Ткивно специфичен плазминоген активатор
Ткивно специфичниот плазминоген активатор или ткивен плазминоген активатор ( t-PA) е ензим кој се ослободува од ендотелните клетки на ѕидот на крвниот сад и делува како ендоген активатор на фибринолизата (разложувањето на фибринот). Тој претставува ензим, серин протеаза, која го претвора плазминогенот директно во плазмин, со што се спречува згрутчувањето на крвта. Инхибиторите на t-PA формирани во крвта се нарекуваат инхибитори на активатор на плазминоген.
Генетски произведената варијанта на tPA, т.н. алтеплаза или уште наречена и рекомбинантен плазминоген активатор ( rt-PA) се користи терапевтски за разложување на тромби во крвните садови ( тромболиза). Други рекомбинатно произведени tPA се ретеплаза и тенектеплаза.
Алтеплаза
[уреди | уреди извор]Алтеплаза е генеричкото име на рекомбинантниот ткивен плазминоген активатор (rt-PA). Лекот се користи парентерално како фибринолитик за разложување на згрутчувањето на крвта (разложување на тромби) кај различни васкуларни заболувања (т.н. тромболиза).
Биоинженерски произведената активна супстанца алтеплаза соодветствува и го имитира дејството на природниот ткивен активатор на плазминоген. Има молекуларна тежина од 131.000, полуживот од шест минути (терминален полуживот: приближно 30 минути), по метаболизирањето се елиминира во црниот дроб. За разлика од природниот tPA, алтеплазата дејствува првенствено врз плазминогенот кој е врзан за фибрин, формирајќи комплекс на површината на фибринот.[1] Сродни супстанции, кои имаат директно фибринолитичко дејство се тенектеплазата и ретеплазата. Стрептокиназата и урокиназата исто така имаат сличен, но индиректно фибринолитички ефект, што значи дека тие не го активираат директно плазминогенот, туку најпрво формираат комплекс со плазминогенот, а потоа тој комплекс го претвора пламиногенот во ензимски активен плазмин.
Индикации
[уреди | уреди извор]- Миокарден инфаркт (во случај кога коронарната интервенција со соодветна реканализација не е достапна во прифатливиот временски рок)
- акутен исхемичен мозочен удар
- акутна масивна емболија на пулмоналната артерија
Дозирањето зависи, меѓу другото, од состојбата која треба да се третира: длабока венска тромбоза, срцев удар, артериска оклузија, белодробна емболија или акутен исхемичен мозочен удар.[1]
Во основа, се прави разлика помеѓу локална и системска терапија со лиза. Во локалната терапија со лиза, фибринолитикот се доставува со помош на интервенција со катетар на местото каде треба де дејствува, на пример во артериски крвен сад на ногата, кој акутно се затворил поради тромб.
При користење на фибринолитичките супстанции, мора да се направи строга проценка на ризикот и придобивката, бидејќи може да се појават сериозни несакани ефекти како на пример неконтролирано и потенцијално фатално крварење.
Литература
[уреди | уреди извор]- T. Karow, R. Lang-Roth: Општа и специјална фармакологија и токсикологија. Објавена 2007 година.
- HM Hoffmeister: Евалуација на стари и нови тромболитици во акутен миокарден инфаркт: индикации, предупредувања и очекувања. (PDF; 553 kB) Во: Journal of Cardiology. 9 (Додаток В), 2002, стр. 3-5.
- Махани Ј, Мовсовиц Х, Котлер МН: Активатор на ткивен плазминоген (t-PA). Во: Ther Drug Monitor . 15 (6), декември 1993 година, стр. 546-551. Преглед. PMID 8122292
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Jörg Braun: Blut, Blutprodukte und Gerinnungsstörungen. In: Jörg Braun, Roland Preuss (Hrsg.): Klinikleitfaden Intensivmedizin. 9. Auflage. Elsevier, München 2016, ISBN 978-3-437-23763-8, S. 539–579, hier: S. 547–551 (Fibrinolytika), insbesondere S. 550 (Alteplase).