Стево Божиновски
Стево Божиновски | ||
Роден | 1949 Битола | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Занимање | универзитетски професор |
Стево Божиновски (Битола, 1949 ) – универзитетски професор, до 2005 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии, потоа на Државниот универзитет на Јужна Каролина, САД.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Роден е во 1949 година во Битола. Дипломирал (1973), магистрирал (1975) и докторирал (1982) на Електротехничкиот факултет во Загреб. Во периодот 1974-1976 работел на Математичкиот факултет, како стручен соработник, од каде преминал на Електротехничкиот факултет во звањето асистент. Во 1982 год. бил избран за предавач, а звањата доцент, вонреден професор и редовен професор ги стекнал во 1983, 1988 и 1993 година, соодветно. Основоположник е на областите вештачка интелигенција, роботика и биокибернетика на Електротехничкиот факултет (ЕТФ) во Скопје, кои и денес остануваат негов научно-истражувачки интерес. Во својата наставна кариера држел настава по повеќе предмети од областите основи на софтвер, вештачка интелигенција, системски софтвер, роботика, биокибернетика и медицинска информатика, на додипломски и магистерски студии, како на ЕТФ така и на Стоматолошкиот и Медицинскиот факултет во Скопје. Во раздобјата 1980-1981 и 1995- 1996 остварил студиски престој во САД на Универзитетот во Масачусетс. Во 1984 година остварил четиримесечен постдокторски престој на Универзитетите во Цукуба и Каназава, Јапонија. Член е на уредувачки и организациони комитети на повеќе списанија и конференции.
Автор е на повеќе од 150 научни труда објавени во списанија, на конференции, како и во издадени книги. Автор е на два универзитетски учебника. Учествувал како член на тим или како главен истражувач во голем број домашни и меѓународни проекти. За светската наука значаен придонес му е првичното управување на робот со помош на биосигнали од мозокот, кое го остварил во 1988 година. Ова достигнување во 2023 година Одборот на директори на ИЕЕЕ го прогласил за „ИЕЕЕ меѓник“ (IEEE milestone). Ова е прво доделување на „ИЕЕЕ меѓник“ за достигнување „Интерфејс мозок-сметач“ (Brain-Computer Interface).[2] Спомен-плоча како обележје на ова достигнување е поставена во просториите на ФЕИТ. [3]
Факултетот го напуштил во 2005 година, а денес е редовен професор од областа на компјутерските науки на Државниот универзитет на Јужна Каролина, САД.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 50 ГОДИНИ ФАКУЛТЕТ ЗА ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И ИНФОРМАЦИСКИ ТЕХНОЛОГИИ. Скопје: Факултет за електротехника и информациски технологии. 2009. стр. 171, 172. ISBN 978-9989-630-58-3.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ „IEEE Milestone recognition for a scientific achievement in Macedonia in 1988“. IEEE.org. Посетено на 22 октомври 2023.
- ↑ „Откриена спомен плоча за значајно дело на македонската наука – IEEE Milestone“. ФЕИТ. 10.10.2023. Посетено на 22 октомври 2023. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)