Хонгцун

Координати: 30°00′12″N 117°59′26″E / 30.0033° СГШ; 117.9905° ИГД / 30.0033; 117.9905
Од Википедија — слободната енциклопедија
Хонгцун
宏村
Село
Хонгцун
Хонгцун
ДржаваНародна Република Кина
ПокраинаАнхуи
Град-префектураХуангшан
ОпштинаОпштина Ји
ПаланкаХонгцун
Службен назив: Ancient Villages in Southern Anhui – Xidi and Hongcun
Тип:Културно
Критериуми:iii, iv, v
Прогласено:2000
Број1002
Region:Азија

Хонгцун (кинески: 宏村; пинјин: Hóngcūn) — едно од двете (другото е Шјиди) древни села на југот од покраината Анхуи (општина Ји) во Кина, кои во 2000 година биле впишани на Списокот на светско наследство во Азија и Океанија на УНЕСКО како „извонреден пример за предурбани населби што исчезнале или биле променети. Нивниот распоред на улици, архитектурата на градбите, украсите и вклопувањето во сложен водоводен систем се единствени зачувани примери“.[1]

Месечевото Езеро
Јужното Езеро
Канал со проточна вода во селото
Стари куќи во Хонгцун

Историја[уреди | уреди извор]

Селото го основал Ванг Вен, генерал од династијата Хан, во 1131 година, градејќи 13 куќи заедно со неговиот братучед Ванг Јанџји кој ги донел нивните семејства од селото Чјису, што се наоѓа на горниот тек на потокот под планината Леиганг. Селото имало две раздобја на изразит процут (1401 – 1620 и 1796 – 1908) во текот на кои семејството Ванг станало многу влијателно со тоа што многу од неговите членови станале царски службеници и трговци, кои изградиле многу убави згради со своето богатство. Во 1405 година, по совет на неговите геомантичари, бил ископан канал за целото село да се снабдува со свежа вода од Западниот Поток. Околу 200 години подоцна, водоснабдувањето на селото било завршено со создавањето на Јужното Езеро. Во текот на 19 и 20 век, многу познати јавни градби биле изградени во Хонгцун, како што се: Академија на Јужното Езеро (1814), Салата на заслужните (1888), Салата на доблести (1890) и Салата на стремежи (1855, обновена во 1911).

Малку подоцна од селото Шјиди, Хонгцун исто така бил занемарен и пропаднал. Сепак, токму поради тоа неговите градби и извонредниот водовод се совршено сочувани.

Одлики[уреди | уреди извор]

Хонгцун се наоѓа во југозападното подножје на планината Хуангшан, свртена кон југ, додека нејзиниот средиштен дел е опкружен со планини и реки.

Сите куќи се снабдени со течна вода од канал што минува низ селото кон два вештачки базени-езера, едниот во средиштето на селото (Месечево Езеро) и другот јужно од селото (Јужно Езеро). Распоредот на улици и премини го следи каналскиот систем, што му дава на селото единствен изглед. Понатаму, при планирањето се гледало и на контурите на селото, што се во облик на вол, каде главата на волот е составена од ридот Леиганг, а двете дрвја на него ги прават роговите. Четирите моста што го минуваат потокот Џјијин се сметаат за нозе на волот, додека куќите на селото го образуваат телото. Во рамките на „телото“, потокот Џјијин и бројните езера (како што е „Јужното Езеро“ Нанху) ги образуваат внатрешните органи.

Архитектурата и резбите на околу 150 резиденции датираат од времето на династиите Минг и Чјинг и се сметаат за најдобри од ваков вид во Кина. Една од најголемите туристички знаменитости отворена за јавноста е салата Ченци, во која се наоѓа и мал музеј на селото.

Некои од сцените во филмот Тигарот и змејот (2000) се снимени на месности во Хонгцун.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Древни села во Анхуи: Шјиди и Хангцун на УНЕСКО-овите службени страници (англиски) Пристапено на 31 август 2011

Надворешни врски[уреди | уреди извор]