Црква „Вознесение Христово“ - Раштак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Спас (Вознесение Христово)
Внатрешноста на Св. Спас (Раштак).jpg

Внатрешноста на црквата

Македонска православна црква
Епархија Скопска
Архијерејско намесништво Северноскопско
Местоположба
Координати 42°05′07.5″N 21°29′20.8″E / 42.085417° СГШ; 21.489111° ИГД / 42.085417; 21.489111Координати: 42°05′07.5″N 21°29′20.8″E / 42.085417° СГШ; 21.489111° ИГД / 42.085417; 21.489111
Населено место Скопје
Општина Гази Баба
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Исус Христос
Изградба 1861
Живопис 1972
Зограф Вангел со браќата Никола и Константин
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Возбесение Христово или Свети Спасмакедонски православен христијански црковен храм во скосото село Раштак.[1] На местото на денешната црква претходно постоел стар верски црковен објект. Постоечката мала и разурната црква била обновена 1861 година од месното население. Иконостатост бил довршен 1866 година, а во 1928 година била поставена и камбанаријата. Во обновената црква посебно внимание привлекува иконостасот со ликот на светата маченица Злата Магленска со народна носија од ова село. Во црквата се наоѓала и една стара црковна книга печатена во Венеција во 1537 година, која од 1992 година се чува во Народната библиотека во Скопје. Црквата е заштитена од Националниот информативен систем за културното наследство на Република Македонија како Значајно културно наследство.

Опис[уреди | уреди извор]

Царски двери на иконостасот во црквата
Глетка од иконостасот

Црквата е обновена во 1861 година. Тоа е гробишна црква лоцирана во центарот на селото Раштак. На исток од црквата, во црковниот двор има новоизградена трпезарија со сите помошни простории. Јужно од црквата е изградена камбанарија, зад која што се лоцирани селските гробишта. Храмот во основа е еднокорабна црква со галерија на западната страна и е засведен со полуобличест свод. На исток се развива полукружна апсида декорирана со три плитки ниши на фасадата. Природното осветлување во објектот е решено преку прозорци, поставени во горната зона и тоа: со два прозорци од север,четири прозорци од југ и два на исток од кои едниот е тесен процеп во апсидата. Подот во објектот е под нивото на надворешниот терен и во наосот е покриен со керамички плочки, додека пак во апсидата е зачуван автентичниот под од камени плочи. Подот во галеријата , исто така, е автентичен и е од дрвени даски. Во храмот се влегува преку два влеза и тоа од запад и југ над кои се наоѓаат полукружни ниши. Во нишата над западниот влез е насликана сцената Вознесение Христово, а во јужната Архангелот Михаил. Објектот е изѕидан од камен, но опусот не е видлив заради долгогодишното премачкување на фасадите со вар. На фасадите како второстепена пластика се венците од бигор, а интересно е да се спомене дека отворите за вратите и прозорците се декорирани со клесан камен кој е исто така премачкан со вар. Според зачуваниот ктиторски натпис кој се наоѓа на јужниот ѕид, западно од влезот, сликарските работи во храмот ги извеле зографот Вангел со браќата Никола и Константин, а се завршени во септември 1872 година, во време кога Скопската црковна општина барала протерување на митрополит Паисиј, поради што неговото име е избришано набрзо по сликањето на ансамблот.

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Ѕидното сликарство во црквата во целост е зачувано што овозможува следење на тематската и иконографската концепција на програмата. Во темето на сводот, почнувајки од исток кон запад, се насликани Света Троица, Исус Христос Седржател и Јован Претеча. Под нив, на јужниот и северниот ѕид, насликани се допојасните фигури на пророците во медалјоните. На јужниот ѕид се: Мојсеј, Исаија, Илија, Елисеј, Давид, Еремија, Езекил, Варух, Осиј, Данил, Амос и Јоил. На северниот ѕид се: Авдиј, Софониј, Јона, Михеј, Наум, Авакум, Агеј, Соломон, Захариј, Малахиј, Захариј помладиот и Гедеон. Под фризот на медалјоните се протега циклус на одбраните сцени од Големите празници кој е проширен со вметнување на сцени од Страдањата Христови. На источниот ѕид се Благовести, а на јужниот ѕид, во апсидата, се насликани сцените Воскрсението на Лазар и Цвети, потоа следат, во наосот, Договорот на Јуда со Евреите, Миење на нозете, Тајната вечера, Молитвата на Маслинова Гора, Предавството на Јуда и Христос пред Пилат. Сцените продолжуваат на северниот ѕид во наосот со Каењето и бесењето на Јуда, Пилат си ги мие рацете, Камшикувањето на Христос, Приковување на крст, Распетието Христово , Оплакувањето на Христос, Слегувањето во Ад и Воскрсението на Христос во апсидата. Под циклусот на сцените од Големите празници и Страдањата Христови, насликана е декорација со флорални мотиви. Под неа, на јужниот ѕид во наосот се насликани стоечките фигури на Св.Нестор, Св.Меркуриј и композицијата Вознесението на Христос, а на северниот сцената Раѓањето на Христос, Св. Мина Египетски и Св. Прокопиј. Во прозорскиот отвор, западно и јужно, се насликани Св. Викентиј и Св. Виктор. Во наосот, на јужниот ѕид во долната зона, се стоечките фигури на светителите: Св. Димитрија, до иконостасот, Св. Трифун и Зосим и Марија. Во владичкиот трон кој е поставен до јужниот ѕид насликан е Исус Христос. На западниот ѕид, јужно од влезот, се Св. Сава Српски, Св. Симеон Столпник и Св. Онуфриј, а северно од влезот, е Св. Игнатиј меѓу лавовите. На северниот ѕид се Св. Харалампиј, Св. Марена, насликана на косиот дел од скалите кои водат до галеријата, Св. Евстатиј, Св.Теодор Тирон, Св. Кузман и Дамјан, Св. Георгија Јанински, сцената Сонот на Варух и Св. Георгија Победоносец. Во апсидата, на северниот ѕид во првата зона е Визијата на Св. Петар Александриски, а во втората Отсекување на главата на Св. Јован Претеча. На источниот ѕид, во нишата на проскомидијата, е насликан Мртвиот Христос (Имаго Пиетатис). На тесниот простор меѓу нишата на проскомидијата и апсидалната ниша е насликан ангел. Во нишата на ѓакониконот е насликан Св. Стефан Архиѓаконот. На просторот меѓу олтарната апсида и ѓакониконот претставен е ангел. Во втора зона на источниот ѕид, северно од конхата на апсидата, е Жртвата Аврамова, а јужно цар Константин и царица Елена, а на јужниот ѕид ѓакон Кирил. Во горниот дел од конхата на апсидата е допојасната фигура на Богородица Ширшаја небеса, со допојасниот лик на малиот Исус. Во долната зона е вообичаената претстава Поклонувањето на архијереите на Христос-Агнец. Од левата страна се поклонуваат Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст, а од десната Св. Григориј Богослов и Св. Кирил Александриски. Во архиерејската служба учествуваат и Св. Спиридон, насликан на источниот ѕид во проскомидијата, Св. Никола, насликан јужно од нишата на ѓакониконот и Св. Атанасиј, на јужниот ѕид. На галеријата, на јужниот ѕид во долната зона се насликани стоечките фигури на Св. Теодора и Св. Злата Мегленска, а на северниот неидентификувана светителка, веројатно Варвара, Св. Катарина, Св. Недела и Св. Параскева. На целата површина на западниот ѕид е насликан Страшниот суд. Во црквата се наоѓа дрвен иконостас, карактеристичен за XIX век. Иконостасот е двокатен, со северен премин во олтарот, престолни икони и царски двери со надвратник во долната зона, архитрава, Сеисис - Чин во втората зона и голем крст со сликано Распетие. Иконостасот е сликан, а резба со позлата има на царските двери и на големиот крст. Кај сликаните партии од иконостасот, застапени се флорални мотиви (рози). На иконостасот се наоѓаат шест престолни икони на кои се претставени, почнувајќи од лево на десно: Вознесение на Св. Илија, Св. Архангел Михаил (северна врата) Богородица со Христос, Исус Христос Седржател, Св. Јован Претеча и Вознесение Христово. Меѓу иконите се поставени дрвени тордирани столпчиња, кои завршуват со мали капители. На сликаниот дел од царските двери е прикажано Благовештението, со архангел Гаврил на лево и Богородица на десно крило. Под Гаврил, во долниот дел, се насликани Св. Григориј Богослов и Св. Василиј Велики, а под Богородица Св. Јован Златоуст и Св. Григориј Богослов. На парапетните плочи се претставени старозаветните сцени: Каин го убива Авел, Гревот на Адам и Ева, Создаването на Адам и Ева, Протерување на Адам и Ева од рајот и Плачот на Адам и Ева. Парапетните плочи се одвоени со резбарени столпчиња, кои завршуваат со капители. Над престолните икони, царските двери и северната врата формирани се арки, меѓу кои се наоѓаат дрвени орли со раширени крилја. Арките се лачно изработени и порабени со едноставен полукружен преплет. Централниот дел на четирите арки има решеткаста кружна перфорација. Над арките се наоѓа профилирана архитрава, насликана со флорална орнаментика. Над архитравата се наоѓа Деисис со апостолите. На средината од чинот е насликан Исус Христос меѓу Богородица и Јован. Од обете страни на Деисисот се наоѓаат по пет апостоли. Од страната на Богородица се насликани Марко, Симон, Павле, Јован Богослов и Тома, а од Јовановата се Петар, Вартоломеј, Андреја, Лука и Матеј. Апостолите се насликани во правоаголни полиња, издвоени со тордирани столпчиња кои завршуват со мали капители. Иконостасот завршува со голем крст поставен врз две ламји. Во средината на крстот е претставено Распетие Христово со симболите на евангелистите сместени во трилисни завршетоци на краците на крстот. Над крстот има еден гулаб. Придружните икони на Богородица и св. Јован не се на крстот, туку се поставени слободно пред иконостасот. На иконостасот во поново време, лево и десно од големиот крст, се поставени два мали крста и два серафима.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.