Полиплоидија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Како настанува полиплоидијата: Една диплоидна клетка подлежи на дефектна мејоза, при што дава диплоидни полови клетки, кои доколку се спојат ќе произведат тетраплоиден зигот.

Полиплоидијата претставува промена (односно мутација) во плоидноста на една или повеќе клетки, при што се додаваат еден или повеќе хромозоми на диплоидниот пар од хомологни хромозоми.

Еукариотските хромозоми доаѓаат во парови. Телесните (соматски) клетки обично имаат диплоиден хромозомски број, кој се означува 2n. Во диплоидна состојба хромозомите се поредени во парови, каде секој поединечен хромозом од парот е наследен од еден од родителите. Доколку диплоидниот број се подели на половина, тогаш се добива хаплоидниот (половичен) број на хромозоми (n). Хаплоидниот број на хромозми е карактеристичен за половите клетки - гамети. Секој вид си има карактеристичен за себе диплоиден број на хромозоми. Така, диплоидниот број на човекот изнесува 46, односно 2n=46. Меѓутоа, човечките сперматозоиди и јајце-клетки имаат хаплоиден број од 23, односно n=23. Тој се добива со мејоза, односно клеточна делба при која се редуцира диплоидниот број на клетките на герминативниот епител во хаплоиден. Но, во одредени случаи, при дефектна митоза (кога настанува дуплирање на хромозомите) или при дефектна мејоза (кога настанува нераздвојување на хроматидите), еден организам може да има повеќе од еден или повеќе хромозоми во хромозомскиот пар. Оваа појава се нарекува полиплоидија.

Една од причините за полиплоидијата може да биде полиспермијата. Доколку два сперматозоида оплодат една јајце-клетка, добиениот зигот ќе има еден хромозом повеќе во сите хромозомски парови, односно ќе има триплоиден број на истите (3n). Доколку оваа појава се случи кај човечки организам, тогаш телесните клетки би имале 3n=69, бидејќи на диплоидниот (нормален) број му се додаваат уште 23 хромозоми од вториот сперматозоид. Триплоидијата кај луѓето и повеќето други животни е некомпатибилна со живот - триплоидните единки не успеваат да преживеат или, пак, преживуваат само првите неколку денови по раѓањето. За разлика од животните, полиплоидијата е далеку почеста кај растенијата, кај кои полиплоидните форми најчесто преживуваат и даваат многу поголеми клетки и растителни органи. Клетките на папратите се често во полиплоидна состојба и можат да имаат и до 1.500 хромозоми. Ова е случај и со некои култивирани житарици. Видот на полиплоидијата се означува според бројот на хромозоми кои се додадени на нормалниот диплоиден број во клеточното јадро:

  • триплоид (3n), со еден хромозом повеќе во парот, како кај тардиградите;
  • тетраплоид (4n), со два хромозоми повеќе во парот, како лососовите риби;
  • пентаплоид (5n), со три хромозоми повеќе во парот;
  • хексаплоид (6n), со четири хромозоми повеќе во парот, како пченицата и кивито;
  • октоплоид (8n), со шест хромозоми повеќе во парот, како рибата Acipenser;
  • декаплоид (10n), со осум хромозоми повеќе во парот, како некои јагоди;
  • додекаплоид (12n), со десет хромозоми повеќе во парот, како растението Celosia argentea

Видете го и следното[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]