Прејди на содржината

Улица (повест)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Улица - повест (новела) на македонскиот писател Славко Јаневски од 1950 година.

Технички податоци

[уреди | уреди извор]

За првпат книгата била објавена во 1950 година, во издание на Државното книгоиздателство на НР Македонија, во рамките на едицијата „Современа македонска проза“. Книгата, со обем од 143 страници, била испечатена во печатницатаГоце Делчев“ - Скопје, во тираж од 3.500 примероци. Нацртот на корицата е дело на Цицо Поповиќ, а коректор бил Киро Андоновски. Покрај повеста, содржи и предговор со наслов „Белешка за расказот“, напишан од Ѓорѓи Милошев.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во повеста е опишано детството на главниот лик, чии први сеќавања допираат до денот кога неговото семејство е принудено да се исели од куќата. За детето, улицата е целиот свет и во неа се случуваат сите доживувања. На големата широчинка господарат бездомникот Баждар и неговиот помошник, сиракот Пенчо, кој му е идол на детето. Но, кога Баждар и Пенчо ѝ ги крадат парите на една жена, детето полека ја сфаќа разликата меѓу доброто и злото. Тоа сознание се засилува откако тоа им се придружува на Баждар и Пенчо во крадењето црешни. Тогаш, детето ја повредува ногата, а Пенчо побегнува. За кражбата на парите неправедно е обвинет старецот Адам, кој некое време лежи в затвор поради тоа. Тогаш, детето ги кажува вистинските крадци, а потоа, во една прилика го натепува Пенчо, така откривајќи колку е слаб без заштитата на Баждар. Детето го мрази училиштето, но сака да чита книги кои му ги позајмува девојчето Ана. Поради неа, слаткарскиот помошник Аким го попарува со врело млеко и детето поминува два дена на болница.[2]

Една година подоцна, Баждар си заминува од улицата, а без него, Пенчо станува незабележителен; широчинката ја запоседнува петчлената дружина „Црни браќа“; во улицата се доселуваат тројца студенти со кои се спријателува детето; детето се грижи за кучето наречено Наполеон, но него го труе Бато, синот на финансискиот инспектор, одмаздувајќи се за нанесената навреда. Постепено, членовите на „Црни браќа“ се зближуваат со детето и заедно прават циркуска претстава на која тоа го запознава својот нов идол, момчето Кузман. Кузман го наговара детето да копаат во подрумот од неговата куќа, каде ги наоѓа парите што ги сокрил дедо му. Меѓутоа, дедото ги открива, потоа татко му на Кузман го убива дедото, а Кузман живее трошејќи ги дедовите пари. Набргу, Кузман станува водач на дружината „Црни браќа“ која длабоко заглавува во криминалот. Детето одвреме-навреме се дружи со бездомниците и учествува во нивните мали авантури (тепачки, ситни кражби, итн.), но постојано е незадоволно од состојбата во својата улица, од училиштето и од своето изгубено време.[3]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во својот предговор кон новелата, Ѓорѓи Милошев ја оценува како „еден од поголемите раскази кај нас“, оценувајќи ја како „голема новина, и тоа како по својот мотив и содржина, така исто и по својата обработка.“ Иако на прв поглед главните херои во новелата се бездомниците, сепак централниот лик е самиот автор, кој секогаш останува настрана и претставува посебен свет, исправен пред дилемата дали да го избере патот на бездомниците или да тргне по друг пат.[4]

  1. Славко Јаневски, Улица. Скопје: Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950.
  2. Славко Јаневски, Улица. Скопје: Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950, стр. 7-78.
  3. Славко Јаневски, Улица. Скопје: Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950, стр. 78-143.
  4. Ѓ. М., „Белешка за расказот“ во: Славко Јаневски, Улица. Скопје: Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950, стр. 5-6.