Герард Меркатор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Герард Меркатор

Герард Меркатор (5 март 1512 - 2 декември 1594) бил фламански картограф. Роден е во Рупелмонд во источна Фландрија. Од 1552 живеел во Дујсбург. Познат е како првиот човек којшто го има претставено светот на географска карта.

Биографија и работа[уреди]

Герард Меркатор е роден како Герт Кремер или Жерард де Кремер во фламанскиот град Рупелмонд. Неговото презиме Меркатор по коешто е познат, всушност е латинизација на неговото родно презиме што значи трговец. Се школувал во Ден Бош кај познатиот холандски хуманист Макропедиус на Левен универзитетот. Пред да се прослави како картограф Меркатор примал единствен приход работејќи како занаетчија со математички инструменти. Потоа тој се преселил во Левен каде што започнал да работи со Жема Фрисиј и Гаспар Мирика. Со нив работел од 1535 до 1536 на изработка на глобус. Во проектот тој немал улога на картограф, но сепак успеал да се наметне со своите способности. Во 1537 година тој нацртал географска карта на Палестина, а потоа во 1538 на светот, а во 1540 и географска карта на Фландрија. За време на овој негов труд тој проучувал и една италјанска скрипта во која се содржани некои техники на копирање и цртање на географски карти.

Географска карта на Европа изработена од Меркатор

Во 1544 се активирал како симпатизер на Протестантството, па бил затворен и одлежал казна затвор од 7 месеци.

Во 1552 се преселил во Дујсбург каде што отворил картографска работилница. Во 1554 почнал да изработува шест плочи со географски карти на Европа. Неговите мотиви од Дујсбург не се потполно јасни. Меркатор можеби ја напуштил Холандија каде што претходно студирал и работел поради религиозни причини, но и со цел да најде универзитет каде што може да се вработи. Тој предавал математика во академското училиште во Дујсбург.

По изработката на уште неколку карти до 1564 година, Герард Меркатор во 1569 нацртал нова географска карта на светот на којашто ги одбележал копното и морињата со паралелни линии.

Географска карта на светот на Румолд Меркатор, нацртана во 1587 по онаа на неговиот татко од 1567 (издадена во 1595)

Тој прв го употребил зборот атлас како збир на повеќе географски карти со што го охрабрил Абрахам Ортелиус да го изработи првиот атлас во 1570. Во 1578 година Меркатор изработил и сопствен атлас којшто го изменил и дополнил во наредните години. Во 1585 година тој во атласот ги додал географските карти на Франција, Германија и Холандија, а во 1588 додал и географска карта на Балканскиот Полуостров. Во 1595 по неговата смрт биле издадени уште неколку карти од неговиот син Румолд Меркатор.

Меркатор исто така изработувал и глобуси. Во тоа време изработката на глобуси била во подем, а глобусите главно се изработувале од дрво со коешто се формирало форма на топка. Меркатор при изработката на глобуси над дрвото лепел географски карти коишто ги сечел во средината со што бил обележан екваторот. Тој ги сечел местата на географските карти со коишто биле обележани половите и така ги лепел на дрвото. При оваа изработка Меркатор користел и водени бои (акварел). Денес се сочувани 22 глобуси изработени од Герард Меркатор.

Меркатор починал во Дујсбург како благороден човек. Тој бил погребан во катедралата Сан Салваторе. Некои од неговите дела може да се видат во Дујсбург, а поголемиот дел се наоѓаат во музејот „Св. Никола“ во Белгија.

Надворешни врски[уреди]