Топографија
Топографија (грч. τόπος topos, "место", и γράφω graphō, "пишување") е дисциплина на геодезијата која ја проучува површината на копното и ја претставува на топографска карта или план. Топографијата ја проучува ориентацијата и начините на мерења на земјиштето, впишување на податоците преку топографски знаци, ја објаснува содржината на картата и начинот на правилна употреба.
Целта на топографијата е да ја одреди местоположбата на одреден објект во реалноста и да ја претстави на карта, користејќи ги својствата на објектот, како географска должина, географска ширина и надморска височина. Ваквиот вид на карти имаат повеќестрано значење, како геолошко, научно, градежно, безбедносно-разузнавачко и воено-тактичко.
Топографски техники
[уреди | уреди извор]Директно топографско проучување
[уреди | уреди извор]Директното проучување на површината на копното се изведува на самото место кое е предмет на интерес, со помош на помагала како тахеометри, теодолити, клинометри, телеметри, механички курвиметри, планиметри и сл.
Далечинско топографско проучување
[уреди | уреди извор]Далечинските топографски испитувања се вршат со авионски или сателитски снимања на теренот (фотографирање, инфрацрвено зрачење, ултразвук или електромагнетно зрачење). Преку методот на фотограметрија, добиените слики се користат за изработување на топографска карта, или со компјутерска елевација се добива тридимензионална електронска топографска карта.
Сателитскиот радар, ласер и сонар, се користат за изработување електронски тридимензионални елевациони топографски карти и за изработување топографски карти на морското и океанско дно.
Топографски поими
[уреди | уреди извор]- Земјиште е површинскиот слој на дел од копното со сите возвишенија и вдлабнатини, води, растителен свет, населени места и комуникации.
- Релјеф е надворешниот изглед на земјиштето со сите свои вдлабнатини и возвишенија. Возвишенијата и вдлабнатините претставуваат земјишни облици, а сите други природни или вештачки творби се нарекуваат земјишни објекти.
- Возвишенијата се основни елементи на релјефот кои се повисоки од својата непосредна околина. Кај нив разликуваме: подножје, страна, раб, врв и теме. Возвишенијата може да бидат:
- Ритче (релативна висина до 10 м)
- Рид (релативна висина до 100 м)
- Брдо (релативна висина над 100-500 м)
- Планина (јасно изразено, пространо возвишение- ниска 500-1000м; средна 1000-2000; висока над 2000м).
- Превој е вдлабнатина меѓу две планини во која има сообраќајна врска.
- Апсолутна надморска височина е верикалното растојание меѓу точка на теренот и нивото на морето.
- Релативна надморска височина е разликата на апсолутните висини на две точки.
- Вдлабнатините се основни елементи на релјефот кои се пониски од својата непосредна околина. Тие може да бидат:
- Вододелници (вдлабнатини кои настануваат поради поројните дождови и низ кои водениот талог тече);
- Долина (издолжена вдлабнатина со должина од неколку стотини метри или километри низ која тече река). Тесните делови на долините се викаат клисури. Долините со стрмни страни се викаат кањони.
- Котлина е пространа вдлабнатина со рамно дно и стрмни страни. Настануваат заради тектонски поместувања или поради дејството на водите.