Замок Сфорцеско (Милано)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Замокот Сфорцеско во Милано

Замокот Сфорцеско претставува голем утврден комплекс кој се наоѓа во градот Милано веднаш до историскиот центар на градот.

Овој објект бил изграден во 15 век од страна на Франческо Сфорца, кој штотуку во тој период станал војвода на Милано. Замокот бил подигнат врз остатоците од претходното средновековно утврдување од 14 век познато како Замокот ди Порта Џовија (или можеби Зобија). Во истата област каде што се наоѓал замокот Порта Џовија, во римско време, бил и хомонимниот замок (лат. Castrum Portae Jovis), еден од четирите одбранбени замоци на римскиот град Милано.

Значително трансформиран и модифициран во текот на вековите, замокот Сфорцеско помеѓу шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век, претставувал една од главните воени цитадели во тогашна Европа. Овој објект бил реставриран и во стар историски стил од страна на Лука Белтрами помеѓу 1890 и 1905 година. Денес, овој замок, е домаќин на многу институции од областа на културата, но и седиште на доста важни импозантни музеи. Тој претставува еден од најголемите замоци во Европа и еден од главните симболи на градот Милано и неговата историја.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Прво утврдување (градење)[уреди | уреди извор]

Грбот на Галеацо Марија Сфорца, насликан на таванот на замокот

Изградбата на замокот на почетокот бил исклучиво за утврдување со чисто одбранбена функција. Неговата градба започнала во втората половина на 14 век и тоа од страна на династијата Висконти, која владеела со градот Милано речиси цел еден век. Претходно во 1277 година надбискупот Отоне Висконти успеал да победи во битката кај Десио и со тоа да го протера од Милано претходниот господар (владетел) на градот, Наполеон дела Торе. Во 1354 година, надбискупот Џовани Висконти, во последните мигови од својот живот, односно на самото умирање, постојаното војводство на градот Милано го оставил на неговите тројца внуци и тоа: Матео II, Галеацо II и Бернабо.

Помеѓу 1368[2] и 1370 година Галеацо II Висконти имал изградено едно утврдување во пределот на градските ѕидини, односно во Порта Џовија (или Зобија), а подоцна наречено Замокот Порта Џовија.[1] Името било ставено според античкиот римски влез Порта Џовија која се наоѓала во римските ѕидини од градот Милано. Името на римскиот влез потекнувал од Џовио, кој претставувал прекар на римскиот император Диоклецијан. Во римско време, во истата област каде што требало да се изгради средновековниот замок Порта Џовија,[3] постоел хомонимниот замок (лат. Castrum Portae Jovis) еден од четирите одбранбени замоци на римскиот град Милано.[4]

Започнувајќи од 286 година, кога Милано станал главен град на Западното Римско Царство, Castrum Portae Jovis исто така започнал да ја игра улогата на Преториски камп, односно преторијанската касарна, поточно воен оддел кој служел за извршување должности на телохранителите на императорот.[5] Затоа, оваа област била наречена „Кампо Марцио“ од Милано, или областа посветена на Марс, богот на војната. Таа градба се користела за воени вежби.[5]

Висконти и Сфорца[уреди | уреди извор]

Изгледот на замокот во 16 век

Средновековниот замок Порта Џовија бил проширен од неговите наследници: Џан Галеацо Висконти, кој станал првиот војвода од Милано во 1395 година, Џовани Марија и Филипо Марија, кој бил првиот војвода кој трајно го префрлил дворот од војводската палата што стоела во близина на катедралата до замокот (денешната кралска палата). Крајниот резултат бил замок со квадратен облик, со страна долга 200 метри и четири кули кои се наоѓале на местото од четирите агли. Особено импозантни биле двете кули свртени кон градот, со периметарски ѕидови дебели и до 7 метри.[6] На тој начин замокот станал постојана резиденција на династијата Висконти сѐ до 1447 година кога била уништена од страна на Златната Амброзиска република, основана и создадена од страна на миланските благородници. Тоа се случило по изумирањето на династијата Висконти, особено по смртта и на легитимните наследници на војводата Филипо Марија.

Капетанот и воен платеник Франческо Сфорца, инаку сопруг на Бјанка Марија Висконти, ја започнал реконструкција на замокот во 1450 година. Идејата му била замокот да биде претворен во негова резиденција откако уапеал да ја собори Републиката. По падот на Републиката тој го заземал Милано. Бидејќи немал свој грб тој го задржал грбот од семејството Висконти и како грб на својата куќа.[7]

Во пролетта 1450 година, Франческо Сфорца го назначил Џовани да Милано за комесар за работите во новиот замок,[2] а Маркалеоне да Ногароло за комесар за одредување на правила. Почетокот на реконструкторските работи, според некои историчари, се случил на 1 јули 1450 година. Пет месеци подоцна, биле завршени двата дела на ѕидот Гирланда кој водел кон средновековната Порта Комасина од едната страна и Портата Верчелина од другата страна. Се продолжило да се работи на подигнување на страната која е свртена кон градината. Со таа страна во исто време се подигнале и двете кули со кружна основа наречени Кармин и Санто Спирито, според црквата Санта Марија дел Кармин и Санто Спирито (кој веќе не постои).[8] Во месец февруари 1451 година биле изградени мостовите со кои се израмнети двата плоштади на кои подоцна ќе се издигнат равелините. Двата плоштада биле свртени еден кон градот, а другиот спротивно од првиот односно кон градината. За да се справи со недостатокот на ликвидност, односно со трошоците предизвикани од потценувањето на цената на чинење на работите, Војводството на сите околни градови им бил воведен данок на превоз кој можел да се плати во натура или да се трансформира во готовина. Исплатата, сепак, не била извршена во целост, туку била само делумно извршена. Таа честопати доцнела принудувајќи го војводата да доставува постојани молби и потсетници. При изградбата постоеле и одредени проблеми околу транспортот на градежни материјали, бидејќи дрвото пристигнувало од шумите на областа Кузаго, додека варот од Мергоцо. Транспортот требало да мине потоа до градот Точе, па преку езерото Маџоре, местотоТичино, и на крајот преку Навиљо Гранде да пристигне во Милано. Тоа биле повеќе од 110 км. Во летото 1451 година, градбата била нарушена поради избувнувањето на епидемијата на чума.[9] Во месец октомври кулата наречена Торе Кастелана, поточно Рочета, била завршена. Новиот кастелан Фошино Атендоло ја преземал функцијата на главен надзорник.[10]

Во 1452 година извесен Филарете и Јакопо да Кортона биле ангажирани од страна на војводата за да ја изградат и украсат средишната кула, која и денес се нарекува кулата Торе дел Филарете во чест на Филарете. Наскоро се појавиле несогласувања меѓу претходните и миланските инженери. Првите биле доста горделиви (ги понижувале миланските војводски инженери нарекувајќи ги ѕидари). Филарето бил доста тврдоглав во желбата да ја украси кулата со теракота и мермерни жици. Тој начин на украсување го забавувал напредокот на изградбата.[11] Истата година се изградени и обиколните ровови. Подоцна работите на Филарето и Кортона ги наследил воениот архитект Бартоломео Гадио. Кога Франческо Сфорца починал, неговиот син Галеацо Марија ги наследил и работата и ја продолжил градбата под раководство на архитектот Бенедето Ферини. Во текот на тие години во просториите на војводскиот двор започнал голем потфат за изработка на фрески. Работата околу фреските била доверена на сликарите од војводството, од кои највреден проект била војводската капела на која работел уметникот Бонифацио Бембо. Во 1476 година, под раководство на Бона ди Савоја, била изградена истоимената кула.

Во 1494 година по доаѓањето на Лудовико ил Моро на власт замокот станал седиште на еден од најбогатите и најраскошни судови во Европа. Уметниците како Леонардо да Винчи (кој фрескоживописал неколку соби од војводскиот стан, заедно со Бернардино Зенале и Бернардино Бутиноне) и Браманте (работел на малиот мост за поврзување на замокот со таканаречената покриена улица) биле повикани да ги украсат просториите. Многу други сликари се фокусирале на фрескирањето на Сала дела Бала илустрирајќи ги делата токму на Франческо Сфорца.[12] Сликата на Леонардо да Винчи под наслов растителни парцели со плодови и монохроматски корени и карпи од 1498 година била сместена во Салата дел Асе. Ништо не останало од колосалниот коњанички споменик на Франческо Сфорца, бидејќи бил уништен од страна на француските војници и пред да биде завршен.

Во наредните години, замокот бил доста оштетен од континуираните напади што ги разменувале француските, миланските и германските воени трупи.Тогаш бил додаден еден издолжен бедем наречен „тенаглиа“ кој го дава своето име и на блиската порта. Овој бедем бил изграден можеби од страна на извесен Чезаре Цезарино. Во 1521 година кулата Торе дел Филарет била урната поради тоа што еден француски војник по грешка активирал бомба, бидејќи истата била користена како оклоп за заштита од нападите. Откако се вратил на власт и во замокот, Франческо II Сфорца успеал да ја реструктуира и прошири целата тврдина. Еден дел од неа искористил за да го претвори во раскошна резиденција за неговата сопруга Кристина од Данска.

Бернардо Белото
Замокот Сфорцеско во Милано, околу 1750 година

Од Сфорца, до Шпанците и Хабзбурзите[уреди | уреди извор]

По смртта на Франческо II во 1535 година крајот на Војводството кој следувал, замокот во 1536 година бил отстапен од страна на грофот Масимилијано Стампа, заменик на замокот на војводата Франческо II, на кралот на Шпанија Карло V. Договорот бил пропишан во градот Болоња: во месец февруари 1531 година. Всушност, капетанот Џовани ди Меркадо му го отстапил замокот на грофот Стампа под заклетва дека тој за возврат ќе го отстапи само и исклучиво на „најсветиот и најпожртвуван крал, кралот Кароло V - римскиот император“ или на неговите наследници од Светата Римска Империја.[13]

Продажбата на замокот го означила крајот на долгиот период на војни и политички промени во изминатите триесет и шест години. По падот на Лудовико ил Моро, всушност вкупно девет различни владења имало со замокот односно тврдината: на почетокот владееле Гасконците на Луј XII (1500), потоа Германците и Швајцарците командувани од страна на Асканио Сфорца; па повторно Французите по заземањето на градот Новара; потоа во 1512 година швајцарските платеници предводени од кардиналот од Сион Матео Шинер во името на Светата лига до враќањето на Французите под Франциско I (1515); потоа во 1525 година доаѓањето на шпанските трупи предводени од Фернандо Франческо д'Авалос, па Маркизот од Пескара, кој го напуштил замокот шест години подоцна за да го врати дефинитивно на последните претставници на семејството Сфорца, а тоа биле Масимилијано и Франческо II.[14]

Поминувајќи под шпанската доминација на гувернерот Антонио де Лејва (1480-1536), замокот ја изгубил својата улога на величествен дом. Подоцна тој бил претворен во војводска палата и станал потпора на новата цитадела, седиште на ибериските воени трупи. Замокот претворен во гарнизонот бил еден од најголемите во Европа, кој можел да прими од 1.000 до 3.000 луѓе (војници). На чело на ибериските воени трупи по чин бил некој шпански кастелан.[12] Во 1550 година започнала изградбата за зајакнување на утврдувањата на самата тврдина. Со помош на Винченцо Серегни бил изграден нов одбранбен систем, најпрво со пентагонален, а потоа и со хексагонален формат. Според планот (типично за модерното утврдување) изгледот бил на вистинска ѕвезда со шест краци. Подоцна шесте краци поминале во дванаесет со додавање на соодветни полумесечини. Надворешниот одбранбен бедем достигнал вкупна должина од 3 км.[15] Површината на тврдината со новите бедеми изнесувала приближно 25,9 хектари.[16] Старите простории во кои постоеле фрескоживописите се користеле како место за столарија или помошни простории, додека во широките дворови биле изградени ѕидани кокошарници.

На почетокот на XVII век изградбата на рововите била завршена, па така замокот целосно бил одвоен замокот од остатокот на градот, но и од таканаречениот „покриениот пат“.

Кога покраината Ломбардија преминала од Шпанско владеење кај австриските Хабзбурговци, и замокот бил напуштен од големиот генерал Еугенио од Савоја, намената и понатаму останала за воени цели. Единствената уметничка изведба на австриската присутност и доминација била изградената и поставена статуа на Сан Џовани Непомуцено, заштитник на австриската војска. Оваа статуа била поставена во дворот на плоштадот Пјаца д'арми.

Наполеонски модификации[уреди | уреди извор]

Поглед на проектот Антолини (од страната на градот Милано)
Поглед на проектот Антолини (од страна на Портата Семпионе)

Со пристигнувањето на Наполеон во Италија, надвојводата Фердинанд од Австрија на 9 мај 1796 година го напуштил градот, оставајќи гарнизон од 2.000 војници во замокот, под команда на потполковникот Лами. Покрај војската таму имало и 152 топови и добра залиха на прашок и храна. Првата опсада била отфрлена. Нереалениот напад бил изведен од страна на една група составена од про-јакобинци. Француската опсада на тврдината траела од 15 мај до крајот на јуни. Првично по падот на замокот, Наполеон наредил да се обнови неговата одбранбена функција за да може во него да се смести гарнизон од дури 4.000 луѓе. Во месец април 1799 година француските војници кои веќе биле во тврдината морале да ја издржат опсадата од страна на австро-руските трупи кои се вратиле во Милано. Една година подоцна под раководство на Маренго, француската власт била повторно воспоставена.

Во 1796 година, била претставена првата народна петиција со барање за уривање на замокот кој бил наменет, но бил и симбол на „древната тиранија“. Со декрет од 23 јуни 1800 година, Наполеон ефективно наредил негово целосно уривање. Во 1801 година замокот бил само делумно повторно изграден во делот на страничните кули. Наполеон целосно ги отстранил од замокот воените намени воведени уште од времето на шпанските бастиони. Таквата одлука за замокот Сфорца, било испратено со воодушевување од страна на населението.

Во 1801 година, архитектот Антолини претставил еден проект за ремоделирање на замокот. Проектот бил со нагласени неокласични форми, со атриум составен од дванаесет колони и опкружен според првиот проект на Форо Бонапарта. Постоел поширок кружен дел со дијаметар од околу 570 метри и потесен изграден квадратен дел, опкружен со бескрајни низи јавни згради со монументални форми (Бањи, Пантеон, Народен музеј, Берза, Театар, Царинарница). Сите делови биле поврзани со порти на кои би се отвориле магацини, продавници и приватни објекти. Проектот бил отфрлен од страна на Наполеон на 13 јули истата година, оценувајќи дека е прескап, а всушност пред се непропорционален за еден град со околу 150.000 жители.

Подоцна предвид бил земен втор проект, претставен од страна на Каноника, кој ја ограничил интервенцијата само на делот свртен кон улицата на Данте (кој во секој случај бил по помалку амбициозен проект од оној на Форо Бонапарта), додека огромната површина зад неа била искористена како место на кое ќе се изведуваат паради и крунисувања. Неколку години подоцна, од страна на Арко дела Пејс, од Кањола, била осмислена и изведена парада посветена на големиот Наполеон.

По Наполеон[уреди | уреди извор]

Детал од внатрешната фасада, од Белтрами

Неколку години подоцна, во 1815 година, Милано и Кралството Ломбардија-Венеција биле припоени кон Австриската империја. Под доминација на Австријците од Хајнрих Јохан Белегард замокот бил збогатен со завеси, потоа биле изградени неколку премини и ровови, во него имало и затворски простории. Тој се претворил во озлогласено место. За време на бунтот на милаското население во 1848 година (т.н. Пет дена во Милано), маршалот Јозеф Радецки издал наредба да се бомбардира градот со топовски удари. За време на трагичните настани од италијанскита војна за независност, Австријците за кратко се повлекле од Милано и во тој период населението на градот ја искоритило можноста за да уништат дел од одбранбените бедеми и позиции со кои бил утврден градот. Некаде во 1859 година Милано потпаднал под управа на династијата на Савој, а од 1861 година станал дел од Кралството Италија. Населението во тој период извршило напад на замокот со што го опустошиле во знак на одмазда бидејќи тој долго време претставувал озогласено место и место од каде се вршел терор на мирното градско население

Дваесет години подоцна замокот бил предмет на дебата. Голем број од жителите на Милано предлагале да се урне и со тоа да се заборават вековите на воениот диктат и на негово место да се изгради станбена единица. Сепак, историската културна опција преовладувала и архитектот Лука Белтрами ја предложил опцијата замокот да претрпи широка реставрација, речиси целосна реконструкција, која имала за цел тој да ги врати во облиците од времето на владеењето на семејството Сфорца. Реставрацијата била завршена во 1905 година, со повторна изградба на кулата наречена Торе дел Филарете, Повторната изградба се случила врз основата од дизајнот од 16 век и била посветена на кралот Умберто I, кој бил убиен неколку години претходно. Со кулата се формирала и перспективната позадина на новата улица наречена Виа Данте.

На делот на старото место предвидено за паради биле засадени стотици растенија и тие го претставувале новото зелено белодробно крило на градот, била подигната во англиски стил и пејсажната градина наречена Паркот Семпионе. Пред замокот, бил повторно изграден Форумот Бонапарта и дополнително прилагоден за станбени намени.

Замокот во 1958 година

20-ти век[уреди | уреди извор]

Во 1977 година, графитите на внатрешната фасада (од Белтрами) биле обновени од страна на Валериано Далзини. Управител во тоа време бил Франко Милани.

Во текот на 20 век, замокот бил оштетен и преуреден некаде по Втората светска војна. Во деведесеттите била изградена голема фонтана на плоштадот наречен Кастело (замок). Изградбата била инспирирана од една претходно поставена фонтана на истото место, која требало да биде демонтирана некаде во шеесеттите години за време додека се вршеле работите на изградба на првата подземна линија (метро). Додека се градело метрото старата фонтана не била повторно подигната. Тоа се случило во деведесетите години на XX век.

Кодот на Тривулзијано на Леонардо да Винчи се чува во библиотеката Тривулзијана

По конечната реставрација, тврдината се претворила во место каде се сместени бројни културни институции. Во минатото замокот бил домаќин на:

  • Галеријата на модерна уметност (од 1903 до 1920 година)
  • средното училиште за применета уметност и индустрија - Замок Сфорцеско (од 1906 до 1999 година)

Денешниот распоред на културни институции во комплексот:

  • Пинакотека во Замок Сфорцеско во неа се зачувани многу богата колекција на слики, вклучувајќи дела од Филипо Липи, Антонело да Месина, Андреа Мантења, Каналето, Кореџо, Тјеполо;
  • Археолошки музеј составен од два дела, едниот Музеј на праисторија и вториот Египетскиот музеј;
  • Музеј на античка уметност;
  • Музејот Пиета Ронданини - музеј посветен на Микеланџело;
  • Музеј на музички инструменти;
  • Музеј на мебел и дрвени скулптури;
  • Граѓански збирки од применета уметност;
  • Екстра-европски колекции;
  • Граѓански историски архив и библиотека Тривулзијана, во која се чува, помеѓу другото и Кодот на Тривулзијано од големиот Леонардо да Винчи;
  • Уметничка библиотека;
  • Граѓански-фотографскиот архив на градот Милано;
  • Граѓанска колекција на отпечатоци од Ахил Бертарели;
  • Граѓански кабинет на цртежи и
  • Библиотека на замокот CASVA (Центар за напредни студии на визуелни уметности)

Помеѓу сите овие институции во замокот има и поставки на бројни привремени изложби.

Последната реставрација на дворовите и салите била завршена во 2005 година.

Опис[уреди | уреди извор]

Во текот на 19 век, замокот бил срушен, како што беше и претходно кажано. Најоддалечениот ѕид од утврдувањето, наречен „Гирланда“, е она што денес може да се види од стариот замок, изграден некаде во периодот на 14 и 15 век. Градбата има квадратен план, со страни долги приближно од двесте метри. На четирите агли се составени кули, секоја ориентирана според кардиналните точки. Јужните и источните кули, кои ја врамуваат главната фасада кон катедралата, имаат цилиндрична форма, додека другите две кули, кои ја врамуваат фасадата кон паркот, имаат квадратен изглед. Едната од квадратните кули, онаа северната, е наречена „Фалкониера“, а онаа западната „Кастелана“.[1] По должината на целиот периметар на замокот сè уште постои античкиот ров, кој повеќе не е поплавен.

Замокот Сфорцеско гледан одозгора

Фасадата свртена кон центарот на градот била изградена во средината на петнаесеттиот век за време на реконструкцијата нарачана од страна на војводата Франческо. Од тој период, биле и двете странични кули со тркалезен облик, покриени со дијамантски фрагменти, кои го задржале првобитниот изглед. Овие кули во минатото, низ вековите, биле користени како затвори, а од крајот на 19 век во нив биле сместени цистерни со аквадукт за сместување на вода. Внатре во кулите сè уште има траги од занданите во кои биле затворани патриотите во периодот кој е наречен Ризоргименто. Реставрацијата од 19 век довела до тоа да бидат урнати некои делови за да може на нивно место да се направи простор за сместување на големите топови и другите артилериски орудија. Оружјето било подигнато на кулите, со цел да се заплашува населението на градот. Оваа поставеност во замокот била од времето кога тврдината била простор во кој е сместен австрискиот гарнизон. Таа поставеност може да се види од сликите кои водат потекло од тој период.

Кулата Филарет[уреди | уреди извор]

Централната кула, воедно и највисоката од замокот, која го сочинува главниот влез, се нарекува Кула Филарет. Името доаѓа според тосканскиот архитект, кој бил повикан од страна на војводата Франческо I за да ја дизајнира. Оваа кула била уништена од една експлозија на почетокот на шеснаесеттиот век.[17] Повторно била изградена во почетокот на дваесеттиот век на местото на првобитно исчезнатата. Повторната реконструкција му била доверена на архитектот Лука Белтрами. Изведбата се одвивала врз основа на стари антички докази кои биле пронајдени во просторот зад делото Богородица со детето сместена во училиштето Леонардо.[18] Тие докази денес се чуваат во замокот, но и на античка фреска присутна во просторот наречен Касина Поцобонели. Овој стил се пронаоѓа и во примерот на современите градби, како што се на пример кулата на Замокот Сфорцеско во местото Вигевано.

Поглед на Корте Маџоре или полигонот за парада заедно со Кулата Филарет

Структурата всушност ја следат и елементите на втората кула, и покрај тоа што таа е изградена со различни пропорции. Моќниот изглед чувар (стражарење), кој ја формира нејзината основа, со квадратен изглед, е надграден со висока лента од заградни делови кои се испакнати нанадвор со камени огради, кои ги поддржуваат оградите. На тој дел кој е покриен со покрив, се издигнува второ потесно издание, кој уште завршува со џибелински мерлон, на кој во центарот архитектот Белтрами предвидел да има часовник со таканаречена „трка“ на Висконти. Целиот тој дел наликува на зрачно сонце. Овој простор бил посветен на подвигот на Џан Галеацо Висконти, првиот војвода од градот Милано. Врз вториот дел од кулата следува и нејзин трет дел, исто така со четириаголна основа, со дополнителен тркалезен лак кој се отвора од центарот кон секоја страна. Тука може да се видат поставените ѕвона.

На самиот крај од кулата по висина има октагонален чардак кој поддржува една заоблена купола. За да се украси кулата, веднаш над влезниот лак, бил поставен барелјеф изработен од мермер Кандоглиа со ликот на кралот Умберто I на коњ. Овој крал бил убиен во палатата Монца во 1900 година. Веднаш по изградбата, односно во наредните три години кулата била посветена на кралот. Наместо статуа од кралот на врвот од кулата има поставено статуа на Сан Амброџио преставена со неговата традиционална иконографија, односно со архиепископските одежди и камшикот. Оваа статуа била опкружена со грбовите на шесте војводи од Милано од династијата Сфорца и тоа: Франческо I, Галеацо Марија, Џан Галеацо, Лудовико ил Моро, Масимилијан и последниот Франческо II.

Позадинскиот преден дел и „мостот на Лудовико ил Моро“[уреди | уреди извор]

Позадинската фасада на замокот заедно со Паркот Семпионе
Понтичела (мостот) од Лудовико ил Моро, изработка припишана на Донато Браманте

Позадинската фасада всушност е најстарата, која е во директна поврзаност со зградите од четиринаесеттиот век, подигнати од Галеацо Висконти. Фасадата е поделена на два дела со Порта дел Барко. Името на портата потекнува од името на шумската област која се наоѓа во областа на сегашното шеталиште Семпионе, кој пак се користи како ловечки резерват.

На десната страна на замокот се наоѓа Порта дел Кармини, додека малку пред неа се наоѓа таканаречената Ponticella di Ludovico il Moro,(мостот Лудовико ил Моро). Тој претствува структура на мост кој ги поврзува војводските простории со надворешните ѕидови кои сега не постојат. Надворешните линии на мостот се со геометриска точност и ренесансна убавина, кои јасно се издвојуваат од останатиот дел од замокот. Неговиот проект всушност му се припишува, иако без одредени докази, на извесен Донато Браманте, кој работел на дворот на Лудовико Моро на крајот на седумдесеттите години на 15 век. Главниот дел на мостот има фронтален дел кој е составен од долг отворен дел (чардак) кој ја зафаќа целата должина, со висок горен дел поддржан од тенки мазни камени столбови. Според хрониките од тоа време, Лудовико Моро често бил присутен во една од трите простории на овој мост за да може да ја оплакува смртта на неговата сакана сопруга Беатрис д'Есте. Таму тој сакал да биде осамен. Таа просторија подоцна била наречена Салета негра (Црната просторија) поради тажната приказна.[19][20] Од многуте украси кои се наоѓале на мостот директно нарачани од Леонардо да Винчи, денес останала само црна мермерна плоча со натпис на латински на која стои: На крајот сè што смртниците го проценувале за среќно, всушност станувало тажно.[20]

На левата страна, покрај Порта ди Санто Спирито, има остатоци од равелин што припаѓале на утврдувањата на Гирланда. Тие остатоци делумно се видливи на делот на страната свртена кон Паркот Семпионе.

Парадното место (дворот на замокот)[уреди | уреди извор]

Кулата Бона ди Савоја со статуата на Свети Џовани Непомуцено

Сегашниот квадратен двор на замокот опфаќа три различни простори. Едниот е големото парадно место, таканаречено, затоа што било наменето за да може ги смести војниците стационирани во замокот, вториот и третиот се дворот на Рокета и војводскиот двор, кој наместо тоа претставувал ефективна резиденција на војводите на почетокот, а подоцна и на гувернерите. Двата дела се одделени од парадниот дел со таканаречен мртов ров, кој претставува дел од некогашниот антички, но и средновековен ров. Овој ров бил сврзан заедно со темелите на стариот замок Порта Џовија.

Левата страна на парадниот дел е зафатена од таканаречената шпанска болница, зграда изградена во 1576 година за да се сместат кастеланските војници заразени со болеста чума. Оваа градба била обновена во 2015 година со цел таму да се пренесе делото Пиета Ронданини изработено од Микеланџело. Десната страна од плоштадот се користи како изложба на наоди од Милано за време на ренесансниот период. Конкретно, на тоа место се наоѓале деловите од фасадите на две градби од петнаесеттиот век, кои биле урнати на почетокот на дваесеттиот век. Во висината на десната страна од Портата Кармини, постои трем со столбови на кои има два прекриени ката со заоблени прозорци. Тоа е делот на Маластала, така се нарекувале античките милански затвори, главно наменети за проблематичните затвореници, кои биле сместени на улицата Виа Орефичи. Некаде во 1787 година затворениците биле преместувани во делот на Палатата на капетанот на правдата.[21] Фасадата со нејзините оригинални украси од теракота била пренесена во замокот некаде во периодот 1930-те години веднаш по уривањето на старата затворска зграда. Од спротива на овој дел странично е издигната една резиденција од петнаесеттиот век кој тогаш се наоѓала на улицата Виа Басано Пороне. Поради уништувањето во 1902 година таа била преместена и воедно извршена реорганизација од страна на извесен Кордузио.[22]

Во центарот на парадниот дел (големиот двор) се наоѓа барокната статуа на Сан Џовани Непомучено, нарачана од страна на последниот кастелан на тврдината, Анибале Висконти ди Брињано, во 1729 година.[23]

Поглед на Внатрешноста на Рочета заедно со кулата Бона ди Савоја

Рочета, војводски двор[уреди | уреди извор]

Во близина на статуата на Сан Џовани Непомучено (од миланското население наречен едноставно Сан Џовани), постои врата која води во војводскиот двор, кој е со правоаголна форма и затворен со трем од три страни.На спротивната страна е делот наречен Рочета, најнепробојниот и најзаштитениот дел од замокот. Таму династијата од семејството Сфорца се засолнувале во случај на итност и небезбедност. Овој дел се состои од квадратен двор, опкружен од четири страни со високи градби од пет ката. На почетокот во овој дел имало само еден еден влез, кој се состоел од подвижен мост што се протега преку мртвиот ров и воедно обезбедува пристап до парадниот дел на дворот. Другиот потесен премин кон војводскиот двор бил отворен малку подоцна. Четирите страни на дворот не се идентични по стилот и по декорацијата, уште од периодот на градбата. Првите две градби кои се изградиле биле оние кои водат кон надворешноста на замокот и помеѓу себе претствуваат на некој начин хомоген проект. По должината на приземјето на овој двор се протега голем трем, придржуван од камени столбови кои потпираат кружни сводови на нив. На горниот дел од градбите има три реда од прозори. Првиот ред од прозорци е составен од права лента со мали правоаголни отвори. Вториот ред претставува лента од големи зашилени единечни прозорци, а последниот ред е составен од единечни ланцетни прозорци со помал обем. Вториот и третиот ред од прозорци биле врамени во рамки од теракота. Последните две крила од овој дворец си изградени во времето на Моро. Тие имаат различни височини. Страната кон војводскиот двор е исто така тремирана, и таму постојат четири реда со отвори, додека страната кон парадниот дел (полигонот), не е фасадирана и се одликува со лента од сводови поддржани од камени делови наречени корбели.Неодамнешните реставрации кои се случиле ги извадиле на виделина оригиналните украси со графитите на малтерот на фасадите. Исто така биле откриени и фреско-рамките на отворите кои прикажувале украси од теракота. Со посебна убавина биле фреските збогатени со украсни мотиви поставени на сводовите и на камените капители.

Помеѓу ренесансните украси се наоѓале и некои грбови од различните поколенија на семејствата Висконти и семејството Сфорца. Тоа се:

  • На делото Гулабот постои натпис со мото „A bon droit“ (Со добра причина), осмисленоста му се припишува на големиот Франческо Петрарка, кој во тоа време бил амбасадор на Џан Галеацо. Ова мото претставувало еден вид на желба за мир и законитост на целото војводство.
  • Дело Морсо на кое постои запишано мотото „Ich vergies nicht“ (Не заборавам), еден вид на предупредување за искоренување на човековите манири како импулсивност и ароганција.
  • Поставеност на војводска круна вкрстена со две испреплетени палми и маслинови гранки. Тоа е симбол на мирот и трпението, или доблестите кои го краселе Филипо Марија Висконти.
  • Таму се наоѓа и таканареченото Велтро врзано со една божествена рака за дрво. Се претпоставува дека тоа е раката на Франческо Сфорца.
Ризницата Брамантино, Аргос

Делот на Рочета ја бранат и надвиснуваат две кули: кулата Бона ди Савоја, сместена помеѓу Рочетата и полигонот (парадниот дел од замокот) и Торе дел Тесоро (кулата на богатството) или кулата Кастелана, која е сместена на позадинскиот агол на замокот.Кула Бона ди Савоја била изградена во 1477 година, за време на владеењето на војвотката од Пиемонт, која останала вдовица по убиството на нејзиниот сопруг Галеацо Марија кое се случило на 26 декември претходната година. Сите овие податоци за да се помнат се напишани на големиот мермерен грб поставен на кулата. Оваа кула припаѓа на одбранбените бедеми кои биле изградени во периодот на политичката неизвесност која се совпаѓала со владеењето на Цико Симонета и војвотката Бона. Изградбата на кулата била посветена на Џан Галеацо, седумгодишниот син на Бона.На спротивниот агол се наоѓа кулата Кастелана. Оваа кула била наречена и Трезорска кула бидејќи во просториите на приземјето се чувало богатството на војводството кое се состоело од монети и благородни метали, потоа златарски дела и накит. Сите овие податоци биле опишани од страна на тогашните амбасадори на кои им било дозволено да ги посетат замокот и посочената кула. Чуварот на просторијата претставува една фреска со ликот на Аргос, митолошки чувар кој никогаш не заспивал и кој во еден миг затворал само две од неговите стотини очи кој ги имал. Ренесансното дело на Аргос кое за жал ја изгубило главата при реновирањето на сводот на салата, води потекло од крајот на петнаесеттиот век. Ова дело му се припишувало на Браманте или можеби на неговиот ученик Брамантино. Војводската ризница била постојано заштитена од силно вооружени стражари и пристапот бил возможен само со употреба на три клучеви кои се употребувале по принципот на низа. Едниот клуч секогаш бил во рацете на војводата, вториот кај кастеланот и последниот стоел во комората.

Војводскиот суд (третиот двор)[уреди | уреди извор]

Војводскиот суд
Распоред на војводскиот двор
Фреска на слонот и надгробна плоча на злогласната колона

Просториите на војводите и местото на судскиот (праведниот) живот за време на ренесансната ера се наоѓале во оној дел кој денес се нарекува војводски двор.Дворот има форма U-форма и го зафаќа северниот дел од замокот. Овој простор бил изграден и украсен во втората половина на петнаесеттиот век, речиси во целост од страна на Галеацо Марија Сфорца. Тој пристигнал да живее тука веднаш по бракот склучен со Бона во 1468 година. На украсувањето работел до својата смрт. Делото го продолжил Лудовико ил Моро, кој живеел во тој дел од замокот во текот на сите дваесет години од неговото војводство.Овој дел иако бил доста оштетен ,но и изменет во наредните четири века кој бил трансформиран во касарна, реставрациите и реконструкцијата од 19 век го вратиле неговиот ренесансен изглед заедно со украсите од тој период.Двете подолги страни на дворот се обложени со светло обоен малтер и со украси направени со техниката на гребење. Во продолжение на просторот се отвораат огивните подови украсени со рамки од теракота. И овој дел бил реставрирани врз основа на најдобро зачуваните калапи на рамки.Позадинската страна се состои од таканаречениот Тремот на слонот, хармоничен трем поддржан од камени столбови во кои е сместена избледена фреска на која се прикажани егзотични животни, вклучувајќи лав и еден специфичен слон. Под влезот денес е поставен надгробниот споменик, со латински знаци, кој некогаш стоел пред таканаречената „озлогласена колона“ на денешната улица Пјаца Ветра. Колоната била подигната во 1630 година на местото на куќата на Џан Џакомо Мора. За него неправедно се сметало дека ја ширел чумата како намерен „инфектор - загадувач“. Поради таа причина тој бил и погубен. Сето ова било раскажано од страна на Алесандро Манцони во книгата Историја на злогласнита колона. Поради сето тоа колоната била урната во 1778 година.

Широките скали поставени веднаш до вратата на Барко овозможуваат пристап до вториот кат. На катот можело да се пристапи по ниски скали, за да можело таму да се стигне и качен на коњ. Скалилата воделе до делот наречен Одаја на Галеацо Марија, елегантна просторија поддржана од тенки столбови, кои се отвораат во правецот кон дворот. Архитектурата на отворениот дел (чардак), била во ренесансен стил и му се припишува на тосканскиот архитект Бенедето Ферини (непозната година на раѓање, а починал во Сасо Корваро во 1479 година). Тој како уметник работел за војводата Галеацо Марија во периодот на 1470-тите години.[24] На ѕидот кој го дели војводскиот двор од делот на Рочета, постои мала фонтана изработена во ренесансен стил, украсена со подвизите на војводите од семејствата Сфорца и Висконти. Друга фонтана, со двоен слив, изработена во теракота, се наоѓа во хомонимниот двор. Таа била извајана во модел на стоп од страна на мајстори на збратимената црква од градот Белинзона (Швајцарија).

Замокот како дел од културата[уреди | уреди извор]

Во септември 1980 година Италијанската пошта посветила поштенска марка со вредност од 10 лири со изгледот на Замокот Сфорцеско, дел од колекцијата позната како „Замоците на Италија“.

Галерија со слики[уреди | уреди извор]

Замокот во 1885-1890 година, пред реставрацијата изведена од страна на Лука Белтрами[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Guida Milano, Touring Club Italiano, 1985, p. 436.
  2. 2,0 2,1 Contino, Castello Sforzesco & Perogalli.
  3. „Milano dal III secolo d.C. al XIII secolo d.C.“.
  4. „101 tesori nascosti di Milano da vedere almeno una volta nella vita, di Gian Luca Margheriti“.
  5. 5,0 5,1 Colombo & p. 51.
  6. Guida Milano, Touring Club Italiano, 1985, pp. 438, 440.
  7. "Il ducato di Milano in età spagnola", I.S.A.L.
  8. Beltrami, Il Castello di Milano, cap. II, pp. 66-67
  9. Beltrami, Il Castello di Milano, cap. II, pp. 72-75
  10. Beltrami, Il Castello di Milano, cap. II, p. 87
  11. Beltrami, Il Castello di Milano, cap. II, pp. 108-114
  12. 12,0 12,1 Guida Milano, Touring Club Italiano, 1985, p. 438.
  13. Beltrami, Mayno & p. 11.
  14. Beltrami, Mayno & pp. 12-13.
  15. Guida Milano, Touring Club Italiano, 1985, p. 439.
  16. Elaborazione nostra sulla mappa, op. cit.
  17. „La torre del Filarete“ (италијански).
  18. Madonna Lia del pittore leonardesco Francesco Napoletano
  19. Maria Teresa Fiorio, La scultura al Museo d'arte antica del Castello Sforzesco di Milano, Skira editore, Milano, 2010
  20. 20,0 20,1 Atra in fine suo fiunt omnia qual intra mortales felicitatem habuisse videntur. (La vita nel Castello Sforzesco attraverso i tempi. Antonio Cordani S. A. стр. 131.)
  21. „lombardiabeniculturali, architetture, schede“.
  22. „Lombardiabeniculturali, architetture, schede“.
  23. Un museo a cielo aperto, a cura di Laura Basso e Giulia Soravia, 2017
  24. Un museo a cielo aperto, a cura di Laura Basso e Giulia Soravia, 2017

Други проекти[уреди | уреди извор]

VIAF (ИТ) 145790064 ISNI (ИТ) 0000 0001 2178 1430УЛАН _ _500219789 LCCN (EN) n81147430 GND (DE) 4358193-6 BNF (ФР)cb12961743p (датум) J9U (МК,ТОЈ) 987007601485405171[мртва врска] · Идентитети на WorldCat (EN) lccn-n81147430