Прва книга Царства
„Прва книга Царства“ — книга од Стариот завет.
Содржина
[уреди | уреди извор]Еден човек има две жени од кои едната, Ана, е неплодна и поради тоа очајува. Еднаш, таа оди во светилиштето и го моли Бога да ѝ овозможи да роди машко дете, ветувајќи дека ќе му го посвети нему. Навистина, по некое време, таа забременува и го раѓа синот Самуил. Кога детето малку потпораснува, таа го остава во светилиштето за да му служи на Бога. Во тоа време, главен свештеник е Илиј кому му помагаат неговите два сина, но тие ја извршуваат службата лошо. Наспроти нив, на Самуил му се јавува Господ и тој се истакнува со својата служба, па народот го прифаќа како пророк. Во тоа време, Филистејците започнуваат војна против потомците на Израилот при што им нанесуваат тежок пораз. Во војната гинат двајцата нечесни сина на Илиј, а исто така, Филистејците го запленуваат ковчегот на заветот. Дознавајќи ја таа вест умира Илиј. Филистејците го ставаат ковчегот на заветот во својот храм, но Господ остро ги казнува, испраќајќи наезда на глувци и разни болести. Поради тоа, Филистејците го враќаат ковчегот назад, проследен со богати дарови. Дваесет години подоцна, Самуил го собира народот и се моли за нивниот спас. Тогаш, Филистејците повторно ги напаѓаат потомците на Израилот, но Господ ги поразува, а потоа Израилот успева целосно да се ослободи од ропството. За тоа време, Самуил служи како судија на Израилот, а кога остарува, таа служба ја продолжуваат неговите синови. Бидејќи тие ја вршат службата лошо, народот го замолува Самуил да им избере цар. Самуил се советува со Господ и им кажува на луѓето дека царот ќе им наметне бројни обврски, но тие и понатаму остануваат на своето барање. Во тоа време, Саул, млад и убав човек од Венијаминовото племе, случајно се среќава со Самуил кого, пак, Господ го известува дека го избрал Саул за цар на Израилот. Самуил му ја кажува на Саул божјата намера, а потоа пред целиот народ го прогласува за цар. Набргу, Саул ја извојува првата победа над непријателите, а Самуил се повлекува од судиската служба. Една година подоцна, Саул ги напаѓа Филистејците и тие почнуваат војна против Евреите, а народот бега и се крие на разни места. Саул и неговиот син Јонатан ги победуваат Филистејците, а потоа Саул ја зацврстува својата власт и успешно војува против околните народи. Во една војна, наспроти Сауловата наредба, народот зема богат плен од поразените противници и поради тоа Самуил го укорува Саула. Тогаш, Господ се кае поради поставувањето на Саул за цар и се свртува против него.[1]
По налог на Бога, Самуил оди во Витлеем за да го пронајде новиот цар избран од Бога, а тоа е Давид, најмалиот син на Јесеј. По некое време, Давид стапува во служба кај царот Саул, свирејќи му за да му го подобри расположението. Во тоа време, Филистејците повторно започнуваат војна против Евреите. Нивниот насилен војник, Голијат, ги предизвикува еврејските војници на двобој, но никој нема храброст да му се спротивстави. Во една прилика, младиот Давид ги посетува своите браќа во воениот логор и се пријавува за борба против Голијат кого го убива така што го погаѓа со камен во челото, а потоа му ја отсекува главата и ја носи кај царот Саул. По тој подвиг, Давид станува славен, а тоа предизвикува завист и омраза кај Саул. Од друга страна, неговито син Јонатан се спријателува со Давид. Поради храброста, Давид е назначен за воен старешина при што многу се истакнува со својата работа и станува омилен кај народот. Саул му ја нуди на Давид едната ќерка за жена, но тој ја одбива понудата поради своето скромно потекло. Тогаш, Саул го испраќа во борба против Филистејците, надевајќи се дека ќе погине, но Давид повторно ги победува непријателите, па Саул му ја дава втората ќерка за жена. Но, и покрај тоа, Саул се обидува неколкупати да го убие, но тој се крие потпомогнат од Јонатан. Потоа, Давид се крие на разни места, а Саул постојано го прогонува, убивајќи ги оние кои му помагаат на Давид. Најпосле, Саул влегува во една пештера во која се крие Давид со неговите приврзаници. Тогаш, Давид има прилика да го убие Саул, но се смилува и му го поклонува животот. Така, Саул го увидува своето зло и се покајува, молејќи го Давид да го поштеди неговото потомство. По некое време умира Самуил. Давид, пак, си зема две жени, додека неговата прва жена, Сауловата ќерка, се премажува. Саул повторно започнува да го гони Давид, кој во една прилика влегува во воениот логор и на Саул му го зема копјето. Така, Саул е уште еднаш посрамен, а Давид, пак, за да се спаси до Сауловиот прогон, се населува во земјата на Филистејците, каде што тамошниот владетел го зема под своја заштита. Кога Филистејците започнуваат војна против Израилот, Саул оди кај една гатачка и таму зборува со духот на Самуил, кој му кажува дека ќе биде поразен и дека царството ќе го наследи Давид. Во редовите на филистејската војска се нааоѓа и Давид, но царот не му дозволува да се бори. Кога Давид се враќа назад, го затекнува својот град уништен и ограбен, а непријателот ги запленил и неговите две жени. Давид ги уништува злосторниците и си ги враќа жените, заедно со другиот плен. Најпосле, Филистејците ја поразуваат војската на Израилот. Во борбата се убиени трите сина на Саул, а тој се убива за да не падне во рацете на непријателот. Потоа, Филистејците му ја отсекуваат главата и ја носат во своето светилиште, но народот го зема неговото тело и го пали, а коските ги погребува.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 300-317.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 317-335.