Тикови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Тикови (англиски: Tic) - ненадејни, повторувачки и ненамерни моторни движења на ист мускул или група мускули, односно повторувачки вокални симптоми. Тиковите можат да зафатат која и да било група мускули, но најчесто се јавуваат на лицето и, воопшто, на главата.

Симптоми[уреди | уреди извор]

Тиковите претставуваат начин на ослободување од одредена внатрешна емоционална напнатост. Тие се јавуваат изолирано или придружени со други бихејвиорални нарушувања (потешкотии во учењето, недостиг на внимание, пелтечење, панични напади, фобии итн.). Моторните тикови се делат на едноставни и сложени. Првите опфаќаат едноставни движења или вокални симптоми (трепкање, шмркање, кревање на веѓите, тресење на главата, воздивнување, кашлање, фрчење или кревање на рамениците), додека сложените се состојат од серија моторни движења со истиот редослед. На пример, детето може да тропка со едната нога, па со другата и да потскокнува.

Класификација[уреди | уреди извор]

Во однос на времетраењето, тиковите се делат на минливи, хронични и Туретов синдром. Минливите тикови се јавуваат кај 5-25% од училишните деца и траат најмалку еден месец, но не подолго од една година. Другите два типа тикови имаат слична основа, симптомите се појавуваат на возраст под 21 година, а разликата е во степенот на растројството. Хроничните тикови се јавуваат кај 4% од децата, а просечно се јавуваат на возраст од седум години. Туретовиот синдром е застапен кај помалку од 1% од децата, а се појавува на возраст од 4-15 години, иако се забележани случаи и кај деца под една година. Кај овој синдром се забележуваат и сложени вокални тикови, изразени како ненадејно експлозивно кажување непристојни зборови или фрази (копролалија).[1]
Тиковите почесто се јавуваат кај момчињата, а нивната етиологија е непозната. Сепак, нивната појава најчесто се објаснува преку семејните проблеми или со помош на одредени биолошки фактори. Единствено, Туретовиот синдром е моногенетска наследна болест. Се проценува дека 1,2% од населението е носител на мутираниот ген, но само половина од тие луѓе во одреден момент манифестираат некои симптоми.[2]

Терапија[уреди | уреди извор]

Третманот на тиковите зависи од сериозноста на симптомите. Притоа, важно е детето да не се опоменува, со цел да не се фиксира за проблемот. Имено, опоменувањето, особено кај поголемите деца, предизвикува срам, а тоа води кон влошување на тикот. Преку разговор со детето, тоа треба да научи да го игнорира тикот, а исто така, тоа треба да спие доволно и да избегнува стресни состојби. Кај сложените тикови, а особено кај Туретовиот синдром, потребни се дополнителни испитувања и подолг третман. Дополнителните испитувања опфаќаат педијатриска процена, како и невролошки и психолошки испитувања. Дури и кај потешките форми, најчесто е доволна психотерапија, а само кај најсериозните случаи се применува терапија со лекови.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Тикови кај децата - Постои ли причина за грижа?“, Здравје, понеделник, 9 февруари 2015, стр. 18.
  2. „Тикови кај децата - Постои ли причина за грижа?“, Здравје, понеделник, 9 февруари 2015, стр. 18.
  3. „Тикови кај децата - Постои ли причина за грижа?“, Здравје, понеделник, 9 февруари 2015, стр. 18.