уреди]

Живеалиштето на имеличарот е разновидно, но мора да има барем малку дрвја, значи, шумите, плантажите, живите огради и градските паркови. На југ и исток се населува кај четинарските дрвја, односно на линијата на растење на смреките. Во Северна Африка достигнува до 600 метри надморска височина, а на планините во Европа и до 1.700 метри. [6] Отворените простори како што се земјоделските земјишта, мочуриштата и тревните ридови, ги користи зиме.[6] Има докази дека птицата го менувала своето живеалиште, од исклучиво иглолисни шуми, се населувала прво во плантажите,а потоа и во градските паркови. Ова се случило во Германија во 1920-тите години.[8]

Како и другите дроздови и овој вид е сештојад, јаде инсекти, црви, мали влекачи, семиња и бобинки. Тој ја брани грмушката со бобинки зимно време од другите птици. Негово омилено јадење се бобинките од имелата. Прави уредно гнездо во облик на чашка, обрабено со трева, кое го сместува на дрво и каде несе неколку јајца.

Мажјакот ја пее својата гласна мелодична песна качен на дрво, кров или друго високо место за перчење, често дури кога времето е лошо или навечер, а започнува релативно рано напролет. Неговото народно име е „предвесник на бура“. Песната му е потешка и поедноставна верзија на пеењето на обичниот кос, а кога е вознемирен испушта звук што потсетува на митралез или штракалка за фудбалски натпревар.

Статус[уреди]

Имеличарот е широко распространет низ Европа и Азија, со европска популација од 9 до 22.2 милиони индивидуи и вкупна околу 12.2-44.4 милиони.[1] Видот нагло се раширил во низините и крајбрежјата во текот на 18 и 19 век. Според класификацијата на Црвениот список, ова е вид со најмала загриженост.[1]


Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 BirdLife International (2012). Turdus viscivorus. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106006409. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. Linnaeus (1758) p. 168.
  3. Brookes (2006) p. 952.
  4. Jobling (2010) p. 393.
  5. Jobling (2010) p. 404.
  6. 6,0 6,1 6,2 Clement et al. (2000) pp. 397–491.
  7. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  8. Fuller (2003) p. 28.


Надворешни врски[уреди]