Михил де Ројтер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Михил де Ројтер
Михил де Ројтер во 1667
Родено имеМихил Адриансзон де Ројтер
ПрекариBestevaêr
Роден24 март 1607(1607-03-24)
Флисинген, Зеланд, Холандска Република
Починал29 април 1676(1676-04-29) (возр. 69)
Заливот на Сиракуза, близу Сицилија
ПочивалиштеНова Црква, Амстердам
Држава Холандска Република
Служба1637–1676
Битки/војни
ОдликувањаОрден на Сен Мишел

Михил де Ројтер (Флисинген, 24 март 1607 - Заливот на Сиракуза, 29 април 1676) бил холандски адмирал.

Михил де Ројтер е еден од најпознатите поморски херои во холандската историја, се смета и за најголемиот адмирал во времето кога живеел. Де Ројтер наизменично бил во служба на холандската држава, разни бродосопственици, а извесен период се занимавал и со лов на китови.

Де Ројтер ја започнал неговата кариера како обичен зеландски морнар. Околу неговата триесетта година станал капитан, прво во служба на трговската куќа Лампсинс, а потоа за себе. Збогатен, одамна се имал збогувано со морето сè до 1652 кога започнала Првата англо-холандска војна, кога воената морнарица на Зеланд упатила апел на де Ројтер и неговото чувство на должност да застане на чело на воената флота. Од овој момент, останува трајно во служба на морнарицата, за време на првите три англо-холандски војни. После мировниот договор со Англија во 1653 како вице-адмирал на Амстердамскиот адмиралитет учествувал во повеќе војни во Балтичкото Море и во акции против пиратерија во Средоземното Море. При крајот на 1664, за време на Втората англо-холандска војна, освоил повеќе тврдини покрај брегот на Западна Африка. Подоцна тргнал кон Америка за да нападне повеќе англиски колонии. При неговото враќање дома во 1665 бил промовиран од генерал-адмирал во генералисимус од страна на великикот пенсионарис Јохан де Вит. Ова предизвика соперништво со Корнелис Тромп, политички непријател на де Вит. Во понатамошниот тек на војната де Ројтер постигнал голем успех, особено со Битката кај Медвеј во 1667 при што Англија била принудена да потпише мировен договор. Во Третата англо-холандска војна де Ројтер ја спасил Холандската Република со тоа што успеал да ја оштети англо-француската флота. Во 1672 бил убиен де Вит, заговор во кој учествувал Тромп, но Вилијам III Орански го задржал де Ројтер како генерал-адмирал. Во 1676 де Ројтер загинал близу Сицилија откако бил испратен со слаба ескадрила да помогне на шпанската флота во нивната борба против Франција.