Прејди на содржината

Повест за опсадата на Лисабон

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Повест за опсадата на Лисабон“ (португалски: História do cerco de Lisboa) — роман на португалскиот писател Жозе Сарамаго од 1989 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

На почетокот на романот, авторот на една историска книга разговара со коректорот, кој е без големо образование, но сепак во текот на разговорот кажува повеќе остроумни забелешки за животот, за историјата и за книжевноста.[1]

Коректорот се вика Рајмундо Силва, 50-годишен самец кој живее во мал стан во Лисабон. Тој ги внесува последните поправки во книгата во која се опишува опсадата на Лисабон кој во тоа време бил под маварска власт. Бидејќи од издавачката куќа бараат ракописот да биде веднаш предаден за печатење, Рајмундо останува цела ноќ буден, работејќи на ракописот. Иако отсекогаш цврсто се придржува кон правилата на коректурата кои забрануваат коректорот да се меша во смислата на ракописот, тој ненадејно решава целосно да го преправи значењето на една реченица во книгата. Имено, Рајмундо ја преправа реченицата во која се кажува дека крстоносците го прифаќаат барањето да му помогнат на португалскиот крал во опсадата на Лисабон и самоволно пишува дека тие не му помогнале на кралот. Притиснет од чувството на вина, изутрината, тој ѓета по уличките на стариот дел на Лисабон, замислувајќи го распоредот на тврдината од времето на опсадата, а истовремено стравува од реакцијата на издавачката куќа. Две недели подоцна, издавачот на книгата го открива престапот и Рајмундо е повикан на состанок со раководните луѓе на којшто е присутна и новата уредничка, надлежна за контрола на коректорите. Раководителите му простуваат за престапот, а тој испраќа писмо со извинување до авторот на книгата. Утредента, уредничката, која се вика Марија Сара, го кани на состанок на којшто му го искажува својот восхит од рецензиите на книгите кои во минатото ги пишувал Рајмундо и му предлага да напише својата верзија на Повеста за одбраната на Лисабон. Мислејќи дека Марија му се потсмева, Рајмундо го одбива предлогот. Меѓутоа, утредента, тој започнува да пишува, но без успех, зашто никако не може да ја започне приказната. Обесхрабрен, тој ја посетува старата тврдина во Лисабон и таму наеднаш добива идеја за причината поради која крстоносците одбиле да помогнат во опсадата на градот.[2]

Така, Рајмундо ја опишува средбата меѓу португалскиот крал и крстоносците при што кралот им раскажува за чудото што се случило пред некоја битка, кога му се појавил Исус Христос кој му ветил победа во битката и благосостојба на неговите наследници и на португалскиот народ. Но, и покрај тоа, крстоносците одлучуваат да си заминат без да му помогнат на кралот, а со него остануваат само неколкумина витези. Утредента, жителите на Лисабон од тврдината го слават заминувањето на бродовите со крстоносците, а само муезинот е внимателен и загрижен поради присуството на португалската војска. Рајмундо повторно има краток состанок со Марија Сара, која му нуди да го превезе дома.[3]

Во повеста за опсадата, португалскиот крал испраќа делегација која пред портата на Лисабон бара од Маврите да го предадат градот, но тие го одвиваат барањето, подготвени да се борат. Рајмундо воведува нов лик во својата повест – војникот Мугајме, кој учествувал во друга опсада и чии ставови се разликуваат од оние на другите војници. Додека течат подготовките за опсадата на Лисабон, тој се заљубува во Ороана, поранешната љубовница на крстоносецот Хајнрих. При една посета на издавачката куќа, Рајмундо дознава дека Марија Сара е болна. Тој го дознава нејзиниот телефонски број, но нема храброст да ѝ се јави, а кога се враќа дома, дознава дека таа веќе го барала него. Утредента, тој собира храброст и ѝ се јавува на Марија Сара, а за време на разговорот двајцата ја признаваат својата заљубеност. Веднаш по телефонскиот разговор, Рајмундо купува бели рози од кои две задржува за себе, а две ѝ ги испраќа нејзе.[4]

Набргу, португалската војска го напаѓа предградието на Лисабон, кое се наоѓа надвор од тврдината при што ја запленува маварската залиха на храна. Потоа, војската извршува напад на една од градските порти, но без успех, по што кралот ја одобрува изградбата на опсадни кули. Бидејќи Хајнрих ја зема Ороана со себе на бојното поле, Мугајме има можност често да биде во нејзина близина. Набргу, Хајнрих погинува при поставувањето на опсадната кула, која се распаѓа пред да биде употребена во нападот на тврдината. По неговата смрт, во воениот логор се случуваат неколку чуда. Ороана преживува работејќи како перачка, а Мугајме постојано ја следи. Еден ден, тој ѝ пристапува нудејќи ѝ заеднички живот и таа останува со него. Од почетокот на опсадата минуваат два месеца, а кралот доцни со исплатат на војниците, кои почнуваат да негодуваат поради што опаѓа борбениот морал. Како еден од водачите на незадоволните војници, Мугајме разговара со кралот кој најпосле е принуден да отстапи, нудејќи им на војниците дел од богатството што ќе биде запленето во Лисабон. Во тоа време, во опсадениот град владее глад, а Маврите се очајни и исцрпени. Најпосле, португалската војска го освојува градот, а вечерта, додека муезинот ги повикува верниците на молитва, еден португалски војник му ја сече главата. Откако Марија Сара закрепнува од болеста, таа го посетува Рајмундо во неговиот дом и тогаш страсно се бакнуваат, а утредента преспива кај него при што водат љубов. Кога го завршува ракописот на Опсадата на Лисабон, Рајмундо легнува во прегратката на Марија Сара со верба за среќен заеднички живот.[5]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во рецензијата на книгата, списанието Publishers Weekly пишува: „Сарамаго ја развива својата омилена тема дека историјата е облик на фикција, селективно преуредување на фактите. Со помош на романескната постапка на текот на свеста, барокниот стил, долгите реченици и посебниот правопис, оваа хипнотичка приказна е блескав водич низ историјата, јазикот и фантазијата од перото на еден од најзначајните писатели на 20. век.“[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Saramago, Povest o opsadi Lisabona. Beograd: Laguna, 2021, стр. 9-15.
  2. Saramago, Povest o opsadi Lisabona. Beograd: Laguna, 2021, стр. 16-135.
  3. Saramago, Povest o opsadi Lisabona. Beograd: Laguna, 2021, стр. 136-194.
  4. Saramago, Povest o opsadi Lisabona. Beograd: Laguna, 2021, стр. 195-246.
  5. Saramago, Povest o opsadi Lisabona. Beograd: Laguna, 2021, стр. 247-348.
  6. Saramago, Povest o opsadi Lisabona. Beograd: Laguna, 2021.