Пустина (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пустина
АвторЃорѓи Абаџиев
ЗемјаСР Македонија
Јазикмакедонски
Жанрроман
Издадена
1961

Пустина — историско-психолошки роман на македонскиот писател Ѓорѓи Абаџиев од 1961 година. Темата е земена од историјата, односно периодот пред Илинденското востание, пролетта 1903. Опишани се солунските атентаторигемиџиите, поточно внатрешната состојба на двајцата преживеани извршители на акциите — Арсо и Глигор. Идејата во романот е дека секој на свој начин треба да го плати долгот кон татковината. Авторот употребува дијалог, монологинтроспекција (влегување во сопствената внатрешност) и ретроспекција (враќање во минатото).[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот е составен од осум глави.

1. Презир[уреди | уреди извор]

На почетокот од романот се запознаваме со двата главни лика, Арсо и Глигор кои по атентатите се затворени, како и со филозофијата на гемиџиите:

„На хероите ликот им е чист само кога се мртви. Живите херои не се херои… Ние сме дојдени да не се согласуваме, ние сме создадени да го порекнуваме она што постои“.

Овие зборови храбро изречени од Глигор, ни го претставуваат како бунтовник, како човек кој не се помирува со својата и со судбината на татковината. Тој стои гордо, предизвикувачки ги гледа сите со своите живи костенливи очи, неговото тело е јадро, косата непокорна и дива. Неговата појава ги дразни сите присутни, а неговиот ироничен говор уште повеќе. Тој им вели:

„Се уплашивте? Вие сте многу. Ние сме останале само двајца. Сакавме само да ве подразниме, да го вознемириме вашиот сладок спокој, да фрлиме само камен во вашето блато, та луѓето што носат осетливи носеви да го сетат лошиот мирис… Само тоа. Што можеме ние друго?“

За разлика од него, Арсо е тивок, мирен, молчалив и само чека да помине целиот циркус (судењето), за конечно да дојде пресудата и смртта која ја ветил.

Преку судскиот процес кој е во тек, се запознаваме со акциите кои ги извршиле, за  потопувањето на францускиот брод „Викторија“, за разрушувањето на Отоманската банка и со казната што ја добиваат — смрт со бесење.

2. Реалност[уреди | уреди извор]

Во оваа глава е опишан затворскиот живот и правилата кои владеат таму. Авторот воведува нови ликови : Џемаил-ага, насилник и господар во затворот, кој од сите зема пари за заштита, а оние кои немаат да му дадат, ги убива. Тој може да избега од затворот, но не сака, бидејќи тука сите го почитуваат и се плашат од него за разлика од надвор, каде е презрен. (Тој имал многу жени, но по љубовта со нив, ги убивал и ги фрлал во море.) Патрокле е една од неговите жртви во затворот. Тој бил имотен трговец, кој за да си го зачува животот му дава пари на Џемаил-ага.

Арсо и Глигор се сосема спротивни ликови и физички и психички. Во затворот, Арсо постојано седи во некој агол, не сака да разговара со никого, сè му е здодевно, размислува, се навраќа на минатото, купува хашиш за да се самоубие и едвај чека да дојде судниот час.

Глигор, напротив, цело време е во движење, ги запознава сите во затворот, интересни му се туѓите животни приказни, ведар е, полн со живот и изнаоѓа начин да избегаат од затворот, но при бегството тој успева, а Арсо — не.

Во меѓувреме султанот ги амнестира и наместо смртна казна тие добиваат доживотен затвор.

3. Распнување[уреди | уреди извор]

Осамениот Арсо живее во минатото, опкружен со звуците од дворот на затворот. Се сеќава на сестра си Анѓа, на родителите кои не ни претпоставувале во што ќе се впушта, на ликовите од прочитаните книги на кои им завидува бидејќи тие ја бараат и ја наоѓаат смислата на своето постоење, за разлика од него.

4. Карпа[уреди | уреди извор]

Во четвртата глава преку сеќавањата на Арсо се прикажани подготовките на атентатите — копањето тунел од берберницата до банката.

При копањето наишле на водоводна цевка која ја совладуваат, па на карпа која речиси не може да се совлада, но Арсо бил посилен и од неа. Тогаш тој бил упорен, силен и истраен.

Арсо се сеќава и на својата девојка Ана, неговата платонска љубов кон неа и нејзината женственост и страст кои тој не сакал да ги задоволи за да не ја врзе за себе. (Според Глигор, таа е една обична жена која сака да биде задоволена и е навредена од односот на Арсо кон неа.)

5. Пак заедно[уреди | уреди извор]

Фатениот Глигор е повторно со Арсо и му раскажува за патешествието низ Сахара, за девојката Смарагда која го лекувала. Раскажува дека во бегството му помогнал чуварот Едип кој бил многу сиромашен и имал несреќна семејна судбина. Синот му бил осуден, а жена му и ќерките болни. Се наоѓал во вистински безизлез, но Глигор со својот оптимизам му помогнал и му ја вратил желбата за живот. Затоа тој го водел низ пустината, но при невреме, во една песочна бура Едип исчезнал.

Арсо се разболува, паѓа во бесознание и во своето бладање и халуцинации ги меша неговата девојка Ана и девојката на пустината Смарагда.

6. Жрепка[уреди | уреди извор]

Во оваа глава е опишано сеќавањето на Арсо на атентатот. Тој бил уапсен бидејќи излегол од зградата на банката пред да експлодира, но тоа го направил од хумани причини. Забележал семејство со дете кои не можел да не го спаси, ги фрлил последните бомби и не успеал да се самоубие.

7. Во детството[уреди | уреди извор]

Болниот Арсо оди уште подалеку во своите сеќавања — во своето детство. Тој бил многу добар и примерен ученик, а на една приредба се покажал и како многу надарен. Покрај тоа, му помагал на татка си во дуќанот, но шивачкиот занает не го привлекувал, па го пратиле во Солун да учи.

8. Излез[уреди | уреди извор]

Последната глава е враќање кон реалноста: Глигор решава да копа тунел од ќелијата за повторно да избегаат. Арсо не сака да учествува, тој е сосема паднат во духот. Со својата ведрина и оптизимам, Глигор го бодри, му вели дека тој ќе копа, дека задачата на Арсо е само да лежи врз дупката и да стражари, дека тој ќе му помага во сè.

Но, за Арсо нема бегање, неговиот излез е смртта — она што го ветил на другарите пред атентатите.

Затоа на крајот Арсо се обесува оставајќи на ѕидот мал траг од себе: „Тука згасна Арсо во лето 1903“, а Глигор бега преку ископаниот тунел кон француската граница и кон слободата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Ѓорѓи Абаџиев - Пустина (раскажана)“. Македонски јазик и литература. 2011-06-02. Посетено на 2023-08-15.