Скокалница

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Скица на скокалница

Скокалница[1] – спортски објект што се користи за скијачки скокови. Скокалниците варираат според големината, од времени структури од снег до трајни објекти за натпревари. Под стартната позиција на врвот, се наоѓа залетиште каде скокачите се спуштаат за да добијат доволна брзина на отскочницата при скокот. Потоа скијачот е во воздух сè до приземјувањето на косината за приземјување. Последниот дел на скокалницата е делот за запирање, кој може да биде рамен или дури нагорен и му овозможува на скокачот да запре. Најстрмата точка на скокалницата е конструкциската точка, која се користи за одредување на бројот на поени за должината на скоковите. Големината на скокалницата се мери во позицијата големина на скокалницата (hill size). Скокалници со големина поголема од ГС185 се дефинираат како леталници. Во светот има пет леталници.

Градба[уреди | уреди извор]

Скокалниците близначки во Лилехамер, Норвешка: нормалната скокалница ГС100 е десно, големата ГС138 лево

Најгоре на скокалницата е стартната позиција. Со менување на истата, поместување погоре или подолу на залетиштето, жирито ја регулира брзината на скокачите при различни временски услови. Платформата има попречна греда на која седнува скокачот. Со наведнување нанапред, скокачот природно ќе почне да се лизга по подготвените траги долж залетиштето. Вообичаено, аголот на залетиштето е од 36 до 38 степени, кој агол потоа закривува во преминот кон отскочницата. Аголот на отскочницата, последниот дел на залетиштето, отскочницата, вообичаено изнесува 7 до 12 степени. Косината за приземјување е блага кривина која тесно го следи профилот на скијачкиот скок. Ова значи дека скокачот никогаш не е повеќе од околу 6 м над тлото. Скијачот ќе се приземји на косината за приземјување, а правилата им дозволуваат на скокачите да се приземјат до десет проценти подалеку од конструкциската точка. По косината за запирање е делот за запирање кој е рамен или дури нагорен, каде скијачот успорува и запира.[2] Вообичаено брзината на скијачот се мери околу 10 м пред отскочницата и истата достигнува до 95 km/h на големите скокалници и до 105 km/h на леталниците[3]

Поглед на спортскиот комплекс Раубичи од врвот на скокалницата, Белорусија

Во 2004 година, Меѓународната скијачка федерација за мерење на големината на скокалницата ја заменила конструкциската точка со големина на скокалницата.[4] Големината на скокалницата е должината од отскочницата во права линија до тлото и потоа долж косината за приземјување до точката на големина на скокалницата.[2] Точката на големината на скокалницата е пресметана на основа на техничките податоци на скокалницата базирано на радиусот, аголот на наклон и растојанието.[5] Конструкциската точка, пресметковната точка или К-точката е малку погоре каде што косината на приземјување е најстрма. Истата сè уште се користи за пресметка на поените за должина на скокот, кои заедно поените за стилот го одредуваат победникот на настанот.[6] Системот за бодирање дава 60 поени за скок до критичната точка за скокалниците до голема скокалница.[7] Кај леталниците, за скок на критичната точка се даваат 120 поени. Врз основа на должината на скокалницата, поените за должината на скокот се пресметуваат така што се додава поен за секој метар над критичната точка и се одзема за секој метар пократок од критичната точка. Кај помалите скокалници се даваат повеќе поени по метар.[6] Скокалниците исто така имаат линија на пад. Скокачот кој паѓа или на друг начин го допре тлото со телото после линијата на падот не добива негативни поени.[8]

Традиционално, должината на скокот била одредувана со луѓе поставени долж скокалницата кои сигнализирале каде се приземјил скокачот. Денес, истата се мери со напредни видео системи кои овозможуваат мерења со чекори од 0,5 метри.[9]


Поделба[уреди | уреди извор]

Категорија Конструкциска точка Големина на скокалницата[5]
Мала скокалница <45 <50
Средна скокалница 45–74 50–84
Нормална скокалница 75–99 85–109
Голема скокалница 100–169 110–184
Леталница ≥170 ≥185

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „скокалница“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. 2,0 2,1 Eastern Ski Jumping & Nordic Combined Foundation. „Facts about Ski Jumping hills“. Архивирано од изворникот на 17 март 2011. 
  3. Berkutschi.com. „Inrun speed“. 
  4. „Hoppbakkene bort fra K-punkt til HS-punkt“, 29 јуни 2004. (на Norwegian)
  5. 5,0 5,1 Berkutschi.com. „Hill size“. Архивирано од изворникот на 7 јули 2011. конс. 11 февруари 2011. 
  6. 6,0 6,1 Berkutschi.com. „Distance points“. Архивирано од изворникот на 7 јули 2011. 
  7. Berkutschi.com. „Calculation point (K-point)“. Архивирано од изворникот на 7 јули 2011. 
  8. Berkutschi.com. „Fall line“. 
  9. Berkutschi.com. „Distance measurement“. Архивирано од изворникот на 7 јули 2011. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]