Мејоза

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Мејозата (од грч. meion - намалува) или редукциона делба е клеточна делба која се одвива само кај некои клетки, а се врши во текот на спорогенезата кај растенијата и гаметогенезата кај животните, при што овозможува создавање спори, односно гамети.

Како резултат на мејозата, во едно диплоидно клеточно јадро (2n) се создаваат четири хаплоидни (n), генетски различни јадра. Во случај да отсуствува мејозата, половите клетки (и спорите) би содржеле ист број хромозоми како и телесните. Со тоа, по неколку генерации многу би се зголемил бројот на хромозоми. Меѓутоа, ваква појава во природата нема бидејќи пред или при создавањето на половите клетки (или спорите), јадрото на одделни клетки во спорогеното ткиво на прашниците и плодникот (кај растенијата) и во половите жлезди (кај животните), наречени мејоцити, се дели со мејоза. Добиените јадра како јадра на гаметите или спорите имаат редуциран број хромозоми (n), од каде доаѓа и другото име на мејозата - редукциона делба.

Биолошкото значење на мејозата не е само во намалувањето (редуцирањето) на бројот на хромозомите на половина, туку и размена на генетичкиот материјал меѓу хромозомите на двата родители, што има за последица создавање нови единки со различни наследни својства.

Фази на мејозата[уреди]

Процесот на кросинговер, карактеристичен за мејозата.

Процесот мејоза се состои од мејоза 1 и мејоза 2, кои се разликуваат по првата фаза т.н. интерфаза, која е присутна само во мејоза 1, додека во мејоза 2 таа изостанува.

Интерфаза[уреди]

Интерфазата е фаза во која клетката се приготвува за делба. Таа опфаќа 3 периоди, и тоа предсинтетички во кој клетката расте, синтетички С во кој настанува репликација на ДНК и од еднохроматидни хромозомите преминуваат во двохроматидни и постсинтетички период Г2. Потоа следува делба на јадрото .

Мејоза 1[уреди]

Мејозата 1 опфаќа 4 фази и тоа : профаза 1, метафаза 1, анафаза 1 и телофаза 1.

Профазата 1 трае 5 часа и се смета за најдолга. Се состои од рана профаза (во која припаѓаат потпериодите лептотен, зиготен и пахитен) и доцна профаза (каде припаѓаат диплотен и дијакинеза).

Во профаза 1 хромозомите се спирализираат, скусуваат и задебелуваат. Во раната профаза се во форма на тенки нишки. Во лептотен хромозомите се кончевидни (видливи или невидливи) и се придвижуваат барајќи хомологни хромозоми. Откако ќе се пронајдат хомологните хромозоми следи зиготен во кој тие се налолжно сврзани, притоа образувајќи синаптички комплекс наречен бивалент. Тој се состои од 2 хомологни хромозоми (4 хроматиди и 2 центромери). Во оваа фаза се формираат хијазмите. Во пахитен настанива реципрочна размена на наследниот материјал и настанува кросинговерот (во хијазмите) кој секогаш настанува меѓу несестринските хроматиди. Во четвртата фаза т.е диплотен 1, доаѓа до раздвојување на горните и долните делови на хромозомите така што остануваат сврзани во средишниот дел (во хијазмите). Дијакинеза 1 или последната фаза - се губат јадренцата и јадрената мембрана и се гормира делбеното вретено. По формирањето на вретеното започнува метафаза 1.

Во метафаза 1 хромозомите се најспирализирани и дебели; центромерите се сврзани со нишките од делбеното вретено, на крајот од фазата врските во хијазмите се раскинати.

Анафаза 1 - хромозомите (двохроматидни) се движат кон половите од делбеното вретено и се издолжуваат. Штом ќе дојдат на половите почнува телофаза 1 каде што се губи делбеното вретено и повторно се формираат јадренцата и јадрената мембрана. Сега се добиени две нови клетки кои може понатаму да се делат или да мируваат.

Мејоза 2[уреди]

Мејозата 2 опфаќа 4 фази исто како и мејоза 1, и тоа: профаза 2, метафаза 2, анафаза 2 и телофаза 2. Во мејоза 2 отсуствува репликација меѓу двете делби. Сестринските хроматиди сè уште се поврзани преку центромерот. Постапките се одвиваат исто како и кај мејоза 1, разликата е во тоа што кај мејоза 1 во метафаза 1 хромозомите се еднохроматидни, а во мејоза 2 се двохроматидни. Исто така и кај телофазата 2, во мејоза 1 се добиваат 2 нови клетки, а во мејоза 2 се добиваат 4 нови клетки.

Шематски приказ на процесот мејоза. На лево е мејоза 1, на десно мејоза 2.

Надворешни врски[уреди]