Скии

Од Википедија — слободната енциклопедија
Три различни видови слаломски скии

Скии[1][2] или смучки[3] — пар пократки или подолги рамни штици кои се прикачени на различни начини за нозете на лице кое сака да ги користи за лизгање на мазна површина, обично покриена со снег. Скиите се користат за секаков вид скијање на снег или вода, иако истиот поим се користи за секоја друга примена на скии, кои можат да се користат на возила, авиони итн.

Видови скии[уреди | уреди извор]

Најпознати се скиите за алпски скијачки дисциплини. Овие скии во должина се движат од 1 до 2 метри, во зависност од дисциплината, возраста на скијачот, висината на скијачот итн. Ширината на скиите варира помеѓу 7-10 сантиметри, а вообичаено е врвовите и опашките да бидат малку пошироки од струкот на скијата. Скиите се дебели околу 1-2 сантиметри. Материјалот за производство традиционално бил дрво, но со развојот на технологијата, денес се користат разни поцврсти материјали како карбон, кевлар и разни други композитни материјали. Рабовите на скиите од долната страна обично се изработени од тврд метал за подобро прилепување на подлогата во кривини, а самата подлога е покриена со материјал на база на восок за помало триење со снежната површина. На горната страна на скијата има скијачки везови кои ја прицврстуваат ногата на скијачот за скијата. Скијачот користи специјални обувки кои имаат соодветно испакнување од двете страни на кои е прикачен везот. На алпските скии, ногата на скијачот е цврсто прицврстена за скијата по целата должина.

Во нордиското скијање се користат скии кои се значително потесни и подолги од алпските скии. Разликата е и во скијачкиот вез, кој кај овие скии не ја прицврстува ногата на скијачот со целото стапало цврсто за скијата, туку можно е да се подигне петицата додека прстите постојано се во контакт со скијата.

Скијачите кои се занимаваат со скијачки скокови користат многу долги (редовно над два и пол метри) и малку пошироки скии, а везот на нив овозможува и подигнување на петицата.

При скијање на вода, се користат прилично широки, но кратки скии. Тие скии најчесто ги користи скијачот бос, така што везот е приспособен за голо стапало и затоа е дизајниран значително поинаку од везовите за дисциплини на снег.

Наводи[уреди | уреди извор]