Прва книга Паралипоменон

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Прва книга Паралипоменон (Летописи)“ — книга од Стариот завет.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата започнува со попис на машките лица, почнувајќи од Адам, преку Аврам и Исак, и продолжувајќи со нивните потомци. Потоа е даден списокот на Едомските цареви кои владееле пред појавата на првиот цар на Израилевите племиња. Во продолжение, пописот продолжува со потомците на Јаков и на Јуда, на потомците на царот Давид и на јудејските цареви. Исто така, во книгата се наведени потомците на Јуда и на Симеон, на Рувим (првиот син на Аврам), на Гад, припадниците на Манасиевото племе, потомците на Леви и на Аврам заедно со градовите што им биле доделени, потомците на останатите синови на Јаков, потомците на Венијамин и на Саул, како и жителите на Ерусалим и на Гаваон.[1]

Филистејците започнуваат војна против Израилците и во борбата ги убиваат тројцата сина на царот Саул. Тој, пак, е тешко ранет и се убива за да не падне во рацете на непријателот. Филистејците му ја отсекуваат главата, додека Израилците ги погребуваат неговите коски. Потоа, старешините на Израилевите племиња се собираат во Хеврон и го прогласуваат Давид за нов цар. Набргу, царот Давид го освојува Сион се населува таму поради што градот е наречен Давидов град. Со помош на Господ, Давид напредува и се стекнува со голема слава. Нему му помагаат 30 храбри воини и му се придружуваат илјадници војници од сите Израилеви племиња, а Јоав е главниот воен старешина. Откако ги поразува Филистејците, царот Давид го пренесува ковчегот на заветот во Сион, придружуван од народот и во таа прилика испева псалма во слава на Бога. По пренесувањето на ковчегот, тој има намера да изгради божји храм, меѓутоа Господ, со посредство на пророкот Натан, го одвраќа од немерата, оставајќи ја таа работа за неговиот наследник.[2]

Царот Давид успешно војува против околните народи, освојувајќи богат плен така што се здобива со голема слава. Меѓутоа, кога му наложува на Јоав да го преброи народот, Господ се разлутува и му нуди да си избере една од следниве три казни: тригодишен глад во земјата, тримесечно прогонување од неговите непријатели или тридневен помор. Давид ја избира третата казна и Господ испраќа ангел кој убива 70 000 луѓе. Најпосле, Господ се смилува и царот Давид му подига жртвеник. Потоа, тој собира материјали потребни за изградба на божји храм и му дава завет на својот син Соломон да го изгради храмот. Кога остарува, царот Давид дава наредба да се пребројат левитите и да се распоредат во божјата служба, а исто така, ги распоредува и потомците на Арон, кои служат како свештеници во скинијата, опредлеува и пејачи на свештени песни и ги распоредува другите служители во скинијата. Во овој дел од книгата е даден и списокот на старешините на Израилевите племиња, на воените старешини и на другите државни службеници во служба на царот Давид. Најпосле, царот Давид ги собира Израилевите старешини и го прогласува Соломон за свој наследник, давајќи му ги нацртите за божјиот храм. Притоа, како Давид така и старешините на племињата даваат големи прилози (злато, сребро, бакар и железо) за изградбата на храмот. Најпосле, Давид умира во длабока старост.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 435-446.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 446-454.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 454-466.