Прејди на содржината

Армија на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Армија на Македонија

Амблем на АРМ
Основана 21 февруари 1992
Денешен облик 27 март 1992
Генералштаб Скопје
Водство
Врховен командант Претседател Гордана Сиљановска-Давкова
Министер за одбрана Владо Мисајловски
Началник на ГШ Сашко Лафчиски
Човечка сила
Старост за служба 18 години
Регрутирање Укинато во 2006
На располагање 1.051.917, age 18-49 (2024)
Способни 782.054, age 18-49 (2024)
Достигнуваат старост
(годишно)
66,772[1]
Активен кадар 10.000
Резервен кадар 62.000
Трошоци
Буџет 327.000.000 EUR (2024)[2]
% од БДП 2.05 % (2024) [2]
Производство
Домашни добавувачи Еурокомпозит Прилеп

АТС балистика

Странски добавувачи  Германија
 Грција
 Србија
 Турција
 Бугарија
 Русија
 Украина
 САД
Поврзани статии
Чинови Чинови на АРМ
Преземање на караулата, 1992 година
Војници на АРМ
Македонски војник за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година
Припадници на Оклопниот Баталјон Т-72 со нивниот тенк
Новонабавено возило JLTV претставено на годишнина од влезот на Македонија во НАТО

Армијата на Македонија, официјално Армија на Република Северна Македонија — редовната вооружена сила на Македонија. Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на нејзината уставна функција за одбрана на Републиката, т.е. одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Армијата се состои од копнена војска и воено воздухопловство, кои понатаму се состојат од родови и служби. Армијата има постојан состав и резервни сили.

Од нејзиното формирање во 1992 година до 2019 година, Армијата го носи официјалното име Армија на Република Македонија, а е позната и по скратеницата АРМ. По стапувањето во сила на Договорот од Преспа, името на Армијата е сменето во Армија на Република Северна Македонија, во согласност со промената на името на државата.

Историја

[уреди | уреди извор]

На 17 ноември 1991 година Собранието на Република Македонија го усвоило Уставот на Република Македонија, според кој Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија ги штитат вооружените сили на Републиката. Според членот 122 од Уставот, одбраната на Републиката се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. На 14 февруари 1992 година Собранието го изгласало Законот за одбрана на Република Македонија, според кој Армијата е вооружена сила, а „одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како армија на Република Македонија“.

На 21 февруари 1992 година претседателот на Република Македонија Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФР Југославија Благоја Аџиќ склучиле договор за дислокација на Југословенската народна армија (ЈНА) од територијата на Република Македонија, со што започнал процесот на воено осамостојување на Република Македонија. На 11 март, на караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница кај Крива Паланка, постариот водник Сонко Ангеловски, при преземањето на караулата, за прв пат на македонски јазик ја презел должноста командир на караула. На 20 март завршило примопредавањето на граничните објекти – караули на Република Македонија со соседните држави Република Албанија, Република Бугарија и Република Грција. Најголемиот воен објект на територијата на Република Македонија, касарната „Илинден“ (тогаш „Маршал Тито“) во Скопје бил преземен на 26 март.

Република Македонија ја презела контролата над целата своја територија со своја војска на 27 март. За тоа бил потпишан договор меѓу претседателот Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Тој ден последниот војник на Југословенската народна армија ја напуштил територијата на Република Македонија.

На 17 март истата година, за време на приемот на делегацијата на Република Словенија предводена од претседателот Милан Кучан, за прв пат при прием на висок гостин била интонирана македонската државна химна „Денес над Македонија“ и за прв пат командант на почесна единица, полковник Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортирал на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Република Македонија.

Со повлекувањето на опремата и вооружувањето со кои располагала ЈНА на територијата на Република Македонија, државата останала со скромни борбени средства и воена опрема во рамките на Територијалната одбрана. Но, успешно започнало спроведување на обука и подготовка на новоформираната Армија на Република Македонија за извршување на нејзината уставна улога и задачи.

По завршувањето на сите подготовки за прием на првата генерација македонски војници, на 14 април 1992 година во гарнизонот во Охрид пристигнал првиот регрут, Панче Јамандиев од Велес. Следниот ден во касарните во Скопје, Битола и Штип пристигнале и првите регрути од редовниот состав на Армијата на Република Македонија. Првата класа регрути од регрутниот состав на Армијата дале свечена обврска на 9 мај во касарната „Маршал Тито“ (денес „Илинден“) во Скопје. Пристигнувањето на првите регрути на Армијата на Република Македонија и нејзиното воено осамостојување биле симболично одбележани на 17 април со откривање на нова плоча на Домот на Армијата во Скопје од страна на претседателот Глигоров, на која бил поставен натпис „Република Македонија, Дом на Армијата – Скопје“.

Структура

[уреди | уреди извор]
  • Генералштаб
  • Команда за операции
  • Команда за обука и доктрини
  • Логистичка база
  • Баталјон за почести
  • Центар за електронско извидување

Мисија на АРМ

[уреди | уреди извор]

Како вооружена сила на граѓаните на Република Македонија, со постојаниот и резервниот состав, се организира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна улога и функција за одбрана на Република Македонија, како и за учество во мисии и задачи за одбрана и чување на мирот и безбедноста и за противтерористички дејства во земјата и странство, во содејство или во состав на колективните системи за безбедност и одбрана (НАТО, ЕУ, ПзМ).

Основи на националната одбранбена политика и доктрина

[уреди | уреди извор]

Националната одбранбена политика и доктрина се одредени и се засноваат врз основните цели на безбедносната политика на Република Македонија:

  • да ги заштитува животот и личната сигурност на граѓаните;
  • да ја гарантира независноста и територијалниот интегритет на државата, политичките слободи, граѓанските и човековите права, вклучувајќи ги и правата на религиозните, етничките и другите малцинства;
  • да ја гарантира материјалната благосостојба и просперитетот на граѓаните.

Одбранбената политика на Република Македонија се заснова врз следниве принципи:

Гардистите на АРМ
  • организирање на одбраната како систем кој овозможува реализирање на правото и обврската на секој граѓанин да ја брани земјата, гарантирано со Уставот;
  • организирање на одбраната за извршување на нашето право на поединечна и колективна самоодбрана преку вооружена борба во случај на вооружен напад, гарантирано со членот 51 од Повелбата на ОН;
  • обезбедување на одбранбениот карактер на одбранбениот систем;
  • организирање на вооружените сили како одвраќач на агресија и други надворешни закани врз безбедноста на земјата, способни за вооружен отпор во случај на агресија;
  • организирање на одбраната за целосна заштита на суверенитетот на нашиот воздушен простор и за превенција од негова употреба за агресија врз трети земји;
  • еднообразност во употребата на вооружените сили.

Национално командно уредување

[уреди | уреди извор]

Претседателот на Република Македонија е Врховен командант на вооружените сили.

Претседателот ги донесува одбранбениот план и стратегија, одлуките за спроведување на готовноста, ја одобрува организациско-формациската структура на армијата, донесува документи за развој, одлуки за нејзина мобилизација и друго.

Претседателот исто така претседава и со Советот за безбедност на Република Македонија. Советот за безбедност ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Република Македонија и дава предлози на Собранието и на Владата.

Собранието на Република Македонија ги надгледува компетенциите на Владата сврзани со одбраната, донесува одлуки за постоење на непосредна закана од војна, прогласува настанување на воена состојба и мир и го донесува воениот буџет. Слични одговорности има и собраниската комисија за одбрана и безбедност.

Владата на Република Македонија ги има надлежностите во врска со донесувањето на предлогот на одбранбениот план, предлогот на буџетот за одбрана и друго.

Министерството за одбрана ја подготвува одбранбената стратегија, ја изработува проценката на можните ризици и закани, одговорно е за одбранбениот систем, обуката и готовноста на вооружените сили, опременоста и развојот, го предлага буџетот за одбрана и друго.

Министри за одбрана на Република Македонија

[уреди | уреди извор]

Од политичкото осамостојување на Македонија, функцијата министер за одбрана ја извршувале:[3]

  • проф. д-р Трајан Гоцевски (10.1.1992 – 4.9.1992). Прв министер за одбрана по донесувањето на Уставот на суверена и независна Република Македонија.
  • проф. д-р Владо Поповски (4.9.1992 – 21.12.1994)
  • проф. д-р Благој Ханџиски (21.12.1994 – 29.5.1997)
  • д-р Лазар Китановски (30.5.1997 – 1.12.1998)
  • д-р Никола Кљусев (1.12.1998 – 28.7.2000)
  • д-р Љубен Пауновски (27.7.2000 – 1305.2001)
  • проф. д-р Владо Бучковски (1.11.2002 – 17.12.2004) (13.5.2001 – 26.11.2001)
  • Јован Манасијевски (17.12.2004 – 26.8.2006)
  • Лазар Еленовски (26.8.2006 – 26.7.2008)
  • Зоран Коњановски (26.7.2008 – 28.7.2011)
  • Фатмир Бесими (29.7.2011 – 18.2.2013)
  • Талат Џафери (18.2.2013 – 18.6.2014)
  • Зоран Јолевски (18.6.2014 – 1.6.2017)
  • Радмила Шекеринска

Началници на Генералштабот на АРМ

[уреди | уреди извор]

Од основањето на АРМ, началници на ГШ на АРМ биле:[3]

Мисија и задачи на Генералштабот на АРМ

[уреди | уреди извор]
Баталјон за специјални намени „Волци“.

ГШ на АРМ ги извршува оперативните и стручни работи во планирањето, организирањето, подготвувањето и командувањето со Армијата во целина или нејзини делови, при остварување на задачите кои произлегуваат од мисијата на АРМ.

Задачите на Генералштабот на Армијата се:

  1. Планирање на организацијата и формацијата на Армијата,
  2. Планирање употреба на Армијата,
  3. Организира подготовки и извршување на мобилизацијата на АРМ,
  4. Предлага мерки за зголемување на борбената готовност на АРМ,
  5. Планирање на финансиски средства за потребите на АРМ,
  6. Планирање за опремување на АРМ,
  7. Планирање на вежбовните активности на АРМ,
  8. Планирање и спроведување раководење со кадарот во АРМ во согласност со кадровската политика на МО,
  9. Планира школување, стручно оспособување и усовршување на лицата на служба во АРМ,
  10. Планира, организира и спроведува логистичка поддршка во АРМ,
  11. Ги согледува потребите и организира планирање и спроведување на обуката за припадниците на АРМ,
  12. Организира и подготвува врски за командување и контрола,
  13. Планира и спроведува криптозаштита на тајните податоци значајни за АРМ,
  14. Организира и спроведува противелектронско обезбедување, (доколку ЦЕИ остане во состав на ГШ на АРМ),
  15. Организира и спроведува набљудување, контрола и обезбедување на суверенитетот на воздушниот простор на Република Македонија,
  16. Разузнување и контраразузнување во АРМ,
  17. Планира заштита на силите во АРМ,
  18. Планира и координира активности за откривање и спречување на вршење кривични дела во АРМ,
  19. Планира и координира активности за уредување на територијата за потребите на АРМ,
  20. Остварува соработка со странски армии, цивилни власти и организации, во согласност со планот на МО,
  21. Донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на АРМ, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во АРМ и други стручни правила и упатства од значење за работа во АРМ,
  22. Командува со единиците на АРМ, согласно прописите за командување донесени од Претседателот на Република Македонија,
  23. Регулира учество на единици од АРМ врз основа на наредба од Претседателот на Република Македонија

Признанија

[уреди | уреди извор]

По повод 18 август, денот на АРМ, во 2016 година претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов ги одликувал баталјонот на воената полиција и инженерскиот баталјон со орден за воени заслуги.[3]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име factbook.
  2. 2,0 2,1 „Два отсто од БДП за 2024 година ќе се додадат во буџетот за одбрана, најави министерката Петровска“. РСЕ.
  3. 3,0 3,1 3,2 Љубиша Арсиќ, „ВМРО-ДПМНЕ ја токми војската за изборни цели?“, Фокус, број 1098, 21 октомври 2016, стр. 10-13.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]