Каро Цеков

Од Википедија — слободната енциклопедија

Каро Цеков (тур.: Karo Roguşlu), (Крива Паланка,1839 - Пантелеј, Кочанско, 1928) бил единствениот феудалец во времето на Отоманското Царство на територијата на денешна источна Македонија од христијанска вероисповед.

Роден е во Крива Паланка во сиромашно вреќарско семејство. Семејството се прехранувало од занаетот на неговиот дедо, кој правел и крпел платнени вреќи.

Откако учествувал во заседа на Турци, заедно со своите двајца браќа и татко му, со цел да ја ослободи сестра си од рацете на Турчин, кој сакал да се ожени со неа, семејството морало да побегне во Осоговијата. Една година одвај преживеале, прехранувајќи се со растенија и билки.

Неколку години подоцна неговиот брат Митко дошол до голема количина на златни лири, за кои самиот рекол дека ги нашол оставени, а постои и теорија дека ги зел насилно од некого и побегнал. Со таа количина на злато го купиле чифликот во Пантелеј, преку ноќ прераснувајќи во најбогато семејство во Осоговијата, а подмитувајќи ги властите во Кочани, стигнале и до некаква моќ и влијание во регионот помеѓу Кочани и Злетово.

Така, Каро Цеков од почетокот на 1900тите па сè до својата смрт, 28 години подоцна, станал единствен феудалец во Пантелеј, Рајчани и Шталковица. Селаните од Пантелеј и Рајчани работеле на неговите бавчи во Шталковица, а голем дел од селаните работеле и како сточари на неколкуте стада различен добиток, произведувајќи голема количина на зеленчук, млечни производи и месо, кои Цеков го правеле уште побогат од претходно. Дел од својот имот го подарил за изградба на манастирот Св. Пантелејмон. Со текот на годините Каро стекнал репутација и заслужена почит кај месното население, кое и ден денес зборува за „мудриот дедо Каро“.

Починал 1928 година и бил погребан на десната страна од надворешната страна на југоисточната капија на манастирот. Денес гробот не е обележан, а малкумина се сеќаваат на надгробниот споменик, кој стоел до крајот на 1950тите.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Б. Поповски: Манастирски комплекс Св. Пантелејмон, Пантелеј. Искра, Кочани, 2002
  • Љ. Давидовска: Кочани и кочанско низ историјата. Библиотека Искра, Кочани, 2008