Покриена каматна арбитража

Од Википедија — слободната енциклопедија

Покриена каматна арбитража (англиски: Covered Interest Arbitrage) претставува арбитража која се спроведува истовремено на пазарот на пари и на девизниот пазар. Таа вклучува земање заем во една валута, наречена „валута на финансирање“ (funding currency), и давање заем во друга валута, наречена „целна валута“ (target currency). Притоа, за заштита од девизниот ризик се употребува девизен курс со идна испорака (forward rate).

Спроведување на покриена каматна арбитража[уреди | уреди извор]

Дијаграм на покриена каматна арбитража на девизниот пазар

На пример, ако денешниот курс на фунтата изнесува 1,50 долари, а курсот со идна испорака изнесува 1,46 долари; ако каматната стапка на доларите изнесува 4 %, а на фунтите 8 %, тогаш може да се спроведе покриена каматна арбитража со цел да се искористи разликата меѓу каматните стапки на двете валути. На пример, се позајмуваат 1 500 долари по каматната стапка од 4 %; доларите веднаш ќе се претворат во фунти по сегашниот девизен курс, со што се добиваат 1 000 фунти (15 000 долари / 1,50); фунтите веднаш се даваат на заем по каматната стапка од 8 % и за една година се остваруваат 1 080 фунти (првичниот износ плус каматата); по истекот на рокот, фунтите се претвораат во долари по курсот со идна испорака, со што се добиваат 1 576,80 долари (1 080 х 1,46); на тој начин, се почнува со 1 500 долари, а се завршува со 1 576, 80 долари, што овозможува да се врати земениот заем заедно со каматата (1 500 долари плус 60 долари на име камата, т.е. 1560 долари) и да се оствари чиста заработка од 16,80 долари. Овие сложени трансакции целосно ги задоволуваат условите на арбитражата: сегашниот и идниот девизен курс, како и двете каматни стапки се познати однапред, т.е. нема никаков ризик, сите трансакции се извршуваат истовремено и меѓусебно се пребиваат и инвеститорот не ангажира никаков капитал. Притоа, ако се земе на заем домашната валута, заработката од покриената каматна арбитража може да се пресмета на следниов начин:[1]

заработка = 1S x (1 + rf) x F - (1 + r), каде: S - сегашен девизен курс, F - девизен курс со идна испорака, r - домашна каматна стапка, rf - странска каматна стапка

Ако, пак, најпрвин се зема заем во странската валута, заработката од арбитражата се пресметува со следнава формула:

заработка = S x (1 + r) x 1F - (1 + rf), каде: S - сегашен девизен курс, F - девизен курс со идна испорака, r - домашна каматна стапка, rf - странска каматна стапка

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 116-118.