Ана Павловна
Ана Павловна (руски: А́нна Па́вловна, родена на 18 јануари 1795 во Санкт Петербург, починала 1 март 1865 година во Хаг) — руска принцеза, ќерка на царот Павле I и кралица на Холандија.
Биографија
[уреди | уреди извор]Родена е во Санкт Петербург како осмо дете и шеста ќерка на царот на Русија Павле Први Петрович и Марија Фјодоровна. Израснала во Царско село, во летната резиденција на Романови. Детството го поминала со нејзините помлади браќа, Никола и Михаил. Имала многу широко образование, вклучително и јазици и математика, и била особено добра во ракотворби и сликарство. Кралот Наполеон Бонапарт во 1809 година, се заинтересирал да склучи брак со Ана. Сепак, нејзината мајка успеала да го одолговлекува испраќањето на одговорот доволно долго за да престане тој интерес и тој да се ожени за Марија Луиза, ќерката на австрискиот император.
Брак
[уреди | уреди извор]Таа се омажила за холандскиот принц Вилијам Втори во 1904 година.[1] Овој брак го предложил нејзиниот брат Александар Први, како симбол на сојузот создаден по Конгресот во Виена. Бидејќи претходно било решено дека никој член на Романови не може да биде присилен на брак, Вилијам бил поканет во Русија пред венчавката, за да може Ана да го запознае. Исто така, било договорено децата на принцот Вилијам да бидат воспитувани како протестанти, но Ана да остане во православието. Александар Пушкин напишал специјална песна по повод оваа венчавка „Принцот од портокал“. По венчавката, младенците останале уште една година во Русија, по што заминале во татковината на принцот. Ана била шокирана од разликите меѓу Русија и нејзината нова земја, особено кога станувало збор за класниот систем, кој бил многу помалку изразен во Холандија и тешко се прилагодувала на тоа. Живееле во Брисел сè додека белгиската револуција не ги принудила да заминат во 1830 година. Ана го сакала Брисел многу повеќе од северот, бидејќи тоа ја потсетувало на нејзината татковина. Основала училиште во кое сиромашните жени и девојчиња се школувале за шиење (1832) и болница за војниците кои биле ранети во белгиската револуција (1830).
Нејзиниот брак бил бурен. Од самиот почеток, Ана се сметала за супериорна во однос на Вилијам. Во 1829 година ѝ биле украдени неколку парчиња накит, а таа се посомневала во нејзиниот сопруг, бидејќи тој тогаш бил во долгови и се дружел со сомнителни луѓе. Прељубата на Вилијам создала конфликти меѓу нив, поради што живееле одделно до 1843 година. Како и да е, Ана продолжила да негува љубов кон Вилијам. Ана дејствувала и како посредник помеѓу нејзиниот сопруг и свекорот и се обидела да ги намали тензиите за политички конфликти меѓу нив. Инаку, таа не била политички активна и покрај нејзините силни политички убедувања. Како личност, таа е опишана како интелигентна, чувствителна, лојална на своето семејство и со силен темперамент. За време на нејзиниот престој во Холандија, таа студирала холандски јазик, историја и култура и основала повеќе од педесет сиропиталишта.
Кралица на Холандија
[уреди | уреди извор]7 октомври 1840 година, по смртта на нејзиниот свекор Вилем I, станала кралска сопруга на Холандија.[1] Таа станала 343-та дама на кралскиот ред на кралицата Марија Луиз на 1 февруари 1842 година. Како кралица, Ана била опишана како достоинствена, арогантна и далеку од јавноста. Ана честопати се допишувала со нејзината мајка и браќата во Русија. Обожавала да споделува спомени за Русија, па основала руски детски хор. Се зборувало дека таа останала повеќе руска војвотка отколку што таа некогаш станала кралица на Холандија. Како кралица, таа ја напуштила палатата и живеела во дискреција.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 (холандски)„Anna Paulowna (1795-1865)“. resources.huygens.knaw.nl. Посетено на 12 ноември 2017.
Литература
[уреди | уреди извор]- Grey, Ian (2016). The Romanovs. New Word City. ISBN 978-1-61230-954-5.CS1-одржување: ref=harv (link)