Чучук Стана
Чучук Стана (1795 – 1849), била жена-воин од периодот на Првото српско востание и втора сопруга на Ајдук Вељко.[1]
Детство
[уреди | уреди извор]Чучук Стана е родена околу 1795 година во местото Сиколе до Неготин (Србија), во семејство на доселеници од Херцеговина. Имала две сестри, Стојна и Стамена, а многу подоцна е роден и нејзиниот брат Михајло. Бидејќи трите сестри одраснале до девојки без брат, татко им ги терал да носат машка облека. Иако живееле во Неготин, таа образованието го стекнала во Бела Црква. Стана била многу убава, но мала и ниска девојка, поради што го добила прекарот чучук (турски: ситно, мало).
Брак со Ајдук Вељко
[уреди | уреди извор]Со Ајдук Вељко првпат се сретнала во 1809 година во куќата на краинскиот капетан Стојан Абраша.[1] Таа дошла таму да им се пожали на поглаварите на српските ајдуци од тој крај дека нејзиното село, како и уште неколку села од околината, ајдуците ги ограбиле и целата нејзина моминска руба и ја зеле. Од тамошниот ајдучки поглавар Миленко барала рубата да и биде вратена. Според преданието, таа на собирот на поглаварите дрско му пристапила на Ајдук Вељко и му рекла: „Зарем твоите момци не знаат Турци да убиваат, него моминска руба крадат?“ На Ајдук Вељко веднаш му се допаднала и тој пратил да ѝ се донесат моминските дарови и веднаш ја запросил со зборовите: „Сега те дарувам и сега си моја.“
За храброста на Чучук Стана се раскажуваат многу приказни. Заедно со својот сопруг и другите ајдуци, таа се борела против Турците, учествувала во одбрана на Неготин и според преданието таму била ранета во нога и рамо, а од турски јатаган имала и рана на тилот. Била вистински воин, добро ракувала со оружје, вешто и прецизно ги погодувала метите и одлично јавала коњи.
Со Ајдук Вељко немале деца. После неговото загинување во 1813 година, таа избегала од Неготин краина и живеела во Панчево.
Брак со капетанот Јоргаќ
[уреди | уреди извор]По смртта на Ајдук Вељко, откако отишла во Војводина, нејзе ја просел некој богат трговец, но таа го одбила со зборовите: „Јас сум била мажена за јунак и ако решам уште еднаш да се мажам, тогаш пак ќе се омажам за јунак.“ Својот збор го одржала и се омажила за арнаутски јунак – капетан Јоргаќ (грчки: Georgakis Nikolau Olimpos). Јоргаќ бил водач на Хетеристичко востание во Грција. Со него таа преминала во Влашка, а кога Турците се обиделе да ги убијат, тие избегале да живеат во Букурешт.
Со капетан Јоргаќ имала три деца: Милан, Александар и ќерката Евросима. Поради децата таа отишла да живее прво во Русија, а потоа во Хотин. Капетан Јоргаќ учествувал во подигнување на востание во северна Молдавија во 1821 година. При воените операции, тој со своите 480 востаници се сместиле во манастирот Сека, во северна Молдавија, каде биле опколени и нападнати од турската војска. Поради тоа што немале никаков излез, тие извршиле самоубиствен напад со потпалување на буриња со барут при што храбро загинале со дел од турската војска.
Подоцнежен живот
[уреди | уреди извор]Во 1842 година, Стана заминала за Атина заедно со своите деца, каде починала и е погребана во 1849 година.