Иво Сенковиќ и агата од Рибник

Од Википедија — слободната енциклопедија

Иво Сенковиќ и агата од Рибник (српски: Иво Сенковић и ага од Рибника) - српска народна епска (јуначка) песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Агата од Рибник му испраќа писмо на Ѓураѓ Сенковиќ во кое го повикува на двобој или, ако одбие, тогаш да му испреде кошула како доказ дека му се покорува. Стариот Ѓураѓ го чита писмото и плаче, зашто е стар и повеќе не може да се бори. Неговиот син Иво, кој има 16 години, го замолува да оди на двобојот со агата, но таткото не сака да го пушти, сметајќи дека ќе погине затоа што е неискусен. Меѓутоа, Иво изјавува дека не се плаши од агата и најпосле, Ѓураѓ се согласува да го пушти на двобојот. Агата седи во полето пред Рибник, во друштво со двајцата сина на пашата. Кога доаѓа Иво, агата го советува да се откаже од двобојот, зашто е многу млад за погине, ветувајќи му дека нема да го убие, туку ќе бара откуп за него. Меѓутоа, Иво го предизвикува агата на двобој. Агата го фрла копјето, но не погаѓа и почнува да бега. Иво успева да го стигне, но наместо да го убие, сака да го фати жив. Тогаш, агата пука со пушката и го убива коњот на Иво. Потоа, агата повторно напаѓа, но Иво му го убива коњот. Агата го моли Иво за милост, ветувајќи му големо богатство, но Иво го убива и се облекува во неговата облека. Двајцата синови на пашата почнуваат да го бркаат Иво, кој бега во шумата, а таму им ги краде коњите и се враќа дома. Неговите родители помислуваат дека доаѓа агата и стариот Ѓураѓ го напаѓа сакајќи да се одмазди за смртта на својот син. Иво му кажува дека е тој, но од преголема жалост, татко му не го слуша, туку почнува да го брка со намера да го убие. Ѓураѓ го стигнува синот, а тој му ја покажува отсечената глава на агата и така се спасува.[1]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

Мотивите во „Иво од Сенковиќ и агата од Рибник“ имаат паралела во руската песна за Данило и неговиот син Михаил.[2] Во песната, со особено голема вештина и прецизност е насликан ликот на старецот Ѓураѓ, таткото на Иво: кога до добива повикот на мегдан, тој плаче зашто чувствува дека е стар за борба, а истовремено не може да поднесе да му служи на турскиот господар; неговото чувство на немоќ е големо и потполно и тоа не исчезнува ниту кога неговиот син-единец заминува во борба; меѓутоа, кога по борбата Иво се враќа облечен во турска облека и кога на Ѓураѓ му се причинува дека се приближува убиецот на син му, тогаш неговата немоќ веднаш исчезнува и од болката на старецот наеднаш се раѓа чудесна сила така што тој полетува да го одмазди синот.[3] Онака како што е насликан во песната, Иво Сенковиќ спаѓа меѓу најсугестивните ликови во српската епика. Тој е млад, нема ниту 16 година, а храбро оди во двобој со искусниот воин. Иво Сенковиќ е олицетворение на младоста која низ вековите постојано се борела за слободата.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Иво Сенковић и ага од Рибника“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 331-341.
  2. В.Ђ., „Поговор - О интернационалним мотивима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 487.
  3. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 9.
  4. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 19.